Промени тема
За нас
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...

ФРОСИНА

vasil-jovanov-tatko-na-frosina

Остро обраќање на таткото на загинатата Фросина: „Парите им се помили од образот“

Тодор Кулаков, татко на усмртената Фросина, со жестока и емотивна порака реагираше по одлуката на Апелациониот суд, оценувајќи дека ниската доверба во судството е директна последица на, како што вели, системска заштита на криминалот и неказнивоста.Во објавата, Кулаков наведува дека „2% доверба во судството значи анархија“, посочувајќи дека со години човечкиот живот нема вредност, бидејќи, според него, сторителите не одговараат за своите дела. Тој директно обвинува дел од судиите и институциите дека го спасувале Васо Јованов (возачот кој ја усмрти) од одговорност уште пред трагедијата во која беше убиена неговата ќерка.Кулаков тврди дека во Министерството за внатрешни работи биле „чувани во фиока“ околу 15 пријави за дивеење во сообраќајот, кои никогаш не стигнале до суд. Во објавата ја споменува и судијката Даниела Алексовска, за која вели дека претходно го ослободила Јованов во предмет поврзан со трговија со дрога, а дури по убиството на Фросина бил донесен осудителен исход.Тој остро реагира и на висината на изречената казна, оценувајќи дека за, како што наведува, „најсвирепото убиство во сообраќајот“ е изречена казна која е едвај половина од законскиот максимум. Според него, дополнителен срам е што, како што вели, уште пет судии со своите одлуки ја продолжуваат неправдата, ставајќи ги, според Кулаков, парите пред моралот и одговорноста.„Седум судии – седум за судење, народот да им суди“, порачува Кулаков во објавата, завршувајќи со апел дека без вистинска одговорност во судството, државата тоне во анархија, а правдата останува недостижна за жртвите и нивните семејства.

Македонија | пред 3 месеци

vasil-j

Возачот Васил Јованов бара помала казна, обвинителката Фатиме Фетаи – построга пресуда

Возачот Васил Јованов, кој во мај ја прегази младата Фросина Кулакова на пешачки премин и беше осуден на 12 години затвор, денеска пред Апелациониот суд во Скопје побара неговата казна да биде намалена. Истовремено, вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи побара построга казна за Јованов, оценувајќи дека првостепената пресуда е преблага, пишува „Слободен печат“.Јованов беше спроведен од затворот „Скопје“ и во судницата уште еднаш изрази жалење за трагедијата:„Сакам да изразам најдлабоко каење и искрено сочувство до семејството на загинатата. Имам голема грижа на совест за тоа што се случи и болката што ја предизвикав.“Судијката известител Александра Ристеска информираше дека по предметот пристигнале две жалби – една од Обвинителството за организиран криминал и корупција со барање за повисока казна, и друга од бранителот на Јованов, адвокатот Сашко Дуковски, кој бара казната да биде намалена или случајот вратен на повторно судење.Обвинителката Фетаи побара од Судот да ја одбие жалбата на одбраната и да ја усвои жалбата на обвинителството:„Со вакви возачи, што не почитуваат ниту едно сообраќајно правило, никој не може да се чувствува безбедно. Притоа, против обвинетиот има и други прекршоци, што покажува дека не се одвратил од повторување на делото. Казната мора да гравитира кон горната граница.“Одбраната, пак, инсистираше дека признанието на вина е искрено и треба да биде олеснителна околност.„Признанието се дава со цел да се избегнат долги судења и да се покаже свесност за стореното. Ве молам, видете го видеото неколку минути по настанот и сами ќе процените дека неговото каење не е лажно“, изјави адвокатот Дуковски.Апелациониот суд, по завршување на јавната седница, треба да донесе правосилна одлука за случајот кој предизвика силни реакции во јавноста и повторно го отвори прашањето за казнената политика кон несовесните возачи.

Македонија | пред 5 месеци

vasil-tatko

На 24 јуни ќе му се суди на Зоран Јованов, таткото на Васил Јованов

Првото судење за Зоран Јованов, таткото на Васил Јованов, кого Обвинителството го гони за предизвикување општа опасност, бидејќи му дал автомобил на синот, со кој беше усмртена младата Фросина Кулакова, ќе се одржи на 24 јуни. Предметот го суди судијката Снежана Марковска, истата која претходно досуди 12 години затвор за Васил.Зоран Јованов е обвинет дека две години му овозможувал на Васил, да го вози автомобилот „Пежо 207“, иако знаел дека тој немал возачка дозвола. Поради тоа, Обвинителството го гони дека со општоопасно дејствие предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, свесен дека поради неговите сторувања можат да настапат штетни последици, а сепак лекомислено сметал дека тие нема да настапат.„Тој на својот син му давал да управува патничко моторно возило „Пежо 207“, иако знаел дека синот не смее да управува со автомобил бидејќи нема возачка дозвола и е повеќекратен сторител на сообраќајни деликти, и тоа: едно кривично дело – сообраќајна несреќа со полесни последици во ноември 2022 година, 11 сообраќајни прекршоци (возење без возачка дозвола, возење под дејство на алкохол, непочитување на семафор и на пешачки премин) во текот на 2023 и 2024 година, како и кривично дело – сообраќајна несреќа со смртни последици на 29.01.2025 година“, стои во обвинението.Исправка: За денеска не било закажано рочиште, ниту одржано - забуна е направена поради грешен број на предмет по кој нашата редакција се водеше, а кој не се однесува на Зоран Јованов.

