Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција упати остри критики кон премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека ги предал македонските национални интереси и ја турка земјата кон изолација.
Филипче оцени дека изјавите на Мицкоски за можноста Македонија да чека со децении за членство во Европската Унија се доказ за, како што рече, погрешна и штетна политика.
„Со Мицкоски и неговата организирана криминална група нема членство во ЕУ. Тоа значи децении сиромаштија, засилено иселување на младите и загубени генерации“, изјави Филипче.
Тој обвини дека власта работи во интерес на странски центри, наведувајќи дека, според него, државата се оттурнува од европскиот пат.
„Мицкоски ја турка земјата во изолација и работи за странски интереси – од српски, унгарски, па сè до руски“, рече Филипче, додавајќи дека власта создава услови за, како што наведе, криминал и корупција без контрола.
Во обраќањето, лидерот на СДСМ потенцираше дека членството во Европската Унија значи економски напредок, повисок животен стандард и пристап до значајни финансиски средства.
„Немаме децении за губење. Тоа се нашите животи и иднината на нашите деца. Македонија е создадена да оди напред, а не да чека и да тоне во неизвесност“, изјави тој.
Филипче најави дека СДСМ и коалициските партнери ќе се спротивстават на, како што рече, ваквите политики и ќе ја водат борбата за европска Македонија.
„Ќе ја вратиме државата на европскиот колосек. Како што ја внесовме во НАТО, така ќе ја внесеме и во Европската Унија“, порача Филипче.