Ајфеловата кула во Париз е затворена поради штрајк на вработените, откако, според наводите на синдикатот, вработени жени биле отстранети од своите работни места за време на приватна посета на хиндуистичка делегација, што предизвика остри реакции во јавноста и кај градските власти.
Според синдикатот ЦГТ, управата за време на посетата на околу сто членови на делегацијата го прифатила барањето интеракцијата со жените да се сведе на минимум, поради што некои вработени жени биле отстранети од работните места, заменети со машки колеги или упатени во други простории, пренесува „Франс 24“.
Поради тоа, вработените стапиле во штрајк, оценувајќи дека жените биле „маргинализирани, заменети и направени невидливи само поради нивниот пол“.
Компанијата СЕТЕ, која управува со Ајфеловата кула во име на градот Париз, соопшти дека делегацијата побарала посетата да биде организирана на начин со кој ќе се ограничи контактот со жените, но призна дека таквите услови не смееле да бидат прифатени.
„Овие услови не смееле да бидат прифатени и не се во согласност со вредностите на СЕТЕ, ниту со принципите на еднаквост меѓу жените и мажите“, навела компанијата.
Претседателот на компанијата СЕТЕ, Ариел Вајл, изјавил дека станува збор за неприфатлива практика и порача дека ќе бидат утврдени сите околности на инцидентот.
Штрајкот го поддржале и градските власти на Париз. Градоначалникот Емануел Грегоар оценил дека е неприфатливо вработените жени да бидат отстранети од работните места поради нивниот пол и најавил истрага за целиот случај.
Делегацијата на организацијата БАПС престојувала во Франција по повод отворањето на голем хиндуистички храм во близина на Париз. Организацијата подоцна изразила жалење поради настанатата ситуација, наведувајќи дека сериозно ги сфаќа реакциите што ги предизвикал инцидентот.