Русија повторно лансира дронови и ракети кои минуваат во непосредна близина на нуклеарни постројки во Украина, вклучително и околу поранешната електрана во Чернобил, предупреди главниот украински државен обвинител Руслан Кравченко.
Според него, регистрирани се најмалку 35 хиперсонични ракети „Кинжал“ кои летале на растојание помало од 20 километри од Чернобил или нуклеарната електрана Хмељницки, при што 18 од нив поминале близу до двете локации во ист лет.
„За вакви лансирања нема воено оправдување. Очигледно е дека се користат исклучиво за застрашување и терор“, наведува Кравченко.
Дополнително, украинските власти тврдат дека од средината на 2024 година се регистрирани најмалку 92 дронови кои летале во радиус од пет километри од заштитниот саркофаг во Чернобил, кој го спречува ширењето на радијацијата од уништениот реактор.
Во три случаи, ракети паднале во близина на електраната Хмељницки, на оддалеченост од околу десет километри, без јасни причини за падот.
Меѓународната агенција за атомска енергија изрази сериозна загриженост за воените активности во близина на нуклеарните објекти, повикувајќи на максимална воздржаност за да се избегне нуклеарна несреќа.
Украинските власти сметаат дека ваквите летови се дел од стратегија за избегнување на противвоздушната одбрана, но и средство за психолошки притисок, со потенцијално сериозни последици за безбедноста не само во Украина, туку и во Европа.