Македонија | пред 10 месеци

frosina-4512513245

Утре во 17 часот кај Универзална за Фросина: „Ова е плукање врз нашата болка, не е пресуда“

„Оваа срамна пресуда е само уште еден триумф на праксата на неказнивост што ја негува нашето труло судство. 12 години за животот на Фросина. 12 години за масакрот на сестра ми што преминуваше улица на пешачки премин на зелено. 12 години за искршен череп, распарчено срце и уништена иднина“, вели Росица Кулакова, сестра на загинатата Фросина.Таа додава:„Ова не е пресуда. Ова е плукање врз болката на цело наше семејство и врз болката на сите што ја сакаа Фросина. Во оваа фарса убијците добиваат милост, а невините жртвите завршуваат во правни архиви. Кои се тие олеснителни околности? Дека не побегнал? Дека вриштел врз мртвото тело на сестра ми за последиците кои нејзината смрт ќе ги има на неговиот мизерен живот? Дека е “спортист”? Дека е жив? А Фросина? Фросина немаше ни една олеснителна околност. Фросина сега има само гроб. Овој суд не донесе правда. Донесе јасна порака: во оваа земја, убиството се исплаќа. Ова не е пресуда што ја задоволува правдата. Ова е потсмев кон секој родител што плаче над гробот на своето дете. Ова е доказ дека во нашата судска пракса неказнивоста стана правило, а на правдата и се врзани рацете.Срам да ви е! Ние нема да молчиме и од нашата болка правиме повик за промена. Излезете со нас на протест за да нема други мајки што ќе го носат товарот на неказнивост, за да нема повеќе откорнати невини животи. За да има правда за Фросина и за правда за сите! За сите кои утре може да завршат под тркалата на некој монструм. За сите што оваа држава ги предаде! Се гледаме утре во 17.00ч пред Универзална Сала - на местото каде што на монструозен начин и беше одземен животот на Фросина по што ќе се упатиме кон судот кој денес, по втор пат ја уби. Нека нашите чекори одекнат во име на правдата. Денес за Фросина, а утре и за сите останати потенцијални жртви на корумпираниот систем на неказнивоста“.

Македонија | пред 10 месеци

frosina-majka-

Ова е уште една шлаканица, убиецот на Фросина доби милост, казната не е правда, вели мајката на загинатата Фросина

Камелија Кулакова, мајка на загинатата Фросина Кулакова, вели дека 12-годишната казна затвор за Васил Јованов е нова шлаканица за сите кои веруваат во закон и човечност. Според неа, Јованов добил милост.“Ова не е правда. Ова е уште една шлаканица за сите кои веруваат во морал, во закон, во човечност. Моето дете – мојата Фросина – е згасната на најсуров начин, а нејзиниот убиец, дури и со признание и со криминално досие, денес доби милост. Каква порака испраќаме? Дека живот вреди помалку од зборови и препораки? Оваа казна не е правда – ова е понижување на жртвата и на сите нас што се бориме за вистината, за правдата, за човечноста“, вели Кулакова.Возачот Васил Јованов, кој смртоносно ја прегази младата дизајнерка Фросина Кулакова на пешачки премин, поминувајќи на црвено светло, е осуден на 12 години затвор. Тој доби и забрана за управување со моторно возило. Судијката Снежана Марковска рече дека најниската казна за делото за кое се гони Јованов е четири години, а највисоката е 20 години.

Македонија | пред 10 месеци

vasil-jovanov-1

Исти сообраќајки се казнувале со помали казни, вели Дуковски кој најави жалба за 12 годишната казна затвор за Јованов

Адвокатот Сашко Дуковски, бранител на Васил Јованов, рече дека ќе се жалат до Апелација на 12-годишната затворска казна. Според него, сите вакви случаи се казнувале со помали казни, па и тој бара истата да се намали.„Бидејќи признавме вина, очекувана беше осудителна пресуда. Ваква пресуда не е во согласност со воспоставената пракса. Иста ваква сообраќајка, во 2019 година, на истото место, завршена е со правосилно со 3,5 години затвор. Сетете се на пресудата во Велес, само со еден прекршок повеќе - правосилно заврши со осум години. Само за тоа преговарам. Не може од овој настан да се спроведува нова казнена политика. Сметам дека не е ценето во доволна мера признанието на вина“, рече Дуковски.Возачот Васил Јованов, кој смртоносно ја прегази младата дизајнерка Фросина Кулакова на пешачки премин, поминувајќи на црвено светло, е осуден на 12 години затвор. Тој доби и забрана за управување со моторно возило. Судијката Снежана Марковска рече дека најниската казна за делото за кое се гони Јованов е четири години, а највисоката е 20 години.„Обвинетиот Васил Јованов е виновен. Судот обвинетиот го осудува на казна затвор во траење од 12 години. Му се изрекува и забрана за управување со моторно возило“, рече судијката Снежана Марковска.Таткото на Фросина Кулакова, Тодор, револтиран од висината на казната, ја напушти судницата.„Судот е мафија!“, рече тој и излезе од салата.

Македонија | пред 10 месеци

Screenshot-2025-05-13-at-11.26.38

Возачот Васил Јованов вратен во затворот, во судницата тензии

Возачот Васил Јованов кој на пешачки премин ја усмрти Фросина Кулакова, останува во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка.„По советување и гласањето, судот донесе решение, спрема обвинетиот Васил Јованов, се продолжува до правосилноста на пресудата, но не подолго од должината на изречената казна затвор“, рече судијката Снежана Марковска.Во судницата имаше тензии. Тодор Кулаков, татко на Фросина се обрати до родителите на Васил Јованов, при што интервенираше судската полиција.„Родителите на Васо беа релаксирани, за разлика од претходното рочиште кога беа вкочанети. Да не ја знаеја казната?“, рече надвор Кулаков.Реакција кон неправосилно осудениот Васил Јованов, имаше и од пријатели на семејството, со пцости. И тие беа отстранети.Претходно, Обвинителството побара мерката притвор за неправосилно осудениот Васил Јованов, да му биде продолжена. Тие сметаат дека тој може да го повтори делото или да се даде во бегство. Адвокатот Сашко Дуковски се противеше на ваквата мерка и рече дека неговиот клиент не може да повторно да го стори истото дело. Јованов само кратко рече дека нема никакво барање.„Предлагам мерката притвор да се одржи до ефективното издржување на казната заствор, поради исполнетоста на законските услови, односно поради фактот дека сѐ уште постои опасност од бегство на обвинетиот и постои основан страв дека ќе го повтори кривичното дело“, рече обвинителот Александар Маркоски.Одговори и Јованов.„Поаѓајќи од воспоставената пракса на овој и другите судови и изрекувајќи на казна од вакво траење, му оставам на судот да се произнесе и да определи дали продолжувањето на притворот е потребно во смисла на одребите на законот, односно поради опасност од бегство. Апсолутно се противам за продолжување на притворот по изрекување на пресудата, односно повторување на делото. Се работи за кривично дело кое што не се врши секојдневно, а обвинетиот не може да го повтори ваквото дело“, рече Дуковски.На крајот, судот побара изјаснување и од Јованов.„Немам никакво барање“, рече Јованов.

