Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција во Собранието порача дека носителите на извршни функции не треба да имаат повеќе државјанства, оценувајќи дека тоа е прашање на политичка одговорност и доверба кај граѓаните, соопштија од СДСМ.
Тој, одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека пратеничката група на СДСМ предлага законски измени со кои би се утврдило дека министрите во Владата мора да имаат само едно државјанство, стои во соопштението.
„Ние кажуваме дека мора да има едно државјанство за носителите на функции во Владата и тоа е нашиот предлог“, изјави Филипче.
Тој додаде дека СДСМ поднесува и амандмани на предлог-законските решенија од ВМРО-ДПМНЕ, со цел, како што рече, да се прецизира дали истите ќе важат за актуелниот парламентарен состав.
Филипче нагласи дека суштината на предлогот е во политичката одговорност и довербата, а не само во формалните механизми за спроведување, стои во соопштението.
„Не може министри во Влада да имаат резервна татковина. Не може министер во Влада да има државјанство во друга држава. За чии интереси работат тие луѓе?“, рече Филипче.