Министерството за здравство го објави предлог-законот за медицински средства на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), со што официјално започна јавната расправа за ова важно законско решение, дел од пошироките реформи во здравствениот сектор.
Со новиот закон, областа на медицинските средства за првпат се издвојува од досегашниот заеднички закон за лекови и медицински средства, со цел воспоставување попрецизна, современа и пофункционална регулаторна рамка.
Предлог-законот предвидува усогласување со европските регулативи 2017/745 и 2017/746, како и воведување појасни правила за производство, испитување, увоз, дистрибуција, контрола и употреба на медицинските средства.
Една од клучните новини е дигитализацијата на постапките, преку унапредување на електронските услуги, побрза обработка на документацијата и поефикасно постапување на институциите.
Законот содржи и решенија за повисоко ниво на правна сигурност и заштита при клиничките испитувања, со акцент на правата, безбедноста и достоинството на испитаниците.
Министерот за здравство, Азир Алиу, истакна дека станува збор за значаен чекор кон модернизација и европско усогласување на здравствениот систем.
Од Министерството ги повикаа стручната јавност, институциите, здруженијата и пациентските организации активно да се вклучат во консултативниот процес преку ЕНЕР, со цел финалното решение да биде квалитетно и применливо.