Иран најави дека ќе ги таргетира енергетските капацитети и постројките за десалинизација во регионот доколку САД ги реализираат заканите за уништување на иранските електрани.
Во изјава пренесена од државната агенција, портпаролот на оперативната команда на иранската војска „Хатам ал-Анбија“ порача дека одговорот ќе биде директен и широк.
„Ако непријателот ја нападне иранската нафтена и енергетска инфраструктура, цел ќе бидат сите енергетски, информативни и постројки за десалинизација што им припаѓаат на САД и на режимот во регионот“, изјави тој, без да прецизира на кој „режим“ се однесува.
Заканата доаѓа по ултиматумот од американскиот претседател Доналд Трамп, кој му даде рок од 48 часа на Техеран да го отвори Ормутскиот Теснец за поморски сообраќај, во спротивно ќе следува уништување на иранските електрани.
Ескалацијата следи по иранските ракетни напади врз југот на Израел, при што беа погодени градовите Арад и Димона – вториот во близина на стратешки нуклеарен истражувачки центар. Во нападите беа повредени повеќе од 100 лица, од кои дел со тешки повреди, а причинета е значителна материјална штета.
Иако не станува збор за најсмртоносен напад, неговиот обем и ефектот врз инфраструктурата го прават еден од најсериозните досега во текот на конфликтот.
Заканата со напади врз постројки за десалинизација дополнително ја зголемува загриженоста, имајќи предвид дека токму тие капацитети се клучни за снабдување со вода во голем дел од земјите во Персискиот Залив.