Голем пожар избувна по израелски напад врз центар за итна медицинска помош во јужен Либан, во местото Ханавеј, југоисточно од Тир, јави дописничка на Sky News од Бејрут.
Според извештаите, нападот предизвикал сериозни оштетувања на објектот, при што на терен биле забележани пламен и густ чад.
Израелската војска соопшти дека цел на нападот била „ќелија на Хезболах“, тврдејќи дека припадници на групата се маскирале како медицински персонал и дејствувале во близина на возила за итна помош.
Во соопштението се наведува дека, според нивни информации, тие возила биле користени за транспорт на оружје од север кон југ на Либан.
Либанските власти остро ги отфрлија ваквите обвинувања, оценувајќи ги како неосновани.
Нападот е дел од пошироката ескалација на конфликтот во регионот, во кој последните недели се бележи зголемен број напади врз различни цели, вклучително и инфраструктура поврзана со цивилни услуги.