Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Каја Калас синоќа го осуди „кршењето на верските слободи“ откако израелската полиција го спречи латинскиот патријарх на Ерусалим да служи миса на христијанскиот празник Цветници во Црквата на Светиот Гроб.
„Одлуката на израелската полиција да му забрани на латинскиот патријарх на Ерусалим да влезе во Црквата на Светиот Гроб на Цветници претставува кршење на верските слободи и долгогодишните заштити што ги опкружуваат светите места“, истакна Калас во објава на социјалната мрежа Икс.
Како што наведе, слободата на вероисповед во Ерусалим мора да биде целосно загарантирана, без исклучок, за сите религии.
„Мултирелигискиот карактер на Ерусалим мора да биде заштитен“, нагласи Калас.
Израелската полиција вчера наутро го спречи латинскиот патријарх на Ерусалим, кардиналот Пјербатиста Пицабала, како и отец Франческо Јелпо, поглавар на Кустодијата на Светата земја – францисканска провинција задолжена за чување на христијанските свети места – да пристигнат до Црквата на Светиот Гроб во Стариот град на Ерусалим, каде требало да служат миса по повод празникот Цветници, соопштија Патријаршијата и Францисканската кустодија на Светата земја.
Според соопштението, двајцата највисоки католички свештеници во регионот „биле запрени на патот, додека се движеле приватно и без какви било обележја на поворка или церемонијален чин, и биле принудени да се вратат“.
Скандал за Цветници: Израелска полиција го запре влезот на кардиналот во свето место
Израелската полиција спречила одржување на миса за Цветници во Ерусалим, откако на латинскиот патријарх Пјербатиста Пицабала и на кустосот на Светата земја Франческо Јелпо не им било дозволено да влезат во Црквата на Светиот гроб.Според Латинскиот патријархат, ваков случај се случува првпат по неколку векови. Настанот предизвика силни реакции во јавноста и осуди од меѓународната заедница.Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека веднаш наредил на надлежните институции да му се овозможи на кардиналот непречен пристап до храмот и одржување на богослужбата.Тој објасни дека ограничувањето било воведено од безбедносни причини, поради зголемените тензии и ракетните напади во регионот, при што, како што наведе, делови од проектили паднале во близина на светите места во градот.„Со цел да се заштитат верниците, беше побарано привремено воздржување од богослужби на христијанските, муслиманските и еврејските свети места во Стариот град“, посочи Нетанјаху, додавајќи дека одлуката за кардиналот ќе биде коригирана.Цветници го означуваат почетокот на Страсната седмица и се еден од најзначајните христијански празници, поврзан со влегувањето на Исус Христос во Ерусалим.Инцидентот предизвика осуди од повеќе европски лидери, меѓу кои и Џорџа Мелони и Емануел Макрон, како и од претставници на САД.Според податоците, бројот на христијани во Светата земја денес изнесува помалку од два процента од населението, што претставува значително намалување во однос на периодот по формирањето на Израел во 1948 година.
Свет | пред 13 часа