Промени тема
За нас
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...

ЛОКАЛНИ25

kucinja-kuce

Шукова: Нов стационар и комунална полиција наместо ад-хок мерки за бездомните животни

„Изградба на државно прифатилиште за миленици заедно со Град Скопје, општините и централната власт, кое ќе работи 24 часа во денот со зголемен капацитет и комунална полиција“, кандидатката за градоначалник на Град Скопје Каја Шукова ја претстави програмата и решенијата за проблемот со бездомните кучиња пред активистите за заштита на животните.Таа на вчерашната средба порача дека доста се веќе ад-хок мерки кои не носат реални решенија туку дека е потребен систем, поддржан од институции, закон и одговорни граѓани.„Без заедничка одговорност нема долгорочно решение. Подготвена сум да ги прифатам и интегрирам најдобрите предлози што доаѓаат од заедницата на љубителите на животни затоа што токму тие со години се на терен и знаат каде најмногу 'шкрипи'. Ни треба државен стационар односно прифатилиште на градот, општините и владата кој ќе работи 24 часа во денот и во чии рамки ќе има комунални инспектори и казни на лице место со цел законот да се применува, а не само да постои“, рече Шукова пред активистите.Притоа таа посочи дека клучно е да се делува кај изворот на проблемот, а тоа е неконтролираното размножување, неказнетото напуштање миленици и недостигот од надзор. Шукова во својата програма најавува задолжително чипирање на милениците веднаш по нивното раѓање, регулација и надзор на одгледувачниците, како и санкции за нелегален увоз и шверц со чипови.„Решавањето на проблемот со бездомните кучиња е прашање на цивилизациска зрелост. Затоа ќе иницираме измена на Законот за благосостојба на животните, со цел системот да стане поефикасен, а институциите поодговорни“, истакна Шукова.Шукова порача дека нема да се дозволи недостиг од политичка волја која ја блокира работата на ЈП „Лајка“. Притоа на средбата Шукова ја осуди неодамнешната изјава на кандидатот за градоначалник за Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓеорѓиевски во која тој ја спори работата на ЈП „Лајка“.“Ѓорѓиевски, со изјавата преку која ја оспорува ефикасноста на ЈП „Лајка“, не само што покажува сериозно непознавање на проблематиката со бездомните кучиња, туку и ја открива хипокризијата на еден функционер кој сам не ги исполнува обврските преземени со договор. Наместо да обезбеди континуирана финансиска поддршка, за што Општина Кисела Вода му должи над 5 милиони денари на ЈП „Лајка“, Ѓорѓиевски избира да ја дискредитира институцијата која и покрај сите пречки работи посветено, хумано и транспарентно. Ваквиот пристап не само што е нечесен, туку ја одразува и пошироката незаинтересираност на дел од локалната самоуправа за системски, меѓуинституционален одговор кон овој децениски проблем“, порача Шукова.Според Шукова, ЈП „Лајка“ треба да се зајакне преку зголемување на капацитетите, воведување ноќна служба и дежурни ветеринарни амбуланти, како и со дополнителен кадар и современа опрема. Сите овие мерки не само што ќе го решат проблемот со бездомните кучињата, туку и ќе постават темели за нова култура на одговорно сопствеништво и заштита на животните во Скопје.

Скопје | пред 7 месеци

Screenshot-2025-08-24-at-11.04.27

Мециновиќ од Левица најавува револуција во јавниот превоз и урбанизмот во Скопје

Кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, во своја објава порача дека скопјани, кои го изградиле градот, денес не можат да обезбедат сопствени домови поради енормните цени и неконтролираната урбанизација.„Не можат да се движат низ Скопје поради колапсот на јавниот превоз, ниту да се социјализираат без плаќање поради недостаток на јавни простори. Животот во Скопје не мора да биде ваков, но политичарите од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ токму тоа го сакаат – за да креираат урбанистички планови во интерес на фирмите на нивните донатори“, истакна Мециновиќ.Тој ги обвини двете најголеми партии дека ја претвораат секоја потреба на граѓаните во профит за елитите и го уништуваат достоинството на обичниот човек.Како приоритети на својата програма ги најави:– целосен фокус на јавниот превоз, со цел автомобилите да не бидат неопходни во градот,– нов Генерален урбанистички план кој ќе овозможи достапно домување и зачувување на животната средина,– промени во градското функционирање со фокус на јавниот интерес пред корпоративниот профит.„Чистиот воздух е поважен од профитот на индустријалците“, нагласи тој. Мециновиќ најави дека наскоро ќе го претстави и концептот за социјален модел на наплата на комуналиите, со цел подобра заштита на граѓаните.

Скопје | пред 7 месеци

FB-ZHG

Зелен хуман град ја откажа промоцијата на кандидатката за градоначалник на Скопје

Прес-конференцијата што требаше да се одржи попладнево, на која Зелен хуман град планираше да ја претстави својата кандидатка за градоначалник на Скопје, е откажана поради здравствени причини.Според последната најава, кандидатката на коалицијата се повлекла од настапот, но и од самата кандидатура, поради здравствени проблеми.Од Зелен хуман град не го открија нејзиното име, туку ја опишаа како личност со искуство во борбата за јавниот интерес и со визија за град кој ќе биде дом за сите, а не место за бетон и профит на мал број алчни поединци што три децении го уништуваат Скопје.„Оваа кандидатура не е само уште едно име на ливчето. Ова е повик за отпор. Повик за надеж. Повик за град по мерка на луѓето, а не на партиските елити. Ова е продолжување на зелената и хумана трансформација на Скопје што ја започнавме пред четири години“, се наведуваше во поканата за прес-конференцијата.фото: ФБ/ЗХГ

Скопје | пред 7 месеци

sajtovi-sajt-portal

И фантомски портали во регистарот за изборно рекламирање: 6,5 милиони евра на маса, нефункционални портали со „Account suspended“ страници во регистар

Во регистарот на медиуми за изборно рекламирање на локалните избори 2025, освен телевизии, радиостаници и печатени медиуми, се најдоа и 245 интернет портали. Меѓу нив, како што покажа проверката на „Скопје1“, најмалку десетина портали воопшто не функционираат или никогаш не биле регистрирани како домени. За овие избори, „Скопје1“ дознава дека имало и случај каде една фирма регистрирала дури 12 портали преку кои сакала да рекламира избори, а најголем дел - непостоечки.Од порталите „Мкд.мкд“, „Канал12.мк“, „Југоисток.мк“, „Инфовест.мк“, „Регион.мк“, „Мкзабава.мк“, „Сигмак.мк“, „Екобалнс.мк“, „Цуцкат.далее.мк“, „Онтаргет.мк“, „Нопресс.мк“, „Телетексти.мк“ — сите со „.мк“ домеин — се добива само порака „Сајтот не е достапен“. Националниот регистар потврдува дека тие домени не се ниту закупени, иако сопствениците ги пријавиле во Државната изборна комисија.Покрај нив, има и новорегистрирани портали во последните месеци, како „Инфотренд.мк“ (декември 2024), „Гвгливе.мк“ (јануари 2025), „Мојотштип.мк“ (февруари 2025), „Нова12“ (мај 2025), „Фактидитор.мк“ (мај 2025), кој и денес е недостапен, како и „Алопресс.мк“ (јуни 2025).Најинтересен пример е „Таргети.мк“ – пријавен во ДИК до крајниот рок на 12 август, но домеин закупен еден ден подоцна, на 13 август. И денес, наместо вести, страницата покажува само порака „Maintenance mode is on“. Исто така, „Информаторплус.мк“, иако е регистриран во февруари, сега дава порака „Account suspended“.Меѓу пријавените за рекламирање е и порталот „Грамофони.ком“, на српски јазик, кој е специјализиран за музика, грамофони и плочи, и дури има дел со продажба на нови уреди.Иако сите овие портали формално ги исполниле условите за да бидат дел од регистарот, останува на партиите да одлучат дали и кај кого ќе трошат дел од 6,5 милиони евра државни пари предвидени за изборно рекламирање.Според податоците на ДИК, барањата на 22 правни лица се одбиени како неуредни, меѓу нив две телевизии, пет радиостаници, еден печатен медиум и 15 интернет портали.

Македонија | пред 7 месеци

Screenshot-2025-08-17-at-21.00.48

Локалните избори ќе бидат поскапи

Тековниот изборен циклус веројатно ќе чини повеќе од претходните, но институциите имаат должност да овозможат учество на сите кандидати и политички субјекти, изјави вчера претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко, во интервју за Радио Слободна Европа.Тој појасни дека конечната слика ќе биде позната по 13 септември, кога завршува рокот за поднесување кандидатски листи, но ДИК веќе се подготвува за прилагодување на формата и содржината на гласачкото ливче.„Можно е процесот да стане поскап, но ние сме должни да го спроведеме и да обезбедиме еднакви услови за сите,“ нагласи Кондарко.Претседателот на Комисијата посочи дека ДИК има овластувања да носи одлуки и упатства со цел непречено спроведување на изборните дејствија, особено во случај на голем број пријавени листи. Постапката за поднесување кандидатури на независни кандидати и групи избирачи, според него, е усогласена со законските одредби и правилно уредена преку правилник и упатство.Кондарко потсети дека дилемите околу потписите за независни листи се јавиле уште во мај, по одлуката на Уставниот суд, и нагласи дека ДИК не смее да го оневозможи учеството на избирачките групи. „Прашањето е веќе затворено, но учесниците ќе треба да исполнат и други законски услови,“ рече тој.Паралелно, Кондарко оцени дека е неопходен целосно нов Изборен законик, со појасни процедури и јасни правила, вклучувајќи финансирање на партиите, регулација на кампањите и улога на медиумите.До истекот на рокот за поднесување листи, ДИК ќе продолжи со усогласување на техничките аспекти – изглед на гласачкото ливче, распоред на кандидатите и логистика на гласањето – со цел да се обезбеди фер и непречено спроведување на изборите, дури и по цена на повисоки трошоци.

Македонија | пред 7 месеци

petrusevski-apasiev

Пресметка меѓу Апасиев и Петрушевски: размена на остри критики пред изборите

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, со објава на социјалните мрежи го нападна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, велејќи дека има „мањак од 100-150.000 гласа“ од последните избори и додавајќи дека „ароганцијата е автодеструктивна на долг рок“. Апасиев порача дека Мицкоски ќе зажали за ваквото однесување и најави дека изборите се ближат.На ова реагираше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, кој жестоко возврати на Апасиев. Тој му порача дека како универзитетски професор треба да знае дека локални избори не се споредуваат со парламентарни, туку со претходни локални избори.„Наместо да броиш гласови на ВМРО-ДПМНЕ, гледај си ја својата партија, бидејќи ти си најголемиот хендикеп на Левица. Во ваква ситуација, кога СДСМ е целосно растурена партија со криминален багаж, вистинска мајсторија е Левица да се бори за пет проценти поддршка“, изјави Петрушевски.Петрушевски оцени дека борбата на Левица се сведува на тоа да обезбеди минимално присуство во неколку општински совети, а најголемиот проблем на Апасиев, според него, е маргиналноста и искривената лична перцепција.Оваа размена на обвинувања уште еднаш ја потврдува напнатата атмосфера пред претстојните локални избори, каде што меѓусебните пресметки на лидерите на опозицијата и помалите партии стануваат сè поостри.

Коментари | пред 7 месеци

kaja-shukova

Шукова го нападна Ѓорѓиевски - почнаа предизборните пресметки за гласови

Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, денеска на прес-конференција остро ја критикуваше работата на локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека последните четири години биле период на хаос, корупција и целосно игнорирање на интересите на граѓаните.„Граѓаните точно знаат кој го доведе Скопје во оваа состојба. Никогаш градот не бил подалеку од своите граѓани. Наместо одговорно управување, Скопје стана заложник на партиските интереси и на пресметките на ВМРО-ДПМНЕ. Денес секоја улица и секое маало сведочат за нивниот неуспех“, рече Шукова.Таа потсети дека Скопје се соочува со целосно уништен јавен превоз, преполни контејнери и нефункционален систем за чистење, како и со урбанистички хаос и криминални дивоградби. „Културниот живот и урбаниот дух на градот се уништени. Наместо вистински решенија, добивме застој и распаѓање“, додаде кандидатката.Шукова го обвини противкандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, дека отворено го брани урбанистичкото дивеење во Чаир и дека ја продолжува истата политика на бизнис-интереси на штета на граѓаните. „Скопје не може да издржи уште еден градоначалник кој ќе работи за профитот на владејачката елита. Градот е за живеење, а не за партиска каса“, истакна таа.Најавувајќи дека по 19 октомври Скопје мора да добие вистинска промена, Шукова порача дека нејзината визија е град кој обединува, нуди чиста и културна средина и се води од интересите на граѓаните, а не на партиите. „Скопјани заслужуваат чесен градоначалник со визија и план, кој ќе донесе решенија, а не нови разочарувања“, заклучи таа.

Скопје | пред 7 месеци

mickoski-medziti

Меџити најави апсолутна победа во Чаир, уште во прв круг

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од Коалицијата ВРЕДИ, Изет Меџити, кој е и актуелен прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, изјави дека очекува апсолутна победа на октомвриските избори и дека битката ќе заврши уште во првиот круг.„Очекувам апсолутна победа во Чаир и убеден сум дека визијата на ВРЕДИ ќе обезбеди развој на општината за наредните 50 години“, порача Меџити.Во интервју за МИА, Меџити нагласи дека довербата од граѓаните ќе ја бара со конкретна и прагматична програма насочена кон решавање на сообраќајниот метеж, уредување на зеленилото и тротоарите, како и воведување мораториум за нови градби со цел подобра урбанистичка контрола.„Чаир ќе биде првата општина без ѓубре на улиците, затоа што сите контејнери ќе бидат подземни. Тоа ќе придонесе за многу почист и позелен Чаир“, изјави Меџити.

