Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров упати остра порака до Бугарија од Делфи форумот, оценувајќи дека стратегијата на Софија довела до „најлоши односи меѓу двете земји што некогаш сме ги имале“.
Реагирајќи на провокација од бугарски претставник од публиката дека Македонија нема друг избор освен да го прифати компромисот од 2022 година, Димитров возврати дека „нема компромис, туку пакет кој не донесе решение“.
„Прашањето не е решено. Бугарија на сите анкети кај нас е најголем непријател. Дали навистина тоа го сакате? Знаете што рекол Черчил – колку и да мислите дека ви е добра стратегијата, не е лошо одвреме-навреме да си ги погледнете резултатите. А резултатите од вашата стратегија се тажни“, изјави Димитров.
Тој нагласи дека вистински компромис подразбира незадоволство кај двете страни, а не ситуација во која „едната страна е еуфорична и слави“.
Дебатата се отвори откако грчката професорка Марилена Копа повика Грција поактивно да се вклучи како медијатор во надминување на спорот меѓу Скопје и Софија, оценувајќи дека Атина не прави доволно за поддршка на Македонија на европскиот пат.
Ова предизвика реакција од бугарски претставник, кој тврдеше дека прашањето е затворено и дека Македонија треба да ги исполни преземените обврски.
Димитров, говорејќи на панелот за безбедноста во источното соседство на Европа, оцени дека процесот на проширување на Европската Унија има сериозен проблем со кредибилитетот.
„Ние сме кандидат од 2005 година, а денес не сме поблиску од тогаш. Процесот беше маргинализиран, а сега повторно е актуелен поради Украина и безбедносниот контекст“, рече тој.
Тој додаде дека Европа има интерес да ја интегрира Украина, но прашањето е дали ќе успее да ги исполни очекувањата, нагласувајќи дека земјите од регионот можат да придонесат со своето искуство во управување со долгиот и неизвесен процес.
Делфи форумот важи за една од најголемите меѓународни конференции во Европа, со учество на илјадници претставници од политиката, бизнисот, академската заедница и медиумите.