Промени тема
За нас
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...

НАРОДНА БАНКА

Нема фотографија

Експерти од Народната банка дадоа придонес кон студија на Светската банка за корпоративната финансиска одржливост

Советодавниот центар за финансискиот сектор на Светската банка (ФИНСАК) изработи студија за процена на финансиската одржливост, во која учество зедоа и експерти од Народната банка и којашто беше презентирана во присуство на тимот, предводен од гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерите Ана Митреска и Фадил Бајрами, како и делегацијата на Светската банка предводена од директорот на Канцеларијата на Светската банка во земјава, Масимилијано Паолучи.Оваа сеопфатна студија дава подлабоки сознанија за финансиската состојба на нашиот корпоративен сектор. Клучните наоди ги истакнуваат трендовите во корпоративната одржливост, влијанието на економските шокови како што е ковид-19 и финансиската стабилност на компаниите по одделни сектори во економијата. Студијата се осврнува на анализа на кредитните ризици во контекст на финансиските капацитети на компаниите за отплаќање на долговите, а опфатени се и насоки за натамошно следење на случувањата и потенцијалните ризици во банкарскиот систем од страна на Народната банка. Притоа, со користење нова аналитичка алатка, којашто ѝ се остава на располагање на Народната банка, вакви анализи ќе можат да се прават на систематска основа со што натаму се јакне капацитетот на Народната банка во сферата на супервизијата и финансиската стабилност.Гувернерката Ангеловска-Бежоска и Паолучи заеднички ја нагласија потребата од натамошно успешно партнерство и соработка помеѓу Народната банка и Светската банка заради натамошно јакнување на темелите на финансискиот систем во земјава и залагање за одржлив економски раст.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Народната банка се залага за финансиска вклученост на лицата со попреченост: Подготвени се Насоки за банките и Брошура за лицата со оштетен вид

Народната банка ги зајакнува активностите за подобрување на животот на лицата со попреченост преку олеснување на пристапот до финансиски услуги. За таа цел централната банка изработи Насоки за поголемо вклучување на лицата со попреченост како потрошувачи во банкарскиот сектор, коишто опфаќаат поголемо олеснување на физичкиот пристап до локациите и инсталирање дигитални платформи, вклученост при осмислувањето на банкарските производи, како и подобра информираност на овие корисници на банкарски услуги. Народната банка изработи и испечати и Брошура наменета за лицата со оштетен вид, којашто би придонесла за нивна поголема финансиска едукација и подобро информирање за нивните права.На презентацијата на Насоките и Брошурата во Народната банка којашто се одржа пред претставниците на банките и надлежните институции, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска упати порака до институциите и банките заеднички да обезбедат интеграција и поддршка за лицата со попреченост во сите аспекти од животот, вклучително и во економската сфера и финансиите.„Иако банките ја препознаваат потребата да ги приспособат начините на користење на услугите од страна на лицата со попреченост, сепак анкетата спроведена од Народната банка од почетокот на 2024 година, утврди дека се потребни поголем број шалтери и банкомати приспособени за лицата со попреченост, како и рампи за пристап до банкарските објекти. Потребно е да се унапредува и правната рамка во оваа област, односно да се подготват интерни акти со кои ќе се обезбеди подобра пристапност до финансиските услуги за лицата со попреченост. Според доставените одговори на анкетата, банките многу ретко обезбедуваат рекламни материјали за лицата со попреченост, специфично кредитирање осмислено за оваа група граѓани, како и специјални програми за финансиска едукација на лицата со попреченост. Овие податоци покажуваат дека ова претставува област во која мораме да работиме заедно“, порача гувернерката Ангеловска-Бежоска, повикувајќи ги банките да ги земат предвид Насоките и активно да работат на подобрување на пристапноста на своите услуги за лицата со попреченост.Презентирајќи ги Насоките и Брошурата, директорката на Дирекцијата за заштита на потрошувачите и финансиска едукација во Народната банка, Елизабета Недановска, нагласи дека со олеснување на пристапот на лицата со попреченост до финансиски услуги значително ќе се зголеми нивниот потенцијал за економска независност и социјална интеграција.„Во рамките на МБА, спроведовме анкета за пристапноста до финансиските услуги за лицата со попреченост од која добивме увид во состојбата во секторот и оттука произлегоа препораките и насоките за делување коишто секоја од институциите индивидуално ќе ги спроведува. Покрај тоа, во МБА е формиран и Комитетот за едукација, којшто предвидува обуки за вработените за примена на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и зајакнување на нивните комуникациски вештини“, истакна заменик-претседателот на Македонската банкарска асоцијација, Бојан Стојаноски.„Вклучувањето на лицата со попреченост во банкарскиот сектор не е само обврска, туку и можност за банкарските институции да покажат дека се предводници во иновациите и општествената одговорност и вклученост. Преку ваквите чекори, можеме да создадеме поинклузивно општество каде што секој ќе има еднаков пристап до финансиски услуги. Да ги направиме нашите банки достапни за сите – затоа што сите заслужуваат да бидат дел од економскиот живот“, нагласи претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Лимко Бејзароски.Според податоците од Светската здравствена организација, околу 15% од светската популација страдаат од одреден вид попреченост и овие луѓе често се борат со сиромаштија и невработеност. Оттаму, Народната банка во изминативе години презема активности за подобрување на пристапноста до финансиските услуги на лицата со попреченост, што како потреба е предвидено и во документите донесени од Народната банка, и тоа Националната стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија и Циркуларот за заштита на потрошувачите корисници на финансиски услуги. Заложбите се однесуваат на вклученост на лицата со попреченост, следејќи ги меѓународните стандарди и регулативи, како Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на Обединетите нации.

Македонија | пред 1 година

AAB-2-Nin

Ангеловска-Бежоска за „НИН“: Носење проактивни економски политики за поголема отпорност на идните предизвици

„Иако успешно поминавме низ голема економска бура, сѐ уште се соочуваме со променливи светски услови, поради што е потребна постојана будност и приспособливост“, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во авторски текст во престижниот српски неделник „НИН“. Во текстот гувернерката ја анализира последната инфлациска криза и одговорот на централните банки, којшто овозможи стабилизација без притоа економиите да западнат во рецесија, или, пак, да има последици за финансиската стабилност. Ангеловска-Бежоска посочува дека со оглед на значителното намалување на инфлацијата, централните банки започнаа со циклусот на олабавување на монетарната политика. Притоа, таа ја нагласува потребата за проактивни економски политики коишто можат брзо и ефективно да се справат со сложените предизвици коишто може повторно да се појават во иднина.Гувернерката посочува дека и покрај смирувањето на инфлацијата, сепак и понатаму има предизвици поврзани со поголемата инерција кај нејзината базична компонента. Таа наведува дека базичната инфлација во регионот од 5%, иако е преполовена во однос на нејзината највисока вредност во кризата, сепак е поотпорна во однос на вкупната инфлација којашто е намалена за 80%. „Оваа упорност е во голема мера нагласена со динамиката на растот на платите, којашто во просек изнесува 12% номинално и 8% во реални услови, со што се истакнува можната улога на политиките за платите во одржувањето на овие ценовни притисоци“, посочува гувернерката.Во однос на останатите политики, таа истакнува дека при минатите кризи фискалниот одговор ги поддржа економиите, но таа поддршка имаше цена, исцрпувајќи го фискалниот простор и зголемувајќи ги дефицитите и јавниот долг. „Оттука, задржувањето на определбата за фискална консолидација ќе биде од суштинско значење во наредниот период, не само за да се обезбеди фискална одржливост, туку и за да се обезбеди неопходната поддршка за монетарната политика“, посочува Ангеловска-Бежоска. Во текстот се истакнува дека структурните фактори како што се деглобализацијата, стареењето на населението и климатските промени, заедно со технолошкиот напредок како вештачката интелигенција и натаму ќе влијаат врз потенцијалот за раст. За да се приспособиме кон нив ќе биде потребен проактивен пристап преку структурните реформи, овозможувајќи им на економиите да бидат отпорни на можните нарушувања во снабдувањето и да ги ублажат инфлациските притисоци на подолг рок.