Скопје | пред 7 месеци

mecinovic-51346

Што планира Мециновиќ со Скопје: мора да се ослободи од политичките притисоци

Кандидатот за градоначалник на Скопје од редовите на Левица, Амар Мециновиќ, во гостување на Сител телевизија изјави дека главниот град мора да се развива во интерес на граѓаните, ослободен од политички притисоци.„Над луѓето кои се креативниот потенцијал на Скопје само треба да се тргнат политичките пранги и политичкиот притисок, за да можат да дишат, да функционираат и да создаваат прилики. Тоа се приликите кои му се потребни на нашиот град,“ истакна Мециновиќ.Тој најави дека во наредните два месеци ќе се работи на создавање на пошироко движење кое ќе биде повеќе од партија и повеќе од еден човек – платформа за сите граѓани кои, како што рече, се уморни од „град заложник на интересите на малкумина“.Мециновиќ потсети на своето искуство како советник во Град Скопје и нагласи дека единствена константа во работењето на досегашните власти бил приватниот интерес. Како пример го посочи проблемот со јавниот превоз, за кој, според него, уште во 2022 година се укажувало, но не се решавало.„Нашата поента не е да се претставиме како совршени луѓе. Напротив, сакаме да понудиме платформа на јавен интерес, со која ќе може да се поистоветат сите граѓани кои ги делат истите проблеми во скопското секојдневие,“ рече тој.Кандидатот на Левица нагласи дека мора да престане деградирањето на услугите на Градот и го критикуваше давањето концесии за паркинзи на приватни компании, иако постои јавно претпријатие за таа цел.Во однос на јавниот превоз, Мециновиќ оцени дека во 2025 година е недозволиво Скопје да се соочува со вакви проблеми. „Потребна е набавка на нови автобуси, алтернативни методи на јавен превоз и нов Генерален урбанистички план,“ нагласи тој.Мециновиќ заклучи дека неговата кампања е спротивна на платформите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои, според него, не нудат решенија за вистинските проблеми на граѓаните.

Скопје | пред 7 месеци

orce

Ѓорѓиевски: Обезбедивме 70 километри патна инфраструктура, изградивме над 20 спортски терени и обезбедивме градинки за згрижување на сите дечиња во Кисела Вода

На денешниот настан, Саем-Отчет под мотото „4 години работа за тебе“ свое обраќање на панел дискусијата имаше градоначалникот на Кисела Вода и кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој образложи што е направено изминатите 4 години за општината односно ги истакна клучните проекти кои се направени изминатиот период како вложувањето во патната инфраструктура, изградба на градинки, инвестирање во образованието со изградба на основни училишта и спортски терени, притоа истакнувајќи дека сето тоа искуство ќе го пренесе и за градот Скопје.„Во минатото имавме еден затворен однос од институциите, ниту пак некој ни подаде рака различна е состојбата од кога се направија промени на централно ниво, откако претседателот Христијан Мицкоски е на чело на Владата на Република Македонија. Еден од најгорливите проблеми за нашето население во Кисела Вода, особено за младите брачни парови, беше недостатокот на места во градинките, ние ја наследивме општината со над 450 дечиња на листите на чекање. Во финална фаза ни е градинката во Потстаница, се потрудивме во изминатиот период да во секое населено место да обезбедиме објект во којшто ќе бидат згрижувани дечињата и практично листите од 450 ги сведовме на нула, што е сериозен прогрес. Што се однесува до основното образовани и инвестициите таму, во моментот сме во фаза на доградба на две основни училишта, каде што нашата интенција води кон тоа и од аспект по практично да биде за родителите но и од аспект на заштеди на институциите, особено за општината и основните училишта , да воведеме едносменско работење на сите основни училишта“, вели Ѓорѓиевскки.Ѓорѓиевски истакна дека се изградени многу спортски терени и дека е направена модерна, современа патна инфраструктура како и дека е решен проблемот со дивеењето урбаната мафија во Расадник, со тоа што се поништени 99 маркици за градба.„Повеќе од 20 спортски терени се изградени изминативе 4 години во општина Кисела Вода, во моментов се градат три нови спортски сали и четири се целосно реконструирани. 70 километри патна инфраструктура имаме за четири години во Кисела Вода, создадовме модерна современа патна инфраструктура и сите населени места бидат обезбедени со подземна инфраструктура, тоа подразбира водоводна и одводна мрежа. Она што претставуваше горлив проблем во минатото беше и дивеењето на урбаната мафија, јас бев еден од ретките кој што спроведе Меѓународен конкурс за идејно решение за деталниот урбанистички план во Расадник и поништивме 99 маркици за градба таму“, рече Ѓорѓиевски.

Скопје | пред 7 месеци

Screenshot-2025-08-23-at-12.09.26

(Видео) Мицкоски за неговите градоначалници: Четири години работа без афери, со чесен образ пред граѓаните

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на Саем-Отчет по повод „4 години работа за тебе“ изјави дека локалните власти предводени од градоначалници на партијата успеале да се справат со сериозни предизвици, иако најголемиот дел од мандатот го поминале без поддршка од централната власт.„Поминавме низ еден тежок период, ги вадевме општините од бездна. Од овие четири години, три години градоначалниците имаа Влада која немаше слух, а имаше приоритети кои не беа локалните проблеми. Градоначалниците решаваа проблеми, минувавме низ сè без помош од Влада“, рече Мицкоски.Тој додаде дека најголемата вредност на овие четири години е фактот што, според него, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ немаат ниту една афера зад себе.„Четири години подоцна можам да кажам дека одговоривте на дадената доверба, го задржавте вашиот образ. Највредната работа е што немате ниту една афера зад себе, ниту еден криминален случај, ништо што би донело срам кон партијата и граѓаните“, истакна Мицкоски.Тој рече дека градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ останале луѓе врз кои граѓаните можеле да се потпрат.

пред 7 месеци

Screenshot-2025-08-23-at-11.28.13

На 329 медиуми ќе се рекламираат кандидатите на локалните избори

Од вкупно 352 пристигнати барања за упис во регистарот на радиодифузери, печатени медиуми, електронски медиуми и интернет портали за претстојните локални избори, Државната изборна комисија (ДИК) регистрираше 33 телевизии, 42 радиостаници, осум печатени медиуми и 246 интернет портали.Средствата што ќе се потрошат за платено политичко рекламирање за медиумите изнесуваат 66 проценти од буџетот на ДИК за локалните избори, односно 397.763.000 денари (околу 6,5 милиони евра) од вкупно 600.489.000 денари (околу 9,76 милиони евра).„Пристигнаа 352 барања за упис во регистарот, а до ДИК беа доставени вкупно 399 ценовници за платено политичко рекламирање. Врз основа на обработената документација, запишани се 33 телевизии, 42 радиостаници, осум печатени медиуми и 246 интернет портали. Барањата на 22 правни лица – две телевизии, пет радиостаници, еден печатен медиум и 15 интернет портали – се отфрлени како неуредни, односно ненавремени и некомплетни. Дополнително, беа доставени и два ценовници без барање и тековна состојба, поради што истите се отфрлени како некомплетни“, изјави на седница членката на ДИК, Светлана Карапетрова.Комисијата го изгласа и решението за упис во регистарот на медиумите што ќе учествуваат во кампањата за локалните избори 2025 година.Првиот круг на изборите ќе се одржи на 19 октомври, а вториот на 2 ноември.

Македонија | пред 7 месеци

Screenshot-2025-08-23-at-11.06.04

Османи најмил „светска куќа“ и остава телефонски број по граѓани, за да дојде до градоначалничката функција во Чаир

Ексминситерот и актуелен кандидат за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, речиси секојдневно одржува прес-конференции и преку објави се промовира пред престојните локални избори, иако кампањата не е започната. На новинарско прашање, тој рече дека ова не е забрането.„Јас мислам дека ова е период кога треба да се разговара со граѓаните на Чаир, мислам дека визијата за новиот Чаир бара почести контакти. Освен светска куќа за нов изглед, јас тропам од врата на врата, давам телефонски број. Врвна светска куќа комбинирана со проблемите на граѓаните. Ја вклучивме светската експертиза“, рече Бујар Османи.

Скопје | пред 7 месеци

kucinja-kuce

Како Ѓорѓиевски би го решил проблемот со уличните кучиња

Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, информира дека имал средба со претставници на Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“, новинарката Мери Јордановска, Ирена Ристиќ и волонтери од градот.На средбата се разговарало за хумано решавање на проблемот со бездомните животни, што, како што истакна Ѓорѓиевски, е прашање од заедничка одговорност кое директно ја засега и безбедноста на граѓаните.„Преку вистински политики и искрена волја можеме да изградиме град во кој животните нема да бидат заборавени, туку згрижени и заштитени. Заслужуваме град каде што целосно ќе биде решено ова хуманитарно, здравствено, безбедносно и економско прашање“, порача Ѓорѓиевски.Меѓу идеите што беа разменети се подобрување на условите во прифатилиштата, чипирање и стерилизација за контрола на популацијата, поттикнување на вдомувањето и едукација на граѓаните за одговорно сопствеништво.„Верувам дека заедно можеме да создадеме Скопје кое ќе биде пример за хуманост, град во кој граѓаните ќе се чувствуваат безбедно, а секое куче ќе има право на достоинствен живот,“ додаде кандидатот за градоначалник.

Скопје | пред 7 месеци

Screenshot-2025-08-22-at-11.52.29

Само Чаирчанец може да го спаси Скопје, вели Апасиев за кандидатурата на Мециновиќ за Град Скопје

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, денеска го промовираше кандидатот на партијата за градоначалник на Град Скопје – пратеникот Амар Мециновиќ. Кратко по прес-конференцијата објави и фотографија.„Само Чаирчанец може да го спаси Скопје“, напиша Апасиев, кој претходно најави дека Левица на овие локални избори ќе настапи со рекорден број кандидати.Партијата, како што истакна лидерот, ќе има над 20 кандидати за градоначалници низ државата и повеќе од 62 советнички листи„Ова покажува дека Левица прераснува од мала во средно-голема политичка партија,“ рече Апасиев.