Македонија | пред 10 месеци

vasil-j

Васил Јованов осуден на 12 години затвор за смртоносното прегазување на Фросина Кулакова

Возачот Васил Јованов, кој смртоносно ја прегази младата дизајнерка Фросина Кулакова на пешачки премин, поминувајќи на црвено светло, е осуден на 12 години затвор. Тој доби и забрана за управување со моторно возило. Судијката Снежана Марковска рече дека најниската казна за делото за кое се гони Јованов е четири години, а највисоката е 20 години.„Обвинетиот Васил Јованов е виновен. Судот обвинетиот го осудува на казна затвор во траење од 12 години. Му се изрекува и забрана за управување со моторно возило“, рече судијката Снежана Марковска.Таткото на Фросина Кулакова, Тодор, револтиран од висината на казната, ја напушти судницата.„Судот е мафија!“, рече тој и излезе од салата.Судијката кажа кои се отежителните околности.„Ја имавме в предвид тежината на делото, отежнивачките и олеснителните околности. Ги ценевме поранешниот живот на сторителот, и другите околности на личноста на сторителот. Судот го ценеше интензитетот на дејствието и другите објективни околности - а се состои од многу прекршувања на бланкетни норми од Законот за заштита на патиштата, кои се фиксирани задолженија и забрани, кои возачот морал да ги почитува, а упатуваат на висок интензитет на инкриминрано дејствие. Настанатата смртна последица според законот не може да се цени за отежителна околност, но судот ја цени загубата на млада девојка, која ја чувствува семејството со висок интензитет, кое побара највисока казна. Судот како отежителна околност го ценеше и неговиот поранешен живот - обвинетиот е претходно правосилно осуден за кривично дело неовластено производство на психотропни дроги, на казна затвор од 3 години и 10 месеци. Се уште ја нема издржано и не се знае како би влијаела. Тој наместо да се одврати со било какви судири со законот, додека чекал правосилност на таа постапка, тој управувал возило без возачка, под дејство на алкохол, развил брзина на движење во населено место, па на запалено црвено светло, продолжи со движење и удрил пешак кој се движел прописно на зелено светло и кој со ниту едно дејствие не придонел за сообраќајната несреќа. Против обвинетиот Јованов има неколку прекршочни предмети - забрана за управување на возило под дејство на алкохол, непочитување на безбедноста во сообраќајот, возење на црвено светло. Односот на лицето е игнорантски, дрзок...“, рече меѓудругото судијката Марковска.Судот ги ценеше и олеснителните околности, рече судијката.„Ги ценеше доказите од одбраната - благодарниците, дипломите. Тој е спортист кој добивал признанија. Тоа се за личните прилики, за неговите склоности. Судот ја ценеше и возраста на обвинетиот, делото го сторил на 20 години, тој спаѓа во категорија постари малолетници. Кај обвинетиот постои чувството на вина, истиот е свесен за последиците по губитокот на животот на жртвата. И кај него и кај потесното семејство. Презема одговорност за делото кое го сторил, изразил сочувство, се извини за тоа што го сторил. А откако ги согледал последиците од сосптвените дејствија - прикажува жал и себе прекорување, што се гледа и од видео записот од лице место. Овие околности кои го изразуваат неговиот однос, неговото признание на вина, судот исто така ги ценеше како олеснителни околности“, посочи Марковска.Во судската сала, беа присутни родителите на загинатата Фросина Кулакова, како и родителите на Васил Јованов.На првото рочиште, Јованов призна вина и се извини на семејството на Фросина.„Разбирам за што сум обвинет. Ќе се произнесам за мојата вина. Сакам да изразам најдлабоко сочувство кон целото семејство. Да се извинам за тоа што го сторив. Да суде, виновен сум“, рече Јованов на првото рочиште.Според обвинението, на 29 јануари 2025 година, Васил Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. На пешачки премин, на црвено светло, удрил во Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место.

Македонија | пред 10 месеци

vasil-jovanov

Се очекува пресудата за прегазувањето на Фросина Кулакова: Јавноста бара правда, Јовановски знае дека ќе добие затвор

Основниот кривичен суд Скопје денеска ќе ја соопшти пресудата за случајот што ја потресе македонската јавност: прегазувањето на 22-годишната студентка Фросина Кулакова од Неготино, која на 29 јануари беше усмртена на обележан пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.Обвинетиот, 20-годишниот Васил Јованов, управувал со возило без возачка дозвола и поминал на црвено светло, при што ја удрил Кулакова која починала на самото место.Јавното обвинителство го квалификува делото како тешко кривично дело сторено со умисла, што претставува најтешка форма на кривично дело од областа на безбедноста на сообраќајот.Случајот предизвика масовни протести во Скопје и Неготино, каде граѓаните бараа правда за Фросина и повикуваа на одговорност од институциите.Семејството на Фросина, во својство на оштетени, се запозна со доказите собрани од обвинителството и дадоа исказ во текот на истрагата.Пресудата ќе биде клучна не само за семејството на Фросина, туку и за јавноста која очекува правда и поостри мерки против несовесните возачи.