Македонија | пред 1 година

angeloska-bezoska

Гувернерката Ангеловска-Бежоска на Банкарскиот самит во Белград: Банкарскиот систем важен фактор за побрза конвергенција кон ЕУ

Банкарските системи во регионот успешно се справија со кризата, а нивната отпорност дополнително беше зајакната, обезбедувајќи им финансиска поддршка на економиите. Во однос на македонскиот банкарски систем, и покрај кризите адекватноста на капиталот беше зајакната, нефункционалните кредити се намалија на историски ниски нивоа, ликвидноста и натаму е солидна и стабилна, а кредитирањето е на солидно ниво. Ова покажува главно дека банкарскиот систем има капацитет да обезбеди поддршка за економскиот раст, особено за инвестициите. Сепак, пристапот до финансии треба уште да се подобрува, а нивото на кредитната активност треба и натаму да се зголемува. Во регионот на Западен Балкан учеството на кредитите во БДП е во распон од 45 до 55% од БДП, а во ЕУ над 80% од БДП. Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата на гувернерите којашто се одржа во рамките на Банкарскиот самит, организиран од Здружението на банки на Србија во Белград. На панел-дискусијата покрај гувернерката учествуваа и нејзините колеги од регионот, гувернерката на Србија Јоргованка Табаковиќ, гувернерот на Хрватска, Борис Вујчиќ, како и вицегувернерот на Црна Гора, Никола Фабрис и вицегувернерот на Босна и Херцеговина, Марко Видаковиќ.На панел-дискусијата беше посочено дека и покрај последователните кризи, и натаму има конвергенција на земјите од регионот кон ЕУ, но побавна. Гувернерката Ангеловска-Бежоска укажа на значителните економски загуби од кризите коишто се случија изминатите години, при што симулациите покажуваат дека доколку не се случеа, конвергенцијата би била повисока за 5 процентни поени, додека нивото на бруто домашниот производ би било повисоко за 8% на крајот на 2024 година. Притоа, доколку македонската економија и натаму расте со просечната историска стапка на БДП по глава на жител, ќе бидат потребни 40 години за да се достигне нивото на доход на ЕУ, што само укажува на важноста од што побрзо надминување на постојните структурни пречки за економскиот раст, за што ќе биде неопходно и соодветно финансирање.Оттука, несомнено еден од факторите за забрзување на конвергенцијата, покрај продуктивноста и работната сила, е и пристапот до финансии. На панел-дискусијата, гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека според анкетата на ОЕЦД за напредокот во конвергенцијата, пристапот до финансии сѐ уште е предизвик за регионот, особено пристапот до алтернативни извори за финансирање. Индексот на ММФ којшто го мери не само квантитетот, туку и софистицираноста на финансиското посредување, покажува дека регионот е значително зад ЕУ. Оттаму, понатамошното унапредување на финансиското посредување во регионот ќе биде помеѓу приоритетите за забрзување на конвергенцијата и во иднина.Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека понатамошното унапредување на финансиското посредување во регионот може да се постигне преку поттикнување на домашното штедење, насочување на дел од готовинските заштеди во евра во финансискиот систем, зголемување на пристапот до надворешните извори на финансирање преку привлекување странски директни инвестиции во финансискиот систем, зголемување на конкурентноста, дигитализацијата и вклученоста, диверзификација на изворите за финансирање и понатамошна интеграција во европските финансиски системи, вклучително и преку пристапувањето во СЕПА, за што нашата држава веќе поднесе барање и наскоро очекува позитивен одговор од релевантните европски институции.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Седница на Советот на Народната банка: Централната банка дава значаен придонес во евроинтегративните процеси на земјата

Советот на Народната банка на својата редовна седница го разгледа Извештајот за учеството, препораките и активностите на Народната банка во процесите на интеграција во ЕУ, во периодот ноември 2023 – октомври 2024 година. Во Извештајот се дава осврт кон препораките од Програмата за економски реформи 2024 – 2026 година, наодите од поткомитетите во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација во кои учествува Народната банка, проектите на Народната банка финансирани преку ИПА, како и на останати активности поврзани со ЕУ.Во Извештајот се заклучува дека значаен исчекор во приближувањето кон ЕУ е поднесувањето на барањето од Народната банка за вклучување на нашата земја во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Пристапот во СЕПА ќе им овозможи на граѓаните и на компаниите да добијат поевтини и побрзи прекугранични плаќања во евра. Според Европската комисија, со помош на претпазливата монетарна политика инфлацијата се стави под контрола, сепак потребно е натамошно внимателно оценување, анализа и следење на ценовните движења. Во однос на монетарната политика, оценето е дека има високо ниво на усогласеност со правото на ЕУ во однос на забраната за монетарно финансирање на јавниот сектор и забраната за привилегиран пристап на јавниот сектор до финансиските институции, но и дека е потребно понатамошно усогласување заради задржување на независноста на Народната банка. Банкарскиот сектор е отпорен, додека сетот макропрудентни инструменти е зајакнат. Во однос на платните системи, транспарентноста на условите за користење на платежните услуги е подобрена, откако Народната банка ја воведе алатката за споредба на надоместоците за најчесто користените платежни услуги коишто ги обезбедуваат локалните банки. Треба да се спроведува Законот за платежни услуги и платни системи со цел да се воведат повеќе разновидни висококвалитетни и сигурни платежни услуги, за што ќе придонесе и воспоставувањето унифициран регистар на банкарски сметки.Советот на Народната банка на седницата донесе и одлуки со кои се усогласува правната рамка за спроведување на монетарните операции со измените и дополнувањата на Законот на Народната банка. Притоа, за унапредување на оперативната рамка на Народната банка и заради примена на најдобрата меѓународна практика, се дефинираа и се воедначија критериумите за пристап на банките и штедилниците до монетарните инструменти за повлекување и обезбедување ликвидност.Советот на Народната банка разгледа и усвои и други акти од областа на работењето на централната банка.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Годишен раст на зелените кредити од 7,4 % заклучно со септември 2024 година