Коментари | пред 7 месеци

Screenshot-2025-08-22-at-10.57.47

Османи со националистички пораки во Чаир: „Не е лапсус – сакаат укинување на Рамковниот договор“

Кандидатот за градоначалник на Чаир од ДУИ, Бујар Османи, промовирајќи што ќе прави со општината, повторно се осврна на националистички прашања. Тој промовира теза дека се спрема укинување на Рамковниот договор. Ова доаѓа откако министерот за правда, Игор Филков рече „Бадентеровото мнозинство се злоупотребува, можеби е дојдено време да се ревидира“, а премиерот Христијан Мицкоски возврати: „Рамковниот договор е исполнет во целост и тоа е завршена тема“. Османи најави мобилизација, обвинувајќи дека „Македонија станува дел од српскиот свет“.„Јас мислам дека тоа не е лапсус и не е случајно, дека е дел од стратегијата на премиерот да бара од министрите да најават теми кои се многу проблематични, за потоа со празни деманти да балансира. Целта е во јавност да се пушти пробен балон, да се релативизира темата, да се навикне увото на граѓаните на таквата тема и еден ден како што направија со многу столбови на Рамковниот како јазикот, правото на одлучување на Албанците - да го поништат. Едно да кажам, нема да дозволат Албанците поништување на Рамковниот договор. Ова ќе нѐ најде мобизирани“, рече Османи.Според Османи, 461 пратеник од Европскиот парламент изгласале извештај според кој Македонија станува дел од српскиот свет.„Елементите на српскиот свет го фаќаат системот. Ова е изолација од ЕУ, станување дел од српскиот свет, кој е прокси на рускиот свет. Иднината на државата е загрозена“, рече Османи.

Македонија | пред 7 месеци

mecinovic-apasiev

Амар Мециновиќ е кандидат за градоначалник на Скопје од Левица, Апасиев најави рекорден број кандидати на локалните избори

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев соопшти дека кандидатот за градоначалник за Град Скопје од нивната партија ќе биде Амар Мециновиќ.„Левица ќе настапи со рекорден број на кандидати. На минатите избори имавме осум кандидати, оваа година ќе одиме со преку 20. Претходно имавме 38 советнички листи, а оваа година ќе одиме над 62. Ова покажува дека Левица прераснува од мала во средно-голема политичка партија. Почнуваме со претставување на кандидатот на градоначалник за Град Скопје, место кое ќе биде за најглавен мегдан“, рече Апасиев.Мециновиќ кажа кои ќе бидат негови приоритети, потсети дека бил и советник во Градот. Посебен фокус стави на јавниот транспорт, градската чистота, Генералниот урбанистички план, борбата со загадениот воздух.„Левица сака да ги обедини сите кои се против ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Јавниот превоз ќе ни биде првиот примарен приоритет за кој ќе се залагаме. На нивна страна се парите и моќта, а за она што ние го нудиме тие немаат одговор. Ова е наша борба и наша приказна, за нашето Скопје. За граѓаните треба да биде јасно дека гласаат за политичка волја, која ни пресуди ние сега да немаме автобуси“, рече Амар Мециновиќ, кандидат за градоначалник на Центар.Мециновиќ влезе во трката со Орце Ѓорѓиевски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и Каја Шукова кандидатка на СДСМ.

Скопје | пред 7 месеци

Screenshot-2025-08-17-at-21.00.48

(Видео) ДИК го олесни настапот на независните листи – доволни ќе бидат два потписи

На денешната 129-та седница, Државната изборна комисија (ДИК) со шест гласа „за“ и еден „против“ го усвои правилникот со кој независните кандидати ќе може да поднесуваат листи за советници со само два потписи.Со оваа одлука значително се поедноставува постапката за учество на независните во локалните избори. Новите правила ќе стапат во сила по нивното објавување во „Службен весник“.За прашањето на потписите, во саботата беше закажана и итна собраниска седница. Предлогот предвидуваше независните листи да треба да обезбедат потписи од 0,9% од вкупниот број запишани избирачи во општината. Но измените не беа изгласани – дел поради немањето доволен број пратеници во салата, а дел поради потребата од бадентерово мнозинство.Ова доаѓа откако претходно Уставниот суд го укина постојниот член во Изборниот законик, според кој независните кандидати мораа да обезбедат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во општината.