Македонија | пред 10 месеци

frosina-4512513245

Поистоветувате затвор со гроб, извинете што не се распаднавме, фалеше само и упатство „Како да убиете и да бидете неказнети“, вели Кулакова за Дуковски

Росица Кулакова, сестра на Фросина Кулакова, ја искоментира вчерашната изјава на адвокатот Сашко Дуковски, кој рече дека некој им ги пишува говорите за во судница. Таа праша, дали треба болката да ја сервираат на тацна, па потоа се извини, за како што вели, „што не се распаднавме“.„Вчера адвокатот на обвинетиот, наместо достоинствено да го прокоментира судењето, реши да ни држи лекции по ораторство. Не било автентично што читаме говори - некој ни ги пишувал. Не може таков бездушен човек (во отсуство на посоодветен збор кажувам човек) да сфати дека со последни сили го читаме дури и тоа што претходно сме го напишале. Треба ли да паѓаме во несвест и болката да ја сервираме на тацна, без запирки туку со солзи, за да сме поверодостојни. Извинете што се обидуваме да не се распаднеме. Истиот тој бездушен човек во судницата ја поистоветува болката на нашето семејство со болката на семејството на убиецот на сестра ми. Поистоветува затворска ќелија со гроб. Па еве, ајде да разјасниме: во затвор луѓето се живи, и тие несовесни родители сеуште можат да си го прегрнат детето, што патем, по своја заслуга се нашло таму. Кого да го прегрнат моите родители освен ладната слика на сестра ми? Кој нормален овие две нешта би ги ставил на вага?!“, напиша Кулакова.Таа додаде: „И како шлаг на оваа негова срамна реторика следеше барање до судот да се води по пресудите од минатото. Оние срамните, понижувачките. Оние што ние, народот, најстрого ги осудуваме! Демек правдата е некаков шаблон за копирање, а не жив систем што мора конечно да профункционира. Ама, очигледно е дека во недостиг на вистински аргумент за одбрана се повикува на туѓи неправди. Фалеше само уште да добиеме и едно упатство 'Како да убиете, а да останете неказнети'“, објави Кулакова.Претходно:

Македонија | пред 10 месеци

vasil-jovanov-1

(Видео) Некој им ги подготвува говорите на мајката и таткото, ова не е ни прва ни последна сообраќајка, вели Дуковски за предметот за усмртената Фросина

Адвокатот Сашко Дуковски, бранител на Васил Јованов обвинет за смртоносното прегазување на Фросина Кулакова, рече дека родителите на загинатата, во судница читале говори, кои „некој им ги подготвува“. Потоа, рече дека судот треба да го цени тоа што Јованов, признал вина и изразил каење, при одмерување на санкцијата.„Се надевам дека конечно видовте, дека сето она што беше орктетирано објавувано, дека Васил е убиец, наркоман, дека избегал, сето тоа е ноторна лага. Цело време, оштетените читаа од своите мобилни телефони, некој им ги подготвува тие говори, а така настапуваат од прв ден. Се работи за човек кој има 20 години, категорично ја призна својата вина. Ова не е ни прва ни последна сообраќајка во Македонија. Тоа покажува дека е личност со интегритет, имаше доблест да признае и да се сноси со сите последици по признанието. Да оставиме институциите да донесат одлука врз основа на законот, а не око за око-заб за заб. Смртна последица само по себе е страшна работа, но треба да се индивидуализира и цени секој потег. Особено мора да се цени фактот што Васил придонесе за ефикасно спроведување на постапката, соработуваше со судот и изрази најдлабоко можно каење“, рече Дуковски.

Македонија | пред 10 месеци

frosina-majka-

Мајката на Фросина Кулакова со потресен говор: Барам најстрога казна, свирепо го изгуби животот, ниту еден орган не и беше поштеден

Камелија Кулакова, мајка на загинатата Фросина, побара најстрога казна за возачот Васил Јованов. Таа во потресен говор, рече дека ова не е само обична сообраќајка. Кажа дека ова е грабеж на живот, на иднина.„Јас не сум само мајка која го изгубила своето дете, јас сум човек со откорната душа. Јас сум денес гласот на Фросина, зборувам за неа, затоа што таа повеќе не може да зборува. Фросина не беше само прегазена, таа беше згасната на начин што човечкиот ум не може да го прифати – без возачка дозвола, без положен возачки испит, пијан, на црвено светло, заобиколувајќи возила кои запреле, тој не запрел, не погледнал ниту почувствувал, ниту помислил. Ја удрил мојата Фросинче со толкава сила што ја исфрлил 15 метри. Со главата ја шофершајбната ја скршила, се качила на кровот. Од силината, го искршила семафорот од спротивната сала. Брзината не е двојна, бидејќи на црвено светло брзината е нула. Ниту еден орган не и беше поштеден, ниту срцето – се и беше оштетено. Градниот кош отворен. И така, мојата Фросинче убава, мила, ведра, насмеана, остана таму без здив, без иднина. Кој член од законот, кој став може да ја измери болката, која ја чувствувам секој миг. Ова не е судење за сообраќајка. Ова е судење за грабеж на живот, на иднина, за непопавлив грев, за убиство“, рече мајката на Фросина.Посочи дека само најстрогата казна, ќе и ја врати вербата дека смртта на нејзината ќерка не била залудна.„Барам највиска казна, барам правда. Не за одмазда, барам највисока казна за правда. За утре ниту едно дете да не се најде на местото на Фросина. Ве молам не дозволувајте животот на Фросина да заврши во празнина. Ве молам покажете дека правдата има душа, и дека злосторството не смее да помине како сенка. Правдата нема да ми ја врати Фросинче. Но ќе ми ја врати вербата дека нејзината смрт не била залудна“, рече Камелија Кулакова, мајка на загинатата девојка.