Зелените кредити бележат годишен раст во портфолијата на банките и во третиот квартал од 2024 година. Според податоците на Народната банка, на крајот на септември 2024 година, растот на зелените кредити во однос на истиот период лани изнесува 1,4 милијарди денари, или 7,4%. Во споредба со крајот на 2019 година, кога започна прибирањето и објавувањето на овие податоци, зелените кредити се зголемени за 2,8 пати. Зелените кредити се заеми наменети за проекти коишто поддржуваат одржливи, еколошки цели, или цели коишто придонесуваат за зелената транзиција во општеството, како што се инвестициите во нова еколошка технологија.Според податоците на Народната банка, на крајот од третото тримесечје од 2024 година, состојбата на зелените кредити во билансите на банките изнесува 20.350 милиони денари. За споредба, на крајот на 2019 година тие изнесувале 7.176 милиони денари. Заклучно со третото тримесечје од 2024 година, состојбата на кредитите одобрени на компаниите изнесува 19.355 милион денари, додека на домаќинствата изнесува 995 милиони денари.Уделот на зелените во вкупните кредити сѐ уште е на релативно ниско ниво, но од крајот на 2019 година, заклучно со третото тримесечје од 2024 година, се забележува промена од 2,2 % на 4,4 %.Народната банка, препознавајќи ги ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ја постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија. Преку низа активности, нашата централна банка придонесува за поттикнување на зеленото финансирање, вклучувајќи ги и монетарните мерки.За таа цел, Народната банка, на својата веб-страница од 2022 година почна да објавува и квартални податоци за кредитите за зелено финансирање одобрени на домаќинствата и нефинансиските друштва, коишто можете да ги најдете на следнава врска.

Македонија | пред 1 година

angeloska-bezoska

Ангеловска-Бежоска: Извозот на услуги станува сѐ позначаен двигател на економскиот раст

Со трговска отвореност од над 150% од БДП и извоз на стоки и услуги од над 70% од БДП, нашата економија е пример за мала и отворена економија успешно интегрирана во глобалните трговски текови. Притоа, извозот на услуги станува сѐ позначаен двигател на економскиот раст и поддршка на платнобилансната позиција на економијата со позитивно влијание врз девизните резерви. „Во периодот по 2020 година се забележува раст на извозот на услужниот сектор, особено во делот на компјутерските и деловните услуги. Во делот на ИТ-услугите е забележано удвојување на учеството во БДП во однос на извозот во 2019 година, додека во делот на деловните услуги е забележан пораст од 50%“, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во авторскиот текст објавен во петтата годишна едиција „Топ 100 извозници 2024“ на специјализираниот портал Извоз.мк.Во колумната гувернерката истакнува и дека според индексот за подготвеност за вештачката интелигенција на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), нашата земја е на 77 место од вкупно 174 земји, што укажува на простор за унапредување на нивото на дигиталната зрелост на земјата за вештачката интелигенција, од аспект на соодветноста на човечките ресурси, дигиталната инфраструктура и регулативата во оваа област.„Еден показател каде што нашата држава е релативно добро рангирана во споредба со земјите од регионот, па и со дел од земјите на ЕУ, е процентот на компании коишто користат вештачка технологија и аналитика на големи бази на податоци (близу 13% од компаниите користат големи бази на податоци (англ. big data), а речиси 10% вештачка интелигенција). Ова укажува на потенцијал за искористување на оваа компаративна предност и задржување на добрите извозни остварувања на услужниот сектор и во иднина“, вели гувернерката Ангеловска-Бежоска.Гувернерката во текстот укажува и на можните ризици, како дополнителен предизвик за идните остварувања на македонскиот извозен сектор, како геофрагментацијата, влошените очекувања за германската економијата, како наш најважен трговски партнер, како и климатските промени. Гувернерката нагласува дека периодот којшто ни претстои изобилува со предизвици, и за носителите на економските политики, и за економските субјекти, но и можности доколку компаниите успеат брзо и успешно да се приспособат на динамичните промени.„Јасна е потребата за јакнење на продуктивноста, којашто значително заостанува зад поразвиените економии (за илустрација, продуктивноста на домашната економија е околу 50% во однос на просечната продуктивност на земјите од ЕУ), за подобрување на конкурентниот профил, следење на технолошкиот напредок и за нови инвестиции“, нагласува Ангеловска-Бежоска.

Македонија | пред 1 година

VG-ANA-SLOBODEN-PECHAT

Вицегувернерката Митреска: Очекуваме понатамошно намалување на инфлацијата следната година

„Инфлациските очекувања се поволни, a притисоците од глобалните цени на храната и енергентите се намалија, со што за наредната година Народната банка очекува натамошно забавување на просечната инфлација, сведувајќи се на 2,5%, а на среден рок на историските просеци од 2 отсто“. Ова го истакна вицегувернерката Ана Митреска на гостувањето во емисијата „Утрински брифинг“ на ТВ „Слободен печат“.„Нашата последна оцена за инфлацијата за следната година е околу 2,5 проценти и таа се заснова врз претпоставки за умерен пад на цените на нафтата следната година, умерен раст на цените на храната на светско ниво, по нивниот пад изминатата година, како и некои домашни фактори коишто ги земаме предвид“, вели Митреска.Добар сигнал е и тоа што инфлациските очекувања се поволни, односно потрошувачите веќе подолг период очекуваат намалување на цените. За сето ова значајна улога имаа и мерките што ги спроведе Народната банка. Сепак вицегувернерката Митреска нагласи дека ризиците коишто произлегуваат од глобалните случувања, растот на платите, како и растот на цените на услугите сѐ уште постојат.„Во изминатиот период на неколку последователни кризи, она што го гледаме и низ Европа и кај нас е задржување на позитивните и релативно солидни профитни маржи, со умерен раст по одредени години и ова веројатно е една од причините поради кои некои ценовни категории сѐ уште не се приспособуваат надолу, па дури и кај дел од цените на храната“, посочи вицегувернерката Митреска и напомена дека позитивниот профит покрај тоа што може да делува врз нивото на цените, може и да го ублажи досегашниот раст на платите, но и евентуалните шокови со коишто може да се соочиме во следниот период.Вицегувернерката Митреска напомена дека Народната банка и натаму претпазливо ќе ја води монетарната политика со примена на макропрудентни мерки, коишто дополнително ќе ја зајакнат финансиската стабилност.„Во текот на кризите, не само што се задржа, туку и дополнително се зајакна отпорноста на банкарскиот систем, којшто во целиот овој период постојано обезбедува кредитна поддршка за економијата. Главниот параметар преку кој се утврдува стабилноста на системот секако е неговата капитализираност, којашто во моментов изнесува околу 19% и е повисока во однос на нивото пред пандемијата, но и стабилната и солидна ликвидност и добриот квалитет на кредитното портфолио“, истакна вицегувернерката Митреска.

