Калас „влезе во спор“ со Израел: „Се кршат верските слободи“
Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Каја Калас синоќа го осуди „кршењето на верските слободи“ откако израелската полиција го спречи латинскиот патријарх на Ерусалим да служи миса на христијанскиот празник Цветници во Црквата на Светиот Гроб.„Одлуката на израелската полиција да му забрани на латинскиот патријарх на Ерусалим да влезе во Црквата на Светиот Гроб на Цветници претставува кршење на верските слободи и долгогодишните заштити што ги опкружуваат светите места“, истакна Калас во објава на социјалната мрежа Икс.Како што наведе, слободата на вероисповед во Ерусалим мора да биде целосно загарантирана, без исклучок, за сите религии.„Мултирелигискиот карактер на Ерусалим мора да биде заштитен“, нагласи Калас.Израелската полиција вчера наутро го спречи латинскиот патријарх на Ерусалим, кардиналот Пјербатиста Пицабала, како и отец Франческо Јелпо, поглавар на Кустодијата на Светата земја – францисканска провинција задолжена за чување на христијанските свети места – да пристигнат до Црквата на Светиот Гроб во Стариот град на Ерусалим, каде требало да служат миса по повод празникот Цветници, соопштија Патријаршијата и Францисканската кустодија на Светата земја.Според соопштението, двајцата највисоки католички свештеници во регионот „биле запрени на патот, додека се движеле приватно и без какви било обележја на поворка или церемонијален чин, и биле принудени да се вратат“.
Свет | пред 13 часа