Македонија | пред 10 месеци

vasil-jovanov-1

Дуковски ја спори алкохолизираноста на Васил Јованов, а со медаљи и потврди бара поблага казна, па предложи снимка

Адвокатот Сашко Дуковски, до судот достави снимка, доказ дека тој е редовен студент, а со што, побара пониска казна за возачот Васил Јованов кој смртоносно ја прегази Фросина Кулакова на пешачки премин, поминувајќи на црвено светло, со алкохол во крвта.„Доставувам потврда од боксерски клуб, со што сакам да се тргне една дамка од името на Васил Јованов дека тој е наркоман и зависник. Не, тој е спортист и ви доставувам потврда дека тој е член на овој боксерски клуб, како и две медаљи - каде што е вицешампион. Да тој го сторил тоа што го стирил и призна вина. Но има факти кои укажуваат на неговата личност. Доставувам благодарница од Националната боксерска федерација од бокс. Исто така уште една диплома за лицето Васил Јованов за другата медаља која ја освојува на натпреварот во Штип, каде го освојува второто место. Ви доставувам потврда од Ракометната федерација на Македонија каде што лицето, сега обвинетиот Васил Јованов е регистриран и лиценциран за ракометниот клуб Пролет. Суде, јас сите овие докази и уште една работа - јас оваа анализа на алкохол во крвта ја земав од Обвинителството. Го спориме присуството на алкохол во крвта“, рече Дуковски.Тој пред судот презентираше и видео снимка од вечерта кога е усмртена Фросина.„Овој ценет судски совет би утврдил дека кај обвинетиот има чувство на вина, екстремно каење и ве молам единствено тоа како судечки совет мора да го забележите и да видите за што ви зборувам“, рече Дуковски.

Македонија | пред 10 месеци

frosina-vasil-1414

(Видео) Васил Јованов призна вина за смртоносното прегазување на Фросина Кулакова на пешачки премин

Обвинетиот Васил Јованов, кој смртоносно ја прегази Фросина Кулакова на пешачки премин кај Универзална сала, призна вина. Тој изрази каење на судењето.„Разбирам за што сум обвинет. Ќе се произнесам за мојата вина. Сакам да изразам најдлабоко сочувство кон целото семејство. Да се извинам за тоа што го сторив. Да суде, виновен сум“, рече Јованов.Судијката Снежана Марковска рече дека го прифаќа признанието на вина. Потоа, посочи дека ќе се изведуваат само доказите кои се однесуваат на висината на казната.Потоа, обвинителот Александар Марковски рече дека тоа се доказите дека тој и претходно е осудуван, како и дека има тековни прекршочни постапки од сообраќајна природа.Според обвинението, на 29 јануари 2025 година, Васил Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. На пешачки премин, на црвено светло, удрил во Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место.Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог и против таткото на Васил, Зоран Јованов, за кривично дело „предизвикување општа опасност“ од член 288 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.Обвинението се однесува на периодот од 04.11.2022 до 30.01.2025 година, во кој Зоран Јованов дозволувал на својот син Васил Јованов да управува патничко моторно возило „Пежо 207“, иако знаел дека синот нема возачка дозвола и е повеќекратен сторител на сообраќајни деликти вклучително и сообраќајната несреќа во која животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова.ПРЕТХОДНО:

Македонија | пред 10 месеци

vasil-jovanov-tatko-na-frosina

Таткото на Фросина го праша Васил: Зошто наместо да возиш право, сврте кон нашето чедо?

Тодор Кулаков, татко на Фросина Кулакова, смета дека двајцата родители треба да одговараат што Васил Јованов имал пристап до автомобилот со кој ја усмртил нивната ќерка. Тој го праша Јованов зошто го свртел воланот, наместо да вози право и удрил во девојката која го загуби животот.„Кога правдата ја губи вредноста, тогаш државата ја губи душата. Денес не се бориме само за Фросина, туку за ниту едно дете повеќе да не заврши под тркала на безмилосен човек, кој потоа се обидува да избега од одговорност, а судската пракса го потврдува тоа. Фросинче светеше каде и да се појавеше, а нејзиниот живот згасна на најгнасен можен начин. Од ударот лета во воздух. Сите коски и беа искршени, градниот кош и беше отворен, срцето и распукало. Како клучен фактор прашувам: зошто Васил нагло свртува кон неа, зошто не продолжи право? Дали е тоа агресија? Барам одговор, овде пред сите. Зошто, наместо право, сврте кон нашето чедо“, рече Кулаков.

Македонија | пред 10 месеци

obvinitel-vasil

Пред трагедијата возел цик-цак, поминал на две полни ленти - со ова ќе се докажува дека возачот кој ја усмрти Кулакова тоа го сторил со умисла

Обвинителот Александар Марковски во воведниот збор рече дека ќе докаже возачот Васил Јованов, кој смртоносно ја усмрти Фросина Кулакова која поминуваше на пешачки премин – тоа го сторил со умисла. На првото рочиште, обвинителот Марковски рече дека ова не е само несреќа во која навидум еден маж, прегазил жена. Обвинителот посочи дека сообраќајката е последица на низа сообраќајни пропусти. Затоа, рече обвинителот Марковски, возачот Васил Јованов, се гони за најтешката квалификација на кривичното дело.Обвинителот рече дека тие ќе се трудат да докажат дека, за нецела минута пред критичниот настан, сторил и други пропусти од сообраќајна природа.„Од типот на цик-цак возење, поминување на две полни ленти. Не се релевантни од кривична природа, но се докази за умислата за кривичното дело за кое се товари.“, рече обвинителот.Тој посочи дека за сѐ имаат докази.„Навидум еден маж, прегазил една жена. Но не е така. И ова не е така поради медиумската помпа или поради тоа што се случила на популарно место. Ова не е обична сообраќајка поради начинот на кој е сторена, односно големиот број на сообраќајни пропусти на строител, а највеќе поради загубата на животот на младата Фросина Кулакова. Овие околности придонесоа, правна квалификација, во нејзиниот најтежок квалифициран облик. За вакво нешто, за да се утврди, беа прибавени докази во поприличен број. Четири вештачења, од кои се издвојува сообраќајното вештачење кое е податливо. Беа испитани осум сведоци од кои најголем број се очевидци, има материјални докази. Обвинетиот е осудуван, иако тој не спомена дека бил осудуван кога ги даваше своите генералии“, рече обвинителот.

Македонија | пред 10 месеци

vasil-jovanov-i-roditeli

Семејството на загинатата Фросина дојде на судењето да бара правда, родителите на Васил чекаат кат подолу во судот

Денеска започнува судењето за смртоносното прегазување на пешачки премин, на Фросина Кулакова. Во судот дојде семејството на загинатата, како и пријатели со маички „Правда за Фросина”. Тие чекаат пред судницата, додека мајката и таткото на обвинетиот возач Васил Јованов, се кат подолу.Според обвинението, на 29 јануари 2025 година, Васил Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. На пешачки премин, на црвено светло, удрил во Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место.Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог и против таткото на Васил, Зоран Јованов, за кривично дело „предизвикување општа опасност“ од член 288 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.Обвинението се однесува на периодот од 04.11.2022 до 30.01.2025 година, во кој Зоран Јованов дозволувал на својот син Васил Јованов да управува патничко моторно возило „Пежо 207“, иако знаел дека синот нема возачка дозвола и е повеќекратен сторител на сообраќајни деликти вклучително и сообраќајната несреќа во која животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова.

Македонија | пред 10 месеци

frosina-5134

Одобрено обвинението, ќе му се суди на Васил Јованов за усмртувањето на Фросина Кулакова

Кривичниот суд го одобри обвинителниот акт против Васил Јованов, возачот кој ја усмрти Фросина Кулакова на пешачки па булеварот Партизански одреди.„Заради интерес на медиумите и невладините организации кои ја следат работата на судот, ја информираме јавноста дека Советот за оценка на обвинителниот акт, ГО ОДОБРИ обвинението на Основното јавно обвинителство со КО бр. 271/25 од 27.03.2025 година против осомничениот В.Ј. за кривичното дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл. 300 ст.2 в.в. со чл. 297 ст.1 од КЗ, поврзан со сообраќајката од јануари 2025 – та година на булеварот Партизански одреди во Скопје во која животот го загуби 22 – годишната Ф.К. Со одобрениот обвинителен акт, формиран е кривичен предмет со К.бр. 780/25 кој ќе биде ќе биде распределен на понатамошно судење согласно АКМИС – системот, а кога ќе биде насрочен термина за главна расправа, странките и јавноста ќе бидат дополнително известени“, велат од Кривичен суд.Претходно, Обвинителството поднесе обвинение во кое го гони Јованов за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот.„Согласно доказите, на 29 јануари, 15 минути пред полноќ, обвинетиот, без воопшто да поседува возачка дозвола,  управувал патничко возило „Пежо 207“ сопственост на неговиот татко. Не се придржувал кон прописите и со тоа свесно го довел во опасност животот на луѓето. Автомобилот го управувал под дејство на алкохол, односно со 0.80 промили алкохол во крв, но и со брзина на движење од 91 km/h што е речиси двојно поголема од дозволената. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата меѓу булеварот “Партизански одреди” и улицата “29-ти Ноември“ продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот кој сигнализирал забрана за минување и со предниот лев дел од возилото кое го управувал удрил во  телото на пешакот Фросина Кулакова, која поминувала на обележан пешачки премин и зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, оштетената се издигнала во воздух и удрила во семафор, поставен на разделното пешачко стојалиште, па се здобила со тешки телесни повреди од кои починала на лице место“, стои во обвинението.

Македонија | пред 11 месец

frosina-4512513245

Сестрата на Фросина за „Кој е следен“: Важна им е агендата, а жртвата е само инструмент, која трагедија ви е следна на менито?

Росица Кулакова, сестра на загинатата Фросина Кулакова, смета дека организаторите на „Кој е следен“, ја злоупотребиле нивната доверба, која ја дале како семејство. Посочува дека на собирите имало чесен народ, а дека зборовите ги насочува само кон организаторите.Нејзината објава во целост:Зошто бев тивка и зошто повеќе не можам да бидам. Долго време ми требаше да соберам сила и храброст да ја напишам оваа објава. Но како човек што јавно и гласно ја поддржа иницијативата „Кој е следен“, чувствувам морална обврска да објаснам зошто изминатиов прериод бев тивка - затоа што длабоко во себе носам чувство на лична одговорност.Време е јавно да раскажам, хронолошки и без цензура, што точно се случуваше по убиството на мојата сестра, Фросина.🪩 31 Јануари - Денот на погреботНа денот кога ја погребувавме Фросина додека ние бевме избезумени од болка и тага - се одржаа првите протести. Ние, нејзините најблиски, немавме поим што се случува во надворешниот свет. Болката ни ги затвори очите и ушите.Тогаш, од еден искрен, спонтан и народен крик на болка, се појави нешто друго. Некој со болен ум, со туѓа трагедија реши да си прави профит. Така во јавноста се појави иницијативата „Кој е следен“🪩 Чесни исклучоци постојат, но јас зборувам за сенкитеПред да објаснам зошто се чувствуваме злоупотребени како семејство, морам да нагласам дека има чесни луѓе и во оваа иницијатива. Луѓе со добри намери. Ова не е критика до секој што беше дел од „Кој е следен“.Моите зборови се насочени кон организаторите. Не кон тие што ги гледавме со транспаренти, туку кон оние што секогаш се во сенките. Луѓето чии имиња не се појавуваат јавно, ама сите знаеме кои се. Тие што го “водат” протестот, а никогаш не одговараат за своите постапки.🪩 Вторите протести - моментот кога сè стана јасноВеќе на вторите протести се почувствува дека нешто не е во ред. Протестот веќе не беше на народот - имаше јасен организатор, агенда, насока. И да бидам искрена, тогаш сè уште верував. Таа поддршка ми значеше. Мислев дека некој вистински се грижи, дека можеби има надеж. Но денес ми е жал што морам да кажам дека видов и доживеав сосема спротивно.🪩 Манипулацијата почнува и жртвата станува неважнаПрисуствував на еден состанок - последен за мене, зашто немав повеќе сила. Таму, меѓу зборовите и молкот, јасно ми беше ставено до знаење дека Фросина не е важна. Нашата болка не е важна. Важна е агендата, а жртвата е само инструмент. И тука морам да бидам прецизна - тие што тогаш го водеа тој наратив, тие што не гледаа како средство, а не како луѓе, денес стојат во позадина и ја поддржуваат иницијативата „Кој е следен“. Не се тие што се појавуваат напред, туку тие што тивко ги влечат конците. И за да ви доловам за каков тип луѓе станува збор - тоа се истите што во минатото шетаа со транспаренти “Црквата да одјебе”, што палеа канцеларии, што не познаваат граници кога се работи за промовирање на своите цели. Не зборувам за луѓето што искрено протестираат - зборувам за тие што стојат зад сцената. За тие што имаат агенда, а не срце.🪩 8 Март - најболната навредаПротестите за 8ми Март нема ни да ги коментирам. Ако некому му се чини соодветно да маршира со тенџериња и дрвени лажици од место каде што некој трагично загинал, нека му служи на чест. Јас мислам дека тоа беше врв на непочитта.🪩 Од ожалостено семејство - до метаНе можам веќе да молчам. Не можам да гледам како нашата трагедија, а денес и трагедијата на уште многу семејства со слична судбина на нашето - се користи, извртува, злоупотребува. Од едно семејство, денес станавме стотици. И сите сме ранливи. Сите полесни за манипулација.Системот не чини, тоа го знаеме сите. Но луѓето што го креираат тој систем од сенка нема да ни го решат проблемот. Нивната борба не е за нас. Ниту за вистината. Ниту за правдата.❗️ “Кој е следен?” да ве прашаме вас:Кој е следен❓Која мајка❓Кој брат❓Која сестра❓Која трагедија ќе биде следна на менито на вашите интереси?“, напиша Кулакова.

Македонија | пред 1 година

Screenshot-2025-02-03-at-09.10.21

Заврши истрагата за возачот кој ја усмрти Фросина на пешачки, посебен предмет има за тоа како дошол до автомобилот

Истрагата за возачот Васил Јованов кој ја усмрти Фросина Кулакова, прегазувајќи ја додека поминуваше на пешачки премин е завршена. Обвинителот ги собрал сите докази, а завршени се и сите вештачења, според кои е утврдена вина кај Јованов. На ред е обвинетиот и неговиот адвокат Сашко Дуковски да направат увид во доказите, по што ќе следува обвинение.„Истрагата е завршена. Течат законските рокови за увид во доказите“, велат кусо од Обвинителството за „Скопје1“.Јованов е осомничен дека со усмртувањето на Кулакова, под дејство на алкохол, неприлагодена брзина и со поминување на црвено светло сторил кривично дело - тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, според кое, најниската казна е четири, а може да добие и најмногу 20 години.Предметот за тоа како дошол до возилото кое било сопственост на неговата мајка, се води засебно, дознава „Скопје1“ и е во тек. До негово отворање дојде откако се дозна дека Васил Јованов има повеќе казни за сообраќајни прекршоци, односно дека повеќе пати го управувал возилото без дозвола. Родителите на прес-конференција кажаа дека го земал без нивно знаење и дозвола. Ова наиде на многу реакции, со оглед дека истото се случувало во повеќе наврати.Истрагата за усмртувањето на Фросина, е завршена за месец и половина. Досега Обвинителството кажа дека Јованов возел со зголемена брзина, а вештачењето точно утврдило и со колку.„Не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Автомобилот го управувал без возачка дозвола и под дејство на алкохол со 0,82 промили присуство на алкохол во урина, со што го довел во опасност животот на луѓето. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата со ул.„29-ти Ноември“, не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот и сообраќајот и другите сообраќајни услови за да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка. Пред пешачкиот премин регулиран со семафори кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот-жртва Фросина Кулакова, која на обележан пешачки премин попречно ја преминувала коловозната лента. Од ударот оштетената се здобила со тешки телесни повреди од кои на лице место починала“, соопштија од Обвинителството по несреќата.Јованов е во притвор во затворот во Шутка.

Македонија | пред 1 година

frosina-4512513245

Сестрата на Фросина откако пак е прегазен пешак: До кога ќе не газите?! До кога од улиците ќе правите гробишта?

Се огласи сестрата на починатата Фросина Кулакова која почина на 29 јануари кога беше прегазена на пешачки премин.Нејзината сестра Росица сега се огласи на Фејсбук споделувајќи вест за уште една млада девојка која што беше прегазена од несовесен возач.„До кога ќе не газите?! До кога од улиците ќе правите гробишта? До кога ќе броиме жртви, ќе палиме свеќи, ќе плачеме над изгаснатите младости?“ прашува Росица па продолжи со својата објава прашувајќи „уште колку жртви се потребни за нешто да се промени во нашата држава“, но и изразувајќи поддршка за девојчето што е повредено.Се уште одекнува болката од загубата на мојата сестра… а синоќа уште една жртва. Колку уште? Колку животи треба да бидат згаснати или засекогаш променети конечно нешто да се промени? Ова не е судбина. Ова не е несреќа. Ова е беззаконие, немарност, некултура што убива! Колку уште крв треба да се пролее пред да кажеме ДОСТА Е?!“ пишува Фросина во својата објава на Фејсбук.Веста за несреќата:

Коментари | пред 1 година

footooo

Нов протестен марш за Фросина: Се тргнува од Универзална, се маршира за сите жртви

Росица Кулакова, сестра на усмртената Фросина, се приклучи кон ицијативата „Кој е следен“ која организира серија протести за безбедност во сообраќајот.„Да нема забуни, манипулации и политизирање! Нешто што ние од првиот ден го бараме! Ова е граѓански протест, протест на народот, протест на тагата, на револтот и на желбата да се остане тука! 16.30ч пред Универзална Сала.Симболично тргнуваме од овде. Местото каде што заврши сонот на Фосина. Местото каде што се прели чашата со крв. Местото каде што оваа иницијатива започна. Да и оддадеме почит на Фросина но и на сите жртви на корумпираниот и трул систем. 17.00ч пред Влада ( извршна власт) Ние како семејство јавно се заблагодаривме и сме благодарни на досегашната поддршка од Владата.Не протестираме против Владата, напротив, бараме да продолжи да не поддржува и нас како семејство, но исто така бараме да ја поддржи и иницијативата “Кој е следен” и да ги сослуша барањата што ќе произлезат од протестите. Истото го бараме не само од власта туку и од опозицијата! 17.45ч пред Собрание (законодавна власт) Бараме да се вклучат во промената на законите и Парламентот активно да контролира како тие закони се спроведуваат. 18.30ч пред Апелационен Суд (судска власт) Бараме да се свестат дека гнојот во општеството доаѓа од овде! Бараме да сфатат дека и тие се дел од народот! Бараме чинителите на судската власт да престанат да ги бранат нечесните меѓу нив, а веруваме дека не сите судии и обвинители се исти! Ве повикуваме сите да ни се приклучите во оваа борба за подобро утре! Сите сме Фросина!!! Секој еден може да е следен! Се гледаме утре пред Универзална во 16.30!“, напиша Кулакова.

Скопје | пред 1 година

vasil-jovanov-i-roditeli

Родителите тврдат дека не знаеле дека Васил го земал автомобилот, убедуваат дека е променет откако бил осуден за дрогата

Возачот Васил Јованов го украл автомобилот од родителите кога направил сообраќајка пред неколку години, а истото го направил и вечерта кога ја усмрти Фросина Куланова на пешачки. Ова го кажа неговиот татко Зоран Јованов, кој заедно со мајката Ана изразија длабоко сочуство на семејството на жртвата. Истовремено, посочија дека Васил е променет откако бил осуден за дрогата – марихуана и кокаин, за која доби воспитна мерка која сега му е преиначена во затворска казна од три години и десет месеци.„Таа вечер бев јас со една група пријатели и колеги, излезен, Васил беше дома кога излегов. Така што не знаев дека тој го земал возилото“, рече Зоран Јованов, татко на Васил.Но и покрај ова, таткото смета дека пресудата за дрогата каде Васил доби воспитна мерка, што сега е преиначена во затворска – вродила со плод.„Васил после пресудата, иако имаше неколку години потешкотии да се откаже од пушење трева, исклучиво трева, немаше други наркотични средства – после пресудата, навистина се промени. Како до допре до него нешто. Престана со цигари, се фокусираше на спортот, си најде психолог сам го посетуваше, си најде духовен водач во св. Јован Бигорски. Пресудата, притворот, постапката – не знам, но Васил се промени“, додаде Зоран Јованов.Адвокатот Сашко Дуковски, рече дека Васил не консумира алкохол и дрога. Но тоа траело до вечерта кога ја усмрти Фросина.„Првпат по седум-осум месеци, да тој конзумира воопшто алкохол на отворање на кафичот од негов пријател. Апсолутно ниту конзумира дрога и алкохол, до настанот. Тоа не е оправдување, но е факт“, рече Дуковски посочувајќи дека Васил е психички здрав, брзината со која го управувал возилото не е утврдена, притисок врз судот не е вршен.Осврнувајќи се на притворот, Дуковски рече дека не се противел Васил на притворот, признавајќи дека барал во негово име да не биде одредена оваа мерка.„Никој не се противел туку беа дадени законски наводи зошто сметаме дека не треба да се определи притвор“, рече Дуковски. 

Македонија | пред 1 година

frosina-4512513245

Сестрата на Фросина: Сите сме сведоци на срамната изјава на родителите на Васо кои кажаа дека им ја крадел колата

Росица Кулакова, сестрата на Фросина, смета дека изјавата на родителите на возачот Васил Јованов дека тој го крадел автомобилот е срамна. Таа јавно ги праша, дали некогаш го пријавиле за кражба.„Сите сме сведоци на денешната срамна изјава од родителите кои кажаа дека Васо им ја крадел колата за да ја вози, а тие ко неми си ќутеле. Па зарем тоа не е кривично дело - КРАЖБА?! Дали некогаш родителите го пријавиле дека сторил кривично дело кражба? Колку пати Васо го повторил истото дело? И дали родителите на Васо прикривале кривично дело?! М?“, напиша Кулакова.Претходно:

Коментари | пред 1 година

frosina-4512513245

Сестрата на Фросина: За да нѐ дефокусираат од реалните трагедии, ботови на корупцијата праќаат лажни дојави за бомби-срамно!

Росица Кулакова, сестра на смртоносно прегазената Фросина Кулакова, се сомнева дека лажните дојави за бомби се со цел да се направи дефокус. Таа во статус на социјалните мрежи рече дека станува збор за срамен чин, а истовремено, изрази сочувство за Игор Југ, осуденк за 27 април кој почина.„Сочувство до семејството на Игор Југ, уште една жртва на корумпираното судство. За да нѐ дефокусираат од реалните трагедии, ботови на корупцијата праќаат лажни дојави за бомби во училиштата. Нели ни е веќе видено ова сценарио? Со ефтини закани пробувате дополнително да ги исплашите веќе преплашените деца и родители. Срамно!“, напиша Кулакова.

Коментари | пред 1 година

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања