Политичка порака или правна реалност: Дали Груевски може да биде вратен?
По најавите на Петер Маѓар дека Унгарија „нема да чува криминалци“, повторно се отвори прашањето за статусот на поранешниот премиер Никола Груевски, кој веќе осум години живее во Будимпешта со добиен политички азил.Маѓар најави дека лицата кои сториле кривични дела ќе бидат враќани во земјите од каде потекнуваат, што директно го става во фокус случајот на Груевски. Но, правната реалност е значително посложена.Азилот што му беше доделен на Груевски се темели на проценка дека бил жртва на политички прогон и дека неговата безбедност во Македонија е загрозена. Според унгарското и меѓународното право, ваков статус може да се укине само ако престанат причините врз кои бил доделен – односно ако веќе не постои ризик по неговиот живот или политички прогон.Дополнително, азилот може да биде одземен и ако лицето изврши сериозно кривично дело или претставува закана за безбедноста на државата. Но, тоа не е автоматска одлука, туку сложена правна постапка.Процедурата се води пред миграциските органи, при што се утврдуваат фактите, се обезбедува право на одбрана, а одлуката може да се обжали. Дури и во случај на укинување на азилот, депортацијата не смее да се изврши ако постои ризик од неправедно судење, политички прогон или тортура. Дополнително, непознато е дали Македонија има ново барање за екстрадиција, откако последното беше одбиено пред шест години.Иако политичките најави од Будимпешта отвораат нов моментум, конечната одлука за судбината на Груевски ќе зависи од долга и комплексна правна постапка, а не од политичката изјава на Маѓар.Низ годините, многупати се говореше дека Груевски се враќа, што во пракса не се случи. Последно, бројни коментари и очекувања имаше кога се измени Кривичниот законик, со кој застареа и дел од предметите против него.Дополнителен притисок за него е што од 2022 година, САД го стави на т.н. „црна листа“, како што наведоа, вмешаност во значителна корупција. Но тој, продолжи да живее и работи во Унгарија, каде има и своја фирма.По најавите на Маѓар, Груевски не се огласи на социјалните мрежи, како што вообичаено прави.
Македонија | пред 1 седмица