Свет | пред 7 месеци

izbori-makedonija-Copy

СДСМ за изборниот законик: „Пропуштена е шансата за фер и прифатлива рамка“

„Жалиме што власта ја пропушти шансата да се обезбеди изборна рамка која е фер, праведна и прифатлива за сите.Пред вчерашната седница на ЗКП имавме координација на која сите партии, освен ДУИ, ја поддржаа иницијативата за праг од 0,5% за независните кандидати. Со неприфаќањето на ова решение, се ризикува изборниот процес да се претвори во хаос.Наш став е дека прашањата за изборниот законик мора да се разгледуваат внимателно и со почитување на сите правни аспекти. Наместо тоа, власта ја пропушти можноста да воспостави рамка која ќе обезбеди транспарентни и демократски избори“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Македонија | пред 7 месеци

Screenshot-2025-08-17-at-10.13.30

Зелен хуман град: Подмолен обид на партиите за исклучување на граѓаните од политичкиот живот, ни фалат уште 500 потписи

Зелен Хуман Град се незадоволни од случувањата со измените на Изборниот законик во Собранието, со кои првичните прагови за собирање потписи за независни кандидатури од 1% од вкупните гласачи по општина беа прогласени за неуставни, но се врати скоро идентична бројка од 0,95%.Пратениците без ДУИ вчера не ги изгласаа измените, бидејќи не беше обезбеден Бадентер и сега се чека Упатството на ДИК за на хартија да се види дали треба или не собирање потписи. Но, некои се крајно скептични и се плашат дека ќе бидат изиграни и затоа ќе продолжат со собирање потписи или регистрирање партија.На социјалните мрежи Зелен хуман град го напишаа ставот за случувањата и што ќе значеше обезбедувањето поддршка од 0,95 проценти од гласачкото тело:„Со претходниот закон за независно кандидирање требаа 4.500+ потписи за Град Скопје, а со сегашниот предлог ќе требаат 4.430 – колку што на локалните избори во 2021 г. „тежеше“ едно советничко место.Измените на Изборниот законик се обид за лажно и привидно намалување на прагот кој е превисок дури и за држави со далеку побројно население од нашето. Ова е уште еден подмолен обид за целосно исклучување на граѓаните од политичкиот живот и обид за зацврстување на монополот на зацементираните партии кои повеќе од три децении буквално ги крадат нашето здравје, нашата среќа, нашите животи, а сега ни го крадат и правото на избор.ЗХГ продолжува да собира потписи од сите државјани на Македонија кои сметаат дека вреди да се поддржи единствената партија формирана од долгогодишни волонтери кои ги живеат принципите на заштита на животната средина, животните и социјална правда. Продолжуваме да собираме потписи од сите кои сметаат дека мора да се стави крај на префрлањето на топката меѓу играчите кои над 3 децении покажуваат дека играат против нас, граѓаните.Потписите може да се дадат на кој било нотар, а на нашите социјални медиуми се објавени нотарите кај кои има веќе испечатени документи за потпис. Дополнително потребно е вадење државјанство”.Од ЗХГ велат дека им фалат ушѕе 500 потписи.

Македонија | пред 7 месеци

izbori-makedonija-Copy

Изборниот законик падна на Бадентер – неизвесност за независните кандидати

Итната седница на Собранието за измените на Изборниот законик заврши без резултат – предлогот беше изгласан со мнозинство, но не помина на Бадентеровото гласање. Со тоа, останува неизвесно како независните кандидати ќе можат да учествуваат на локалните избори закажани за 19 октомври.Првичниот предлог предвидуваше независните листи да обезбедат потписи од 0,95% од запишаните избирачи во една изборна единица, наместо досегашниот еден процент. По расправата во комисии и прифаќањето на амандманот на Левица, прагот беше намален на 0,5%. Овој компромис беше поддржан од пратениците на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.На првото гласање во пленарна сала, за измените гласаа 67 пратеници од вкупно 85 присутни, против беа 18, а воздржани немаше. Сепак, кога дојде до Бадентеровото гласање – услов задолжителен за одредби кои се однесуваат на изборниот процес – 18 пратеници од Европскиот фронт гласаа „против“, а само пратеници 11 беа „за“.Европскиот фронт реагираше дека измените се еднострани и во корист на владејачките партии, обвинувајќи дека се подготвуваат за мајоризација. „Се урива главниот заштитен механизам кој произлегува од Охридскиот договор – Бадентерот. Ова е прв пат да се дискутира за Изборниот законик без компромис и консултации со опозицијата“, порача Елми Азири.Од друга страна, од владејачката коалиција ВРЕДИ оценија дека опозицијата манипулира. „Влен се обидува да воспостави демократски вредности за граѓаните, а Европскиот фронт создава забуна околу тоа кој може, а кој не може да се кандидира“, изјави Саранда Имери-Стафаи.Со неизгласувањето на измените, ќе важи новото упатство на Државната изборна комисија (ДИК). Според него, кај советничките листи нема да биде потребно дополнително собирање потписи, а кај кандидатите за градоначалници ќе се бара поддршка од група избирачи со најмалку два потписи.Така, правната несигурност останува – дали ова упатство ќе биде доволно за несметано учество на независните кандидати или пак локалните избори повторно ќе се одржат во сенка на политички блокади.

Македонија | пред 7 месеци

Biljana-Ivanovska

Билјана Ивановска независна кандидатка за градоначалник на Центар

Платформата „Независни заедно“ ја претстави поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, како независна кандидатка за градоначалник на Општина Центар.Ивановска, позната по својата борба за правда и против корупцијата, добива поддршка од граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 398“.Нејзината кандидатура официјално ќе биде објавена на прес-конференција која ќе се одржи пред фонтаната Лотус на влезот во Градскиот парк, во четврток во 09:30 часот, информираат од платформата.

Македонија | пред 7 месеци

izbori-makedonija-Copy

ДКСК потсетува: Забрани и ограничувања за време на локалните избори 2025

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ги потсети институциите, политичките партии и јавноста на забраните и ограничувањата кои важат од денот на распишување на локалните избори 2025, па до нивното завршување.Меѓу клучните мерки се:• Забрана за нови инвестиции и вонредни исплати – нема почнување нови инфраструктурни проекти со буџетски средства, ниту еднократни исплати, потпишување колективни договори или нови вработувања (освен во итни случаи).• Забрана за користење државни ресурси за кампања – државен имот, буџетски средства или опрема не смеат да се користат за политички цели.• Забрана за поткуп – строго се забранува давање пари, подароци или други бенефиции за влијание врз гласачи.• Ограничувања пред и за време на кампања – 20 дена пред почетокот на кампањата до крајот на изборите нема јавни настани за отворање објекти финансирани од државата; Министерството за финансии мора јавно да ги објавува сите исплати; забрането е користење службени возила и канцеларии за партиски цели; забранет е притисок врз гласачи.ДКСК ќе го следи целиот процес, ќе пријавува прекршувања и ќе бара постапување од надлежните органи. Граѓаните и медиумите се повикани да пријавуваат сомнителни активности за време на изборниот период.

Македонија | пред 7 месеци

Screenshot-2021-10-16-at-18.48.00

Независните во локалната трка без собирање потписи

На претстојните локални избори, кои спикерот Гаши ги закажа за 19 октомври и втор круг за градоначалници за 2 ноември, ќе може да учествуваат и независни кандидати.Ова произлегува од изјавата на претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко.Тој го цитираше членот 60 од Изборниот законик, според кој ДИК нема право никому да му го ускрати уставно загарантираното право да учествува на избори, да бира и да биде биран.Според првиот човек на ДИК, членот 60 од Изборниот законик јасно гарантира право на учество на изборите како за политички партии и коалиции, така и за групи избирачи, односно и за независни кандидати.На седницата на ДИК, веднаш по распишување на изборите, беше укинат Правилникот на ДИК за регулирање на постапката за собирање потписи.Како што објасни Кондарко, укинувањето е во согласност со одлуката на Уставниот суд, кој ги укина членовите 61 и 62 од Изборниот законик што се однесуваа на зголемување на квотите за потребните граѓански потписи што независните кандидати за градоначалници и за листи за советници требаа да ги соберат за да се пријават на избори.Кондарко нагласи дека ова не претставува одлука на ДИК, туку директна примена на законската регулатива, која ја следи одлуката на Уставниот суд за укинување на овие членови од Изборниот законик поврзани со бројот и процентот на потребни потписи за кандидатура.

Македонија | пред 7 месеци

izbori-makedonija-Copy

На 19 октомври и 2 ноември ќе се гласа за нови градоначалници и совети на општини

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска (9 август) ги распиша локалните избори во Македонија, на кои ќе се избираат градоначалници и членови на советите во сите 80 општини и во Градот Скопје.Денот на гласање во првиот круг е закажан за 19 октомври 2025 година, а вториот круг ќе се одржи на 2 ноември. Кампањата официјално ќе започне 20 дена пред првиот круг.Според Изборниот законик, за градоначалник е избран кандидатот кој ќе добие мнозинство гласови, под услов да излезат најмалку една третина од запишаните избирачи. Доколку ниту еден кандидат не го исполни овој услов, ќе се одржи втор круг меѓу двајцата кандидати со најмногу гласови. Во првиот круг ќе се избираат и новите состави на општинските совети.„Изборите не се прост технички процес, туку суштината на нашата демократија. Тие претставуваат реална можност граѓаните да изберат водачи кои одразуваат одговорност, визија и посветеност кон јавниот интерес“, изјави Гаши по распишувањето на изборите.Тој повика сите политички партии и кандидати да покажат висок степен на политичка култура, да избегнуваат притисоци, говор на поделби и злоупотреба на институциите и јавните ресурси за партиски цели.За организацијата на изборите, државата издвојува 9,7 милиони евра, од кои околу две третини се предвидени за медиумите и платеното политичко рекламирање.Ова се осми по ред локални избори во државата од независноста во 1991 година. Претходните се одржаа во 1996, 2000, 2005, 2009, 2013, 2017 и 2021 година.

Македонија | пред 7 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања