Додека Иран влегува во четвртата недела од војната со САД и Израел, од внатрешноста на системот излегуваат ретки и искрени сведоштва – преку дневникот што го води синот на претседателот, Јусеф Пезешкијан.
Во записите објавени на социјалните мрежи, 44-годишниот советник на претседателот нуди невообичаен увид во атмосферата зад затворените врати – далеку од официјалниот наратив на пркос и контрола.
„Мислам дека некои политичари паничат“, пишува тој во еден од првите денови од војната, додавајќи дека народот покажува поголема издржливост од дел од политичкиот врв.
Дневникот открива и длабоки несогласувања во раководството. Клучното прашање, според него, е – колку долго да трае војната.
„Дали да се бориме засекогаш? Додека Иран не стане рушевина? Мора да ги разгледаме сите сценарија“, наведува Пезешкијан.
Во меѓувреме, серијата таргетирани ликвидации од страна на САД и Израел го потресе врвот на иранската власт. Убиствата на високи функционери ја отворија дилемата – кој навистина управува со државата.
Според повеќе извори, управувањето е префрлено на неформален колективен модел, во кој клучна улога имаат командантите на Исламската револуционерна гарда, додека цивилното раководство се занимава со оперативното функционирање.
Отсуството на јавни појавувања на новиот врховен лидер дополнително ги засилува сомнежите за стабилноста на системот.
Пезешкијан во дневникот не го крие ниту личниот страв – за својот татко, за семејството, но и за иднината на државата. Во еден од најинтимните записи признава дека, по речиси три недели војна, конечно „се скршил и плачел“.
Паралелно со високата политика, неговите записи се мешавина од секојдневие и војна – од играње со децата и семејни моменти, до страв од можни атентати и сомнежи дека дури и обични покани можат да бидат замка.
Особено загрижувачки е делот каде предупредува дека нападите врз американски бази во арапски земји можат да се свртат против Иран и да го изолираат дополнително.
„Тажно е што за да се браниме, мора да напаѓаме во пријателски земји“, пишува тој.
И покрај официјалната реторика за контрола и отпор, дневникот открива нешто сосема друго – систем под притисок, со внатрешни пукнатини, страв и неизвесност.
Прашањето што останува е – дали ваквата структура може да издржи долгорочен конфликт или токму внатрешните слабости ќе бидат пресудни.