Македонија | пред 1 година

Depoziti-okt

Во октомври: Годишен раст од 11,0% на вкупните депозити и од 9,2% на вкупната кредитна поддршка

Годишниот раст на вкупните депозити изнесува 11,0%, којшто произлегува од зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства.На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 9,2% како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор.Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на следниот линк.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Следната недела ќе се одржи осмото издание на Деновите на финансиската писменост

Следната недела, од 26 до 28 ноември, ќе се одржи осмото издание на Деновите на финансиската писменост, коишто ги организираат финансиските регулаторни институции во соработка со приватниот финансиски сектор и граѓанските здруженија. Конкретно, организаторите се Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално пензиско осигурување ‒ МАПАС и Агенцијата за супервизија на осигурување.Деновите на финансиската писменост ќе бидат организирани главно како едукативни предавања. Сите институции коишто учествуваат во годинешното издание, преку своите веб-страници и преку страниците на социјалните мрежи, ќе ги информираат граѓаните за активностите и за настаните што се планираат, известувајќи и за начинот на пријавување на секој заинтересиран граѓанин.Финансиските регулаторни институции ги повикуваат граѓаните да ги следат информациите за планираните активности и активно да се вклучат во годинешното издание на Деновите на финансиската писменост. Целта на оваа акција е да се зајакне финансиската едукација, да се поттикне финансиската инклузија и да се зголемат свесноста и заштитата на потрошувачите на финансиски услуги.Конкретно, Народната банка организира Јавен повик до јавноста за земање учество на повеќе едукативни активности. На првиот ден, Народната банка ќе ги отвори вратите за сите заинтересирани лица коишто ќе можат да се информираат за правата на потрошувачите на финансиските услуги. Вториот ден ќе бидат организирани три он-лајн предавања на три теми: „Во светот на финансиите - Финансиска едукација за средношколци“, „Заштитни елементи на македонските пари“ и „Платежна сметка со основни функции“. Во текот на третиот ден ќе биде организиран студентски час во просториите на Народната банка наменет за студентите од факултетите во земјата на следните три теми: „Монетарната политика на Народната банка“, „Улогата и значењето на статистичките податоци на Народната банка“ од страна на претставници на Народната банка и „Младите и финансиската едукација“ во соработка со Здружението Алпбах.Во текот на годинава, финансиските регулаторни институции спроведоа голем дел од планираните активности во сферата на финансиската едукација и финансиската инклузија. За следниот период се очекува дополнително засилување на ваквите активности, имајќи го предвид спроведувањето на Националната стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Средба со висок претставник на Трезорот на САД: Народната банка има клучна улога во одржувањето на финансиската стабилност

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска оствари средба со Лујен Д. Тран, заменик-помошник секретар во Канцеларијата за техничка помош во Трезорот на САД, на која се зборуваше за зајакнувањето на финансиската стабилност и унапредувањето на билатералната соработка. Преку оваа средба беше нагласена поддршката од САД за економскиот развој и зајакнувањето на отпорноста и финансискиот интегритет на земјава.На почетокот на средбата беше нагласена клучната улога на Народната банка во зачувувањето на финансиската стабилност во сложеното глобално окружување, полно со неизвесности. Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека Народната банка преку преземените мерки му овозможи на финансискиот систем да се справи со економските предизвици. Беше истакнато и дека Народната банка дејствува како столб на севкупната макроекономска стабилност.Гувернерката Ангеловска-Бежоска и високиот претставник на администрацијата на САД, Тран, ги разгледаа можностите за техничка помош и соработка за унапредување на регулативните рамки и финансиската стабилност. Преку користење на експертизата од оваа важна финансиска институција на САД, Народната банка може уште повеќе да ги зајакне своите капацитети за управување со ризиците, за супервизија и дигитализација на финансиите, коишто се исклучително важни за јакнењето на отпорноста. Преку соработката на двете институции ќе се добие увид и во новите алатки и практики за справување со предизвиците од неизвесното окружување, како и за можностите за пренесување на знаењето и поврзување со светскиот финансиски пејзаж.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Средба Ангеловска-Бежоска ‒ Рокас: Независноста на Народната банка е значајна за кредибилитетот на политиките коишто ги води

Независноста на Народната банка е клучна за задржувањето на високиот кредибилитет којшто го ужива во јавноста, како и за спроведувањето на политиките за одржување на ценовната и финансиската стабилност. Народната банка постојано се стреми кон сè повисоко ниво на транспарентност во сите сегменти од своето работење, со цел да ја задржи високата доверба. Ова беше посочено на средбата помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и Михалис Рокас, амбасадорот на Европската Унија во земјава, при што беше нагласено дека монетарната политика е високо усогласена со европската регулатива, што е наведено и во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата.Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека централната банка и натаму води претпазлива монетарна политика со цел да се осигури ценовната стабилност. Народната банка дополнително ќе ја зајакнува и отпорноста на банкарскиот систем преку мерки и регулаторни барања и ќе ги унапредува сопствените институционални капацитети за подобро справување со светските трендови и предизвици.Амбасадорот искажа поддршка за напорите на Народната банка за поднесувањето барање за членство на земјава во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Имајќи го предвид високиот степен на усогласеност на правната рамка, се очекува позитивна оцена со што нашата земја ќе може наскоро да пристапи во СЕПА.Гувернерката Ангеловска-Бежоска и евроамбасадорот Рокас разговараа и за повеќе актуелни прашања коишто се дел од дијалогот на ЕУ со земјите од Западен Балкан, којшто се води врз основа на поднесената Програма за економски реформи 2024 ‒ 2026 година од страна на земјите кандидатки.

Македонија | пред 1 година

bezoska

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Народната банка и Фискалниот совет

Зајакнување на комуникацијата и соработката од областа на макроекономските движења и макроекономската рамка, размена на податоци, анализи и други релевантни материјали коишто се од заемен интерес, консултации и експертизи за проекти, пренос на стручни знаења и вештини, обуки и едукативни настани. Ова се придобивките коишто се содржани во Меморандумот за соработка помеѓу Народната банка и Фискалниот совет, којшто го потпишаа гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и претседателот на Фискалниот совет, Глигор Бишев. На потпишувањето, присуствуваа и вицегувернерите Ана Митреска и Фадил Бајрами, како и членовите на Фискалниот совет, академик Абдулменаф Беџети и проф.д-р Марина Трпеска.Координацијата помеѓу Народната банка и Фискалниот совет е од суштинско значење за постигнување долгорочна макроекономска стабилност. Фискалниот совет го следи спроведувањето на фискалните политики и фискалната одржливост, додека централната банка е засегната од влијанието на фискалните политики врз ценовната и финансиската стабилност. На средбата беше нагласена улогата на одржувањето на високото ниво на кредибилитет во работењето и независноста на институциите како важни фактори коишто придонесуваат за успешно остварување на целите.„Независноста на Народната банка е исклучително важна за одржување на ценовната и финансиската стабилност во земјава. Според индексот на независноста на централните банки на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Народната банка е меѓу највисоко рангираните во регионот и цела Европа. Независноста на Народната банка, придружена од транспарентноста и отчетноста, ѝ овозможува на централната банка високо ниво на доверба од страна на јавноста. Поголемата независност на централните банки во периодот на неколку последователни кризи се поврзува и со преземените мерки за стабилизирање на инфлацијата, одржување на стабилноста на девизниот курс и за постигнување стабилен долгорочен економски раст“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при што додаде дека целта на двете институции е преку независни стручни мислења да придонесат кон обезбедување макроекономска стабилност.На средбата беше истакнато дека споделувањето информации и анализи помеѓу Народната банка и Фискалниот совет е предност при донесувањето одлуки засновани на податоци и факти коишто придонесуваат за подобро согледување на целокупниот економски амбиент во земјава заради остварување повисок економски раст.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Ангеловска-Бежоска на Конференција во Тирана: Банкарските системи во регионот имаат капацитет да поддржат забрзана конвергенција

Во изминативе неколку години имаше доходовна конвергенција во регионот на Западен Балкан, но таа се одвиваше побавно. За нејзиното забрзување од особена важност е справувањето со структурните пречки, за што е важна и поддршката од финансискиот систем. Ова го истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата на гувернерите од регионот којашто се одржа во Тирана, Албанија, во организација на Централната банка на Албанија и Асоцијацијата на финансиски институции на Албанија, а на којашто присуствуваше и вицегувернерот Фадил Бајрами. Панел-дискусијата на која учествуваа и гувернерот на Албанија, гувернерот на Косово и вицегувернерот од Црна Гора, ја водеше Пол Томсен, поранешен директор на Одделот за Европа на Меѓународниот монетарен фонд.Доходовната конвергенција во регионот, од 2019 година па досега, забрза просечно за околу 2,6 п.п., што е значително побавно во споредба со периодот пред глобалната финансиска криза. Сегашното нивото на доходот во регионот и натаму е ниско и изнесува околу 42% од доходот во ЕУ. Причините за бавната конвергенција се главно структурни и можат да се поврзат со трите долгорочни фактори за раст: човечкиот капитал, физичкиот капитал и продуктивноста. Оттаму, забрзувањето на конвергенцијата наметнува потреба од забрзување на структурните реформи, процес којшто е скап и за кој се потребни соодветни извори на финансирање.Во овој контекст, од голема важност е што банкарскиот систем добро се справи со претходните шокови и успеа да го зајакне својот капацитет за обезбедување соодветна финансиска поддршка за раст на економијата. Кај нас адекватноста на капиталот оствари највисок раст во регионот и е највисока во последните две декади, ликвидноста традиционално е на високо ниво, а квалитетот на кредитното портфолио е значително подобар во однос на претпандемичниот период. Сепак, се очекува натамошно зголемување на степенот на финансиско посредување, но и негово унапредување преку поголема дигитализација. Значаен исчекор кон оваа цел може да биде и членството во Единствената област за плаќање во евра СЕПА, со што нашиот систем ќе биде поинтегриран во европскиот платежен систем, обезбедувајќи бројни придобивки за граѓаните и компаниите.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Народната банка ‒ домаќин на работилница за зајакнување на капацитетите на ЕСГ, основа на одржливото работење и општествената одговорност

Народната банка презема одлучни чекори кон градењето поодржлив систем и оттука, централната банка беше домаќин на работилница за унапредување на капацитетите поврзани со еколошките, социјалните и управувачките остварувања (ЕСГ). Настанот којшто беше организиран под покровителство на „Инвестицискиот фонд за зелен раст“, во соработка со експерти од „Ернст и Јанг“, имаше за цел да ги зајакне капацитетите на централната банка со знаење и алатки за одржливи практики, во согласност со меѓународните стандарди и регулативи.На работилницата беа разработени теми поврзани со Политиките за одржливост на централните банки, како и одредени оперативни аспекти поврзани со управувањето со емисиите на стакленички гасови. Во рамките на овие теми беше разгледана Предлог-политиката за одржливост на Народната банка, вклучувајќи ги и активностите за оперативна ефикасност, клучните показатели за успешноста (КПИ), како и целите за одржливост со акцент на транспарентноста. Исто така, беа обработени и стандардите и методологиите за пресметка на емисиите на стакленичките гасови, стратегиите за декарбонизација и техниките за поставување цели.Преку оваа работилница, Народната банка цели кон зајакнување на принципите на одржливост, коишто ги опфаќаат еколошкиот интегритет, социјалната еднаквост и економскиот напредок, осигурувајќи се дека одржливите практики се спроведуваат и стратегиски, и оперативно. Со носењето на Среднорочниот план на активностите на Народната банка во доменот на управување со ризиците поврзани со климатските промени за периодот 2023 – 2025 година се дефинираа активностите на Народната банка за активно управување со ризиците од климатските промени и институционално профилирање како одржлива и општествено одговорна институција, додека една од активностите предвидени за спроведување на Среднорочниот план е изработката на Политиката за одржливост на Народната банка заради преземање активности за одржливо работење и градење на капацитетите на вработените во Народната банка во однос на овие прашања.„Инвестицискиот фонд за зелен раст“ е влијателен инвестициски фонд којшто ги ублажува климатските промени и промовира одржлив економски раст, пред сè преку инвестирање во мерки со коишто се намалуваат потрошувачката на енергија, употребата на ресурси и емисиите на CO2. Фондот го насочува ова наменето финансирање кон деловните претпријатија и домаќинствата преку локални финансиски институции и преку директни инвестиции кон подобни проекти и компании. Наменскиот фонд за техничка помош обезбедува знаења и техничка експертиза за да се осигура дека овие инвестиции се успешно спроведени и со високи меѓународни стандарди. Фондот работи на 19 пазари низ Југоисточна Европа, вклучувајќи ги и Турција, Европскиот источен соседски регион и Блискиот Исток и Северна Африка.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Народна банка до младите истражувачи: Крајниот рок за пријавување трудови за Годишната награда на Народната банка е 1 февруари

Народната банка ги потсетува младите истражувачи дека е распишан Конкурсот за Годишната награда за најдобар труд од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи. Крајниот рок за доставување на трудовите за Конкурсот за Годишната награда за 2025 година е 1 февруари 2025 година. Сите заинтересирани млади истражувачи можат да поднесат свој труд, во согласност со условите и критериумите на јавниот повик.Право на учество имаат сите државјани на земјава на возраст до 35 години, кои не се вработени во Народната банка и не се членови на Советот. Авторите имаат право да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со труд што веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2023 година. Трудовите се поднесуваат до Народната банка по електронски пат на е-адресата: konkurs@nbrm.mk .Годишната награда на Народната банка за прворангираниот труд изнесува 130.000,00 денари. Но, доколку Одборот за оценување процени дека второрангираниот труд е исто така со квалитет близок до прворангираниот, Народната банка може да додели и втора награда, во износ од 65.000,00 денари. По оцена на Одборот, може да биде доделена и само втора награда или воопшто да не биде доделена Годишната награда, доколку се утврди дека ниеден од трудовите не ги исполнува потребните услови.Низ годините, Народната банка постојано ја поттикнува научноистражувачката мисла во областа на макроекономијата и банкарството. Покрај Клубот на истражувачите, каде што истражувачите имаат можност да ги презентираат своите трудови, Годишната награда за млади истражувачи е дополнителна алатка на централната банка за мотивирање на младата популација за унапредување и развој на истражувачката и аналитичката работа во областа на економијата.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Народната банка ги презентира макроекономските проекции пред дипломатскиот кор и меѓународните организации

Просечната инфлацијата годинава значително ќе забави и од 9,4% минатата година ќе се сведе на 3,5%, а трендот на намалување ќе биде карактеристичен и за следните години, додека економскиот раст постепено ќе забрзува, при претежно стабилна платнобилансна позиција, посочи гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, која ги претстави најновите макроекономски проекции на Народната банка за периодот 2024 ‒ 2027 година пред дипломатскиот кор и пред претставниците на меѓународните институции. На настанот, којшто се организира редовно, по секој нов циклус макроекономски проекции на Народната банка, присуствуваа претставници на Светската банка (СБ), Делегацијата на ЕУ (ДЕУ), Обединетите нации (ОН), како и на дипломатските претставништва на Албанија, Бугарија, Германија, Грција, Италија, Казахстан, Кина, САД, Словачка, Словенија, Турција, Унгарија, Холандија, Швајцарија, Шведска.Во презентацијата беше наведено дека благодарение на надолното приспособување на инфлацијата и поволниот девизен пазар, Народната банка почна претпазливо да ја нормализира поставеноста на монетарната политика. Се очекува дека инфлацијата и натаму ќе се стабилизира и во просек ќе изнесува 3,5% и 2,5% во 2024 година и 2025 година, соодветно. На среден рок се оценува дека таа ќе се врати на историскиот просек од 2%. И покрај значителното забавување на инфлацијата, и понатаму постојат неизвесности, главно поврзани со цените на примарните производи на светските пазари, но и со домашните политики коишто влијаат на агрегатната побарувачка. Оттаму, потребна е внимателност во овој домен и во иднина. Во рамките на есенскиот циклус проекции се предвидува умерено забрзување на растот на економијата, односно закрепнување на економската активност од 2,3% и 3,3% во 2024 година и 2025 година, соодветно, но побавно во споредба со априлските проекции. Економијата ќе биде поддржана и од кредитната активност, чијшто просечен раст би се движел над 7%, поддржан од натамошното проширување на депозитната база и стабилниот банкарски систем.Очекувањата за надворешната позиција на економијата, како клучен сегмент во услови на стратегија на стабилен девизен курс, упатуваат на поволна и претежно стабилна позиција на тековната сметка на платниот биланс на среден рок. Во целиот период на проекцијата се очекуваат солидни нето-приливи во финансиската сметка, поддржани од директните инвестиции и задолжувањето на државата, со што девизните резерви и натаму ќе растат и ќе се задржат на ниво коешто е соодветно за задржување на стабилноста на домашната валута.Народната банка внимателно, на дневна основа, ќе ги следи макроекономските податоци и ризиците коишто сѐ уште постојат и како и досега и ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради задржување на стабилноста на девизниот курс и стабилизирање на инфлацијата на среден рок.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Усвоен најновиот Квартален извештај со есенските макроекономски проекции на Народната банка

Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај во чии рамки се вклучени и макроекономските проекции на Народната банка. По усвојувањето на Извештајот, гувернерката ги претстави макроекономските проекции пред јавноста, на конференцијата за печатот.Макроекономската слика за македонската економија во овој циклус проекции не е значително променета во споредба со априлските проекции.Во согласност со закрепнувањето на светската економија и странската побарувачка, и натаму се очекува постепено забрзување на растот и на македонската економија. Сепак, најновите проекции упатуваат на малку послаб раст на домашната економија за оваа и за следната година, во споредба со априлските согледувања, а на среден рок оцените за растот се непроменети. Така, за оваа година економскиот раст е проектиран на 2,3%, а за наредната на 3,3%. На среден рок, во периодот 2026 ‒ 2027 година, се очекува натамошно забрзување на растот, во согласност со очекувањата за поповолен надворешен амбиент и засилени инвестициски активности поврзани со подолгорочниот карактер на јавниот инфраструктурен циклус. Ризиците за растот и натаму се нагласени и претежно надолни.Во периодот на проекциите се очекува натамошно забавување на инфлацијата. Најновите оцени го потврдуваат априлското согледување за просечна стапка на инфлација од 3,5% во 2024 година, иако во последниот квартал се очекуваат одредени нагорни поместувања пред сѐ како резултат на споредбената основа. За следната година се очекува стапка на инфлација од 2,5%, што е мала нагорна ревизија во однос на април, при оцени за поголема инерција кај дел од ценовните категории. На среден рок (2026 ‒ 2027) се очекува стабилизирање на нивото на околу 2%, при очекувано исцрпување на ефектите од надворешните ценовни шокови, закотвени инфлациски очекувања и отсуство на позначителни притисоци преку каналот на домашната побарувачка. Како ризици и натаму се сметаат цените на примарните производи, коишто се под влијание на нестабилниот геополитички контекст и климатските фактори, како и домашните политики со кои се влијае врз агрегатната побарувачка во домашната економија.И натаму се очекува поволна и претежно стабилна надворешна позиција на економијата на среден рок. По суфицитот остварен во претходната година (0,4%), оваа година се проценува умерен дефицит во тековната сметка од 2,1% од БДП, при стабилизирање на салдото во размената со стоки и услуги, како и нормализација на приватните трансфери, по високите нивоа достигнати во 2023 година. За преостанатиот период на проекцијата, 2025 ‒ 2027 година, е проектиран дефицит на тековните трансакции во просек од 2,2% од БДП. Во целиот период на проекцијата се очекуваат солидни нето-приливи во финансиската сметка, поддржани од директните инвестиции и задолжувањето на државата, со што девизните резерви и натаму ќе растат и ќе се задржат на ниво коешто е соодветно за задржување на стабилноста на домашната валута.Банкарскиот систем и натаму ќе обезбедува солидна кредитна поддршка. До крајот на 2024 година, се очекува дека кредитниот раст ќе биде стабилен и ќе изнесува 7,5%. Се очекува раст и на среден рок, но малку поумерен и со просечна стапка од 7,2% за периодот 2025 ‒ 2027 година, во услови на солидна капитална и ликвидносна позиција на банките. Кредитниот раст, како и досега, ќе биде поддржан од растот на депозитите, како главен извор на финансирање. На крајот на 2024 година, се очекува солиден годишен раст на депозитите од 7,9%, а на среден рок за периодот од 2025 до 2027 година од околу 7,7%, во просек.Во услови на значително забавување на домашната инфлација и поволен девизен пазар, но кога сѐ уште постојат ризици, Народната банка започна со претпазливо нормализирање на монетарната политика. Народната банка внимателно, на дневна основа, ќе ги следи макроекономските податоци и ризиците коишто сѐ уште постојат и како и досега, ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради задржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Средби на Ангеловска-Бежоска со Бериган и Андреоли: Напредува процесот на оценување на земјава за пристапување кон СЕПА

Напредува процесот на оценување на земјава за пристапување во Единствената област за плаќањa во евра (СЕПА). За таа цел, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска одржа средби во Брисел со генералниот директор на Директорaтот за финансиска стабилност, финансиски услуги и унија на пазарите на капитал при Европската комисија, Џон Бериган, како и со Џорџо Андреоли, генералниот директор на Европскиот совет за плаќања, институцијата којашто ја носи конечната одлука за членството на земјите во СЕПА.На средбите се зборуваше за барањето на земјава за членство во СЕПА, коешто беше официјално поднесено во јули оваа година, по обемната измена на законската и подзаконската регулатива во сферата на платежните услуги, банкарскиот систем и спречувањето перење пари, заради усогласување со европската правна рамка. Официјалното барање, на почетокот на октомври, беше дополнето и со најновите измени на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, со што се оценува дека се направени сите неопходни измени на законската и подзконската правна рамка. Во моментов се оценува нашето барање. Имајќи го предвид високиот степен на усогласеност на правната рамка, се очекува позитивна оцена со што нашата земја ќе може наскоро да пристапи во СЕПА. По добивањето позитивна оцена, деловните банки ќе треба оперативно да се приклучат кон европскиот платежен систем, за што е потребна претходна подготовка.Членството во СЕПА е една од приоритетните активности поддржани со Планот за раст на Европската комисија од 2023 година, чијашто цел е забрзана економска интеграција на регионот во единствениот пазар на ЕУ. СЕПА ќе донесе бројни придобивки за граѓаните, фирмите и целокупната економија, преку обезбедување побрзи, поефикасни и поевтини плаќања во евра кон и од земјите членки на СЕПА, поедноставување на процедурите, поголема транспарентност и засилена заштита на потрошувачите. Граѓаните ќе можат поевтино, побргу и поедноставно да примаат и да испраќаат парични средства во евра во земјите од СЕПА. Фирмите ќе можат полесно да се вклучат во прекуграничната трговија со стоки и услуги во земјите од областа на СЕПА, да го прошират својот бизнис и да ја зголемат конкурентноста. Пристапувањето за нив подразбира и пониски надоместоци, како и подобрено управување со паричните текови, имајќи предвид дека трансферите на СЕПА вообичаено се обработуваат во рок од еден работен ден, а кај инстант плаќањата, преносот на паричните средства ќе се извршува за 10 секунди најмногу, во кое било време во текот на денот.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Средба Ангеловска-Бежоска – Петрова: Преку соработка на институциите до зголемена заштита на граѓаните

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и дел од тимот на Народната банка остварија средба со директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова и нејзиниот тим. На средбата беше дискутирано за новиот Единствен регистар на сметки кој се очекува да биде воспоставен согласно одредбите од Законот за платежни услуги и платни системи. Овој регистар ќе содржи податоци и информации за платежни сметки, депозити и сефови, до кои достапност ќе имаат релевантните државни институции во земјата, вклучувајќи ги Народната банка и Управата за јавни приходи.Достапноста до овие важни податоци и информации во регистарот ќе ја зголеми ефикасноста во извршувањето на задачите од страна на двете институции. Овој регистар се очекува особено да ја зголеми ефикасноста на процесите за присилната наплата преку обезбедување релевантни информации за платежните сметки за потребите на новиот електронски систем за присилна наплата, којшто исто така е предвидено да се воспостави согласно Законот за плетжни услуги и платни системи. Воспоставувањето на електронскиот систем за присилна наплата ќе го дигитализира и олесни процесот на комуникација помеѓу органите на присилна наплата и давателите на платежни услуги, обезбедувајќи поцелосни и понавремени информации за расположливоста на паричните средства за присилна наплата со што ќе придонесе за намалување на бројот на блокади и поголема заштита на граѓаните.Исто така, на средбата беше истакната важноста на соработката помеѓу институциите во финансискиот систем, којашто е од суштинско значење за зачувување на макрoекономската стабилност, како и дека преку координација и споделување на финансиски податоци, засилено управување со ризикот и проактивен став против финансиските неправилности, ќе се делува кон натамошно јакнење на економската отпорност.На состанокот во Народната банка беа разгледани иницијативи за унапредување на протоколите за размена на податоци, за полесно следење на монетарните и фискалните трендови, што ќе придонесе и кон добрата координација помеѓу фискалната и монетарната политика, но и кон борбата против неформалната економија. Беше истакнато дека двете институции се залагаат за финансиски екосистем кој поддржува отчетност, транспарентност и доверба, како основа за градење на поотпорна економија и одржлив економски раст.Ангеловска-Бежоска и Петрова, изразија подготвеност за продлабочување на натамошната соработка помеѓу двете институции во рамките на своите надлежности за обезбедување подобар пристап до финансиски услуги на граѓаните и компаниите од нашата земја.

Македонија | пред 1 година

nacevska-1

Вицегувернерката Нацевска: Со Единствениот регистар на сметки ќе изградиме поефикасен платен систем во земјава

„Со очекуваното воспоставување на Единствениот регистар на сметки, пропишан со Законот за платежни услуги и платни системи, покрај тоа што ќе се исполни едно од главните барања од Петтата директива на Европската Унија за борба против перење пари и финансирање на тероризмот, се преземаат и важни чекори за натамошниот развој на платниот систем на земјата и негова интеграција во платежната инфраструктура на Европската Унија. Воспоставувањето на овој регистар е значајно за приклучувањето во Единствената област за плаќања во евра ‒ СЕПА и за обезбедувањето на потребната регулативна и функционална еквивалентност, есенцијална за нашата позиција во европскиот економски простор“. Ова го порача вицегувернерката на Народната банка Емилија Нацевска во своето обраќање по повод одбележувањето на деновите на Централниот регистар, на кое присуствуваа и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и директорката на Централниот регистар, Анита Стамнова.Вицегувернерката истакна дека Народната банка, преку користење на податоците од овој регистар, ќе може да го подобри извршувањето на супервизорските задачи, како и да ги зголеми сигурноста, стабилноста и ефикасноста на платниот систем на земјата, а сето тоа во прилог на стабилноста на финансискиот систем на државата.„Единствениот регистар на сметки ја овозможува правовременоста и достапноста на информациите до сите релевантни институции и засегнати страни. Овој регистар претставува важна основа за ефикасноста на плаќањата, за подобра финансиска контрола и спречување нелегални активности, но и за поголема ефикасност на процесите за присилната наплата, според најдобрите европски практики. Сето тоа, исто така, ќе овозможи и подобра заштита на правата на граѓаните и на деловните субјекти, овозможувајќи директен и транспарентен пристап до информациите за сметките“, нагласи Нацевска, при што додаде дека со оваа платформа, којашто е компатибилна со европските стандарди, не само што се зајакнува финансискиот систем, туку се создава и цврста основа за идната интеграција на нашата економија во европските пазари.Вицегувернерката Емилија Нацевска рече дека регулаторните реформи направени во изминатиот период преку донесување нови закони и подзаконски акти во платежната сфера и во сферата на спречувањето перење пари и финансирањето тероризам, не само што ја приближуваат нашата земја кон стандардите на ЕУ, туку и создаваат услови за унапредување на конкуренцијата, поттикнување иновации и забрзана дигитализација.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Ангеловска-Бежоска ‒ Ли: Народната банка спроведе успешни политики за справување со инфлацијата

Народната банка успешно се справи со шоковите во изминатите години, намалувајќи ја инфлацијата, додека силната регулативна рамка и кредибилноста на централната банка придонесоа за задржување на финансиската стабилност. Ова беше посочено на средбата на заменикот на генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со македонската делегација во чиј состав се гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Емилија Нацевска.Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека мерките што ги презеде Народната банка, заедно со намалувањето на цените на примарните производи на светските берзи, придонесоа за намалување на инфлацијата од 19,8 отсто во октомври 2022 година на 2,6 отсто во септември. Се очекува дека просечната стапка на инфлација во 2024 година ќе биде блиску до проекциите на Народната банка од 3,5%. Ова е слична слика со последните прогнози на ММФ, коишто покажуваат просечна инфлација во 2024 година од 3,3%.„Со помош на обемниот сет на мерки што ги презема централната банка преку интервенции на девизниот пазар, каматните стапки и задолжителната резерва, како и со макропрудентните мерки, успеавме да се справиме со инфлацијата и да ја зајакнеме стабилноста на банкарскиот систем. Од една страна, се спречи прекумерното задолжување на граѓаните и компаниите, а од друга се зајакна довербата во домашната валута. Овие мерки придонесоа и за зацврстување на билансите на банките, што е основа за задржување на стабилноста и создавање простор за справување со можните неповолни промени“, истакна Ангеловска-Бежоска.На средбата со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли, беше истакната улогата на одржувањето на високото ниво на кредибилитет во работењето и независноста на Народната банка, како едни од најважните фактори коишто придонесоа за успешно остварување на целите и макроекономската стабилност во изминатите години во текот на неколку последователни кризи. Според анализата во ММФ, Народната банка е меѓу највисоко рангираните во регионот и цела Европа според новоизработениот индекс на независноста на централните банки. Независноста на Народната банка, придружена од транспарентноста и отчетноста, ѝ овозможува на централната банка високо ниво на доверба од страна на јавноста. За јакнење на своите практики во поглед на транспарентноста во работењето, Народната банка зеде учество во пилот-проектот за оцена на усогласеноста со новиот Кодекс на ММФ за транспарентноста на централните банки на ММФ, како прва централна банка во регионот.

Македонија | пред 1 година

AM24-IMF

Средби со ММФ: Народната банка придонесува за успешно одржување на макроекономската стабилност

Преку одржувањето стабилен курс на денарот за време на инфлациската криза, преземањето одлучни чекори за намалување на инфлацијата и зачувувањето на стабилноста на банкарскиот сектор, Народната банка имаше клучна улога во одржувањето на стабилноста во економијата, придонесувајќи кон попредвидливо окружување за фирмите и поддршка и заштита на домаќинствата. Ова беше посочено на состаноците коишто ги остварија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Емилија Нацевска со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс, алтернативниот извршен директор, Лук Дресе, Жероен Клик кој ќе ја преземе функцијата извршен директор на ММФ и Марникс ван Рај кој ќе ја преземе функцијата алтернативен извршен директор, во рамките на Годишните средби на ММФ и Светската банка, коишто годинава се одржуваат во Вашингтон, САД. Средбите беа одржани заедно со министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и нејзиниот тим.На средбите беше искажано признание за Народната банка, којашто преку комбинација на монетарни и макропрудентни мерки, успеа да ги стабилизира инфлациските очекувања и истовремено да ја задржи финансиската стабилност. Соодветната поставеност на монетарната политика придонесе кон намалување на инфлацијата од 19,8 отсто во октомври 2022 година на 2,6 отсто во септември 2024 година. Банкарскиот сектор за целиот кризен период ја задржа и ја подобри отпорноста и беше значајна потпора за фирмите и домаќинствата.Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека најновите оцени за инфлацијата, којашто се движи во рамките на очекувањата, како и постојаните поволни движења на девизниот пазар, овозможуваат и натаму постепено и претпазливо да се нормализира монетарната политика. Сепак, таа нагласи дека Народната банка и во иднина ќе има внимателен пристап при носењето одлуки за монетарната политика и ќе ги следи ризиците од надворешното и домашното окружување. „Водењето внимателни макроекономски политики ќе биде нашиот приоритет и во иднина и Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност на среден рок“, посочи гувернерката.Според есенските проекции на Меѓународниот монетарен фонд, објавени во октомврискиот Светски економски преглед, инфлацијата во земјава ќе се намалува и годинава (3,3%), и следната (2,3%), а до 2026 година ќе се сведе на 2%. Од ММФ препорачуваат натамошно водење претпазливи политики и будно следење на состојбите.Во рамките на Годишните средби, делегацијата ќе има состанок и со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Соработка на Народната банка со централната банка на Словачка за подобрување на заштитата на потрошувачите на банкарски производи и услуги

Примената на стандардите и регулативите коишто ги применуваат централните банки во Евросистемот во доменот на заштитата на потрошувачите, како и на современите добри практики за унапредување на ефективноста и ефикасноста на процесите во оваа област, е една од заложбите на Народната банка. За таа цел, во изминатите денови беше остварена билатерална соработка на Народната банка на Република Северна Македонија со Народната банка на Словачка, во рамките на втората фаза од Регионалната програма за зајакнување на капацитетите на централните банки на Западен Балкан, финансирана од Европската Унија.Во рамките на експертската мисија, претставниците од Дирекцијата за заштита на потрошувачите и финансиска едукација при Народната банка, заедно со експертите од Народната банка на Словачка, разменија искуства за организациската поставеност, регулативата и функционалните аспекти на процесот на заштита на потрошувачите на финансиските услуги. Експертите детално ги презентираа искуствата од воспоставената регулаторна рамка на ниво на Европската Унија и регулативата на Народната банка на Словачка, интерните процедури на обработка на поплаките од корисниците на финансиските призводи и услуги и спроведувањето на супервизијата за заштита на потрошувачите.Втората фаза од Регионалната програма финансирана од Европската Унија (ЕУ) за зајакнување на институционалниот капацитет на централните банки на Западен Балкан е тригодишна програма којашто ја координира Германската централна банка, во партнерство со деветнаесет централни банки на Европскиот систем на централни банки и Европската централна банка. За остварувањето на оваа програма, ЕУ додели 3 милиони евра од инструментот за претпристапна помош (ИПА III).

Македонија | пред 1 година

Screenshot-2024-10-24-091809

Ангеловска-Бежоска: Денарот е стабилен ‒ девизните резерви се зголемени за 40% за пет години

Денарот е стабилен, а гаранција за тоа е високото ниво на девизните резерви, коешто и покрај бројните шокови и натаму расте и на крајот на септември изнесува 4,4 милијарди евра. Сегашното ниво на девизните резерви е повисоко од пред пандемијата за 40%, или за околу една милијарда евра, што е значителен пораст, особено во години исполнети со шокови невидени досега, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која учествува на Годишните средби на ММФ и Светската банка, во интервјуто за Гласот на Америка.„Ова се поволни трендови коишто говорат за натамошно јакнење на општата макроекономска политика и стабилноста на домашната валута. Причините се поповолните надворешни случувања, особено во сегментот на странските директни инвестиции, коишто за првата половина од годината изнесуваат 500 милиони евра, но ова покажува дека се стабилни и очекувањата на домашните економски субјекти“, посочува гувернерката.Зборувајќи за инфлацијата, Ангеловска-Бежоска истакна дека во светски рамки и кај нас, сведочиме за постабилни инфлациски движења, односно стабилизирање на инфлацијата. „За ова има две причини ‒ првата е значителното стабилизирање на цените на примарните производи, особено на енергентите и на храната на светските берзи, а вториот фактор е справувањето на централните банки со овие инфлациски движења. Така, како резултат на овие фактори, најновите податоци кај нас упатуваат на значително намалување на инфлациските притисоци. Според податокот за просечната инфлација од почетокот на годината заклучно со септември, таа изнесува 3,3% и во основа е во согласност со очекувањата на Народната банка за просечната годишна стапка за 2024 година од 3,5%, а и во согласност со најновите очекувања на ММФ за просечна инфлација од 3,3%. Меѓутоа, сепак би истакнала дека ризиците постојат и потребно е внимателно водење на политиките во натамошниот период“, посочува гувернерката.Осврнувајќи се на состојбите во банкарскиот сектор, Ангеловска-Бежоска посочи дека и покрај шоковите во изминатиот период, стабилноста на банкарскиот систем беше задржана дури и зголемена отпорноста, што може да се види преку повеќе показатели. Адекватноста на капиталот, како показател за солвентноста на банкарскиот систем, достигна 19%, што е највисока стапка во изминатите две децении, додека квалитетот на банкарските инструменти е значително зголемен, посочува гувернерката.

Македонија | пред 1 година

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања