Промени тема
За нас
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...

НАРОДНА БАНКА

Нема фотографија

Гувернерката Ангеловска-Бежоска на Годишните средби на ММФ и СБ

Делегација предводена од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, ќе учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка (СБ), коишто ќе се одржат во текот на оваа седмица во Вашингтон, САД. Во составот на делегацијата на Народната банка е и вицегувернерката Емилија Нацевска. Во рамките на Годишните средби, гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Нацевска ќе одржат состаноци со високи претставници на ММФ и СБ, како и со претставници на други меѓународни финансиски институции.Економските состојби и предизвиците од неколкуте кризи во изминатиот период, економските проекции, монетарната политика, заложбите за поддршка на зеленото финансирање и за справување со влијанието на климатските промени се дел од темите коишто ќе бидат обработени на предвидените работни средби со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли, директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс и алтернативниот извршен директор, Лук Дресе, како и со Жероен Клик, кој ќе ја преземе функцијата извршен директор на ММФ и Марникс ван Рај, кој ќе ја преземе функцијата алтернативен извршен директор. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средби и со претставниците на одделите за статистика и за монетарните и капиталните пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на кои ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.Делегацијата ќе оствари средби и со високи претставници на Светската банка, односно со Антонела Басани, потпретседателка на Светската банка, Шаочинг Ју, директорка на Светската банка за Западен Балкан и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.Годишните средби на ММФ и СБ се платформа на која првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки разговараат и соработуваат за повеќе суштински теми, како намалувањето на сиромаштијата, меѓународниот економски развој и финансии, развојот на човечкиот капитал и зајакнувањето на отпорноста и одржливоста.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Соработка на Народната банка со Банката на Португалија во Програмата на ЕУ за зајакнување на системите за известување податоци

Во рамките на Втората фаза од Регионалната програма за зајакнување на капацитетите на централните банки на Западен Балкан, финансирана од ЕУ, започна спроведувањето на билатералната мерка помеѓу Банката на Португалија (БП) и Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ). Главната цел на билатералната мерка е зајакнување на институционалниот капацитет за понатамошен развој на тековниот проект за интегриран систем за известување податоци за банките и штедилниците, за статистички и супервизорски цели (ИСИДОРА).Експерти од БП и претставници од различни организациски единици на Народната банка се состанаа во Скопје на првата последователна мисија. Експертската мисија беше фокусирана на споделување на искуството на БП со Програмата за интегрирано управување со податоците, во однос на нивниот модел на управување со податоците, улогите и одговорностите, подобрување на писменоста за податоците преку училиштето за податоци, воспоставување склад на податоци и архитектура на податоци, каталог на податоци и слично. Експертите од БП активно ги споделија своите знаења и искуства за процесот на спроведување и најдобрите практики во доменот на управувањето со податоците во областа на статистиката, што ќе бидат корисни насоки за понатамошните проектни активности на НБРСМ.Втората фаза од оваа Регионална програма финансирана од ЕУ започна во септември 2022 година. Оваа тригодишна програма ја спроведува Бундесбанката како нејзин координатор, во партнерство со деветнаесет централни банки на Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ) и Европската централна банка (ЕЦБ). Европската унија (ЕУ) издвои 3 милиони евра за Програмата од нејзиниот Инструмент за претпристапна помош (ИПА III).

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Доновска-Гечева од Народната банка: За одредена категорија граѓани надоместокот за платежната сметка со основни функции изнесува нула денари

Во согласност со Законот за платежни услуги и платни системи, за определена категорија граѓани надоместокот за платежната сметка со основни функции изнесува нула денари, на пример, за студентите и учениците кога користат стипендија, надоместок или друг тип кредит. „Исто така, за корисниците на одредени социјални права: заштита, детски додаток, или, пак, надоместок на штета, за неможност за извршување работа, спреченост на работа и слично“, објаснува Биљана Доновска-Гечева, заменик-директорка на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, во интервју за емисијата „Само прашај“ на Институтот за комуникациски студии.„Она по што платежната сметка со основни функции се разликува од обичната платежна сметка е ограничувањето на надоместокот којшто граѓаните го плаќаат за оваа сметка. Имено, со Законот, граѓаните можат да ја користат платежната сметка со основни функции со надоместок најмногу до 40 денари, колку што во моментов изнесува подвижниот просек од месечните нето-плати во нашата земја во висина 0,1 процентен поен. Она по што платежната сметка со основни функции е иста со обичната платежна сметка е што на оваа платежна сметка граѓаните може да внесуваат парични средства, да ги повлекуваат, може да извршуваат платежни трансакции, да плаќаат комунални услуги, но и да ги користат своите дебитни картички за плаќање на физичките места на продажба, или, пак, на интернет“, појасни Доновска-Гечева.Со платежната сметка со основни функции не може да се користи дозволено пречекорување или т.н. одење во минус, што значи дека за да можат граѓаните да ја користат платежната сметка со основни функции, мора да поседуваат сопствени средства.„Платежната сметка со основни функции им овозможува на граѓаните, во рамките на надоместокот на месечното одржување, да извршуваат неограничен број платежни трансакции, односно внесување или повлекување готовина на шалтерите на банките, или, пак, на мрежата на нивните банкомати. Но, исто така, можат и да извршуваат неограничен број плаќања со картичките, или, пак, да извршуваат минимум пет т.н. плаќања, односно кредитни трансфери кај истата банка, доколку плаќањето е во корист на примачот, без разлика дали се работи за физичко или правно лице кај истата банка“, напоменува Доновска-Гечева. Таа нагласи и дека за да се има платежна сметка со основни функции, граѓанинот не може да поседува платежна сметка со основни функции во друга банка, или, пак, кај истата банка.Доновска-Гечева истакна дека граѓаните може да се информираат за можностите за користење на платежната сметка со основни функции кај банките, но и на веб-страницата на Народната банка, каде што има посебна брошура којашто ги содржи сите овие информации.

Македонија | пред 1 година

Screenshot-2024-10-15-113636

Средба на гувернерката со генералниот директор на Директоратот за соседство и проширување на ЕК

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска оствари средба со Герт Јан Копман, директорот на Директоратот за соседство и проширување и Елена Флорес, заменичката на генералниот директор на Директоратот за економски и финансиски прашања, којашто се одржа во Брисел, Белгија. Тема на средбата беше еден од приоритетите на Планот за раст на Западен Балкан, односно барањето на земјава за членство во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА). Нашето официјално барање за членство во СЕПА беше поднесено во јули оваа година и следеше по обемната измена на законската и подзаконската регулатива во сферата на платежните услуги, банкарскиот систем и спречувањето перење пари, заради усогласување со европската правна рамка.Со оглед на тоа дека конечната одлука за членството на земјите во СЕПА ја носи Извршниот одбор на Европскиот совет за плаќања, врз основа на мислење од Европската комисија, беше остварена средба и со генералниот директор на Советот, Џорџо Андреоли. На средбите, на кои присуствуваа и други гувернери од регионот на Западен Балкан, беше искажана поддршка за заложбите на централните банки за усогласување на националната правна рамка со европската, што е предуслов за пристапување кон СЕПА.Со членството во СЕПА се создаваат услови за техничко поврзување на давателите на платежните услуги (банките и останатите небанкарски даватели на платежните услуги) и на платните системи со платната инфраструктура на Европската Унија, што ќе овозможи значително намалување на трошоците за прекуграничните плаќања во евра, а воедно ќе се поедностави постапката и ќе се скрати времето за нивно извршување, односно плаќањата би се извршувале на истиот начин како и плаќањата во ЕУ.По одобрувањето на нашето барање, очекуваме дека банките активно ќе ја искористат оваа можност со приклучување кон европските системи, заради намалување на трошоците и зголемување на брзината на плаќањата за граѓаните и компаниите.

Македонија | пред 1 година

obuka-carina-2

Народната банка одржа обука за царинските работници за препознавање фалсификувани пари

Преку постојано зајакнување на капацитетите на институциите, Народната банка го јакне системот за справување со фалсификуваните пари. Имајќи предвид дека јавните службеници, вршејќи ја својата должност, секојдневно доаѓаат во контакт со книжни и ковани пари и се првата бариера во заштитата на интегритетот на парите, нивното обучување за воочување сомнителни примероци, за нивно отстранување и за доставување до Народната банка е суштинско во борбата против фалсификатите. Оттаму, во Народната банка, во рамките на соработката со Царинската управа, обучувачи од Дирекцијата за трезорско работење одржаа обука за царинските работници за препознавање сомнителни пари и за справување со нив.Како препорака од твининг-проектот „Јакнење на капацитетите на системот за борба против фалсификување евра“, Народната банка започна да организира обуки за претставници од институциите вклучени во системот за справување со фалсификување пари, односно од Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, Јавното обвинителство и од Финансиската полиција. Исто така, редовно се организираат задолжителни обуки за запознавање со заштитните елементи на домашните и на странските валути за вработените во банките и центрите за готовина. Само минатата година низ обуките поминаа повеќе од 200 професионалци.Народната банка инаку е единствената овластена институција за утврдување на автентичноста на книжните и кованите денари и странски валути. Во изминатиот период, засилено се врши и размена на податоци со националните и меѓународните институции за спроведување техничка анализа и откривање фалсификувани пари.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Одржана седница на Советот на Народната банка: Усвоен е Кварталниот извештај за ризиците во банкарскиот сектор, задржана е стабилноста и подобрена е солвентноста

Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Извештај за ризиците во банкарскиот сектор за второто тримесечје од 2024 година.Во Извештајот се наведува дека во вториот квартал од 2024 година, банките работеа во поповолно домашно макроекономско окружување, во време кога геополитичкиот контекст сѐ уште е нестабилен и создава неизвесност и зголемени ризици за следниот период. Притоа, во овој квартал растот на депозитите на банките беше поумерен, но тој и натаму е солиден и овозможува одржување на кредитниот раст, којшто малку забрза во вториот квартал од годината.Солвентноста на банкарскиот систем и натаму бележи тренд на подобрување. Стапката на адекватност на капиталот достигна ниво од 19%, коешто е највисоко од 2006 година наваму. Задржувањето на добивките остварени во минатата година овозможи натамошно зајакнување на капиталните позиции на банките, додека без малку 40% од сопствените средства на банкарскиот систем отпаѓаат на заштитните слоеви на капиталот или се „слободни“ над потребното минимално ниво и може да се употребат за покривање на неочекуваните шокови и загуби. Повисоките показатели за солвентноста главно се темелат на распределбата на добивкaта од минатата година, а во голема мера се поддржани и од повисоките регулаторни и супервизорски барања за одржување повисок капитал од страна на банките, што пред сѐ е поврзано со заштитните слоеви на капиталот и капиталниот додаток утврден врз основа на супервизорска оцена. Имајќи предвид дека Народната банка во неколку наврати најави зголемување на противцикличниот заштитен слој на капиталот, што ќе почне да се применува во наредниот период, се очекува дека солвентноста на банкарскиот систем и натаму ќе се подобрува.Ликвидноста на банкарскиот систем и натаму е на задоволително ниво, профитабилноста се подобри, но побавно од лани, додека кредитното портфолио на банките го задржа квалитетот. Спроведените стрес-тестирања покажуваат отпорност на банкарскиот систем на симулираните шокови.Општо земено, и во вториот квартал од 2024 година банкарскиот сектор ја задржа својата стабилност, со подобрена солвентност, добра ликвидност и задржан квалитет на кредитното портфолио. Сепак, условите и натаму се неизвесни, а ризиците за светската и домашната економија на краток и на среден рок сѐ уште постојат. Оттука, потребна е натамошна претпазливост во управувањето со ризиците и во водењето на политиките, а Народната банка е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, ценовните нивоа и на банкарскиот сектор.На Советот на Народната банка беа разгледани и други точки од редовното работење на централната банка.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Камер: Народната банка помогна успешно да се намали инфлацијата, благодарение на одлучноста во својата политика

„Намалувањето на инфлацијата од 19,8 отсто во октомври 2022 година на 2,2 отсто до август 2024 година е клучно достигнување, главно благодарение на одлучноста при зголемувањето на каматните стапки на централната банка. Сепак, иако инфлациските притисоци се намалија, и понатаму има значителни ризици. Поради глобалната несигурност, како и нестабилните цени на енергијата и геополитичките тензии, централната банка мора да биде внимателна и да ги користи сите достапни алатки како што се приспособувањата на каматните стапки, девизните интервенции и мерките за управување со ликвидноста, за да нема промена во инфлациските очекувања“, нагласува Алфред Камер, директорот на Меѓународниот монетарен фонд за Европа, во интервју за порталот „Фактор“.Според него, зачувувањето на независноста на Народната банка е од витално значење за таа да биде постојано посветена на контролата на инфлацијата и одржувањето на финансиската стабилност, што ќе придонесе за поддршка на растот и довербата во економијата кај домашните и странските инвеститори.„Независноста на Народната банка е најважниот фактор за нејзиниот успех. Според нашата анализа во ММФ, Народната банка е меѓу највисоко рангираните во регионот и цела Европа според новоизработениот Индекс на независноста на централните банки. Способноста на Народната банка да работи без политичко мешање ѝ овозможи да носи тешки, но неопходни одлуки, како неодамнешните зголемувања на каматните стапки, со кои се зголеми привлечноста на штедењето за домаќинствата и претпријатијата, а со тоа успешно се намалија инфлацијата“, посочува Камер. Директорот на ММФ за Европа истакнува дека независноста мора да биде проследена со транспарентност и отчетност. „Во оваа смисла, неодамнешното доброволно учество на Народната банка во пилот-проектот за оцена на усогласеноста со новиот Кодекс на ММФ за транспарентноста на централните банки на ММФ, како прва централна банка во регионот, исто така ја одразува нејзината посветеност на високите стандарди за транспарентност“, посочи Камер.

Македонија | пред 1 година

angeloska-bezoska

Ангеловска-Бежоска: Поголема застапеност на жените на пазарот на труд за поголема отпорност и раст на економиите

Родовиот јаз во светски рамки и натаму е висок и според Извештајот за глобалниот родов јаз од 2024 година, тој изнесува 32%. Процените говорат дека за да се затвори овој јаз ќе бидат потребни дури 152 години, што е значително повеќе во однос на периодот пред пандемијата. „За да се отстранат препреките и за да се затвори родовиот јаз, потребни се сеопфатни реформи во делот на институционалните, регулаторните, образовните и традиционалните норми, а од суштинско значење е зголемувањето на пристапот до финансии за жените и развојот на женското претприемаштво“, посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во своето обраќање на женскиот економски форум „Балкан 2024“, во организација на Здружението на жени менаџери „Елит“.Гувернерката истакна дека со поголемата застапеност на жените на пазарот на труд може да се зголеми отпорноста на економиите. „Во моментов, вклученоста на жените на пазарот на труд во регионот сѐ уште е ниска, односно нивната стапка на активност е 45%, наспроти стапката на активност на мажите од 64%. Намалувањето на овој огромен јаз претставува значајна можност за иден економски раст, којшто според процените на Светската банка би можел да биде повисок дури за 18% во регионот на Западен Балкан“, посочи Ангеловска-Бежоска.Говорејќи за учеството на жените на извршни позиции во компаниите, гувернерката истакна дека на светско ниво тоа е зголемено за 7,7% во последната половина декада, што сепак е бавно за постигнување рамноправност. Податоците покажуваат дека во 2023 година, на Западен Балкан само околу една третина од високите раководни функции биле извршувани од жени, а слична е состојбата и во нашата држава.Покрај ова, постојат предизвици и во поглед на развојот на женското претприемаштво. „За жал, и во овој дел е висока родовата нееднаквост, при што жените се јавуваат како сопственички само на мал дел од малите и средните претпријатија. Ако се искористи овој потенцијал од жените претприемачи, додадената вредност во глобалната економија би можела да се зголеми за 5 до 6 трилиони американски долари“, истакна гувернерката.За да се поттикне женското претприемаштво од особена важност е олеснувањето на пристапот до финансии за жените претприемачи. „Токму поголемата финансиска вклученост на жените претприемачи е основна цел на пилот-проектот со кој раководи Народната банка со поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), за што неодамна беше потпишан Меморандум за соработка за примената на Кодексот за финансирање на жените претприемачи во нашата земја“, заклучи Ангеловска-Бежоска.

Македонија | пред 1 година

DSC_5820

Заклучоци од меѓународната конференција на Народната банка: Инфлациската криза е успешно надмината

Централните банки во регионот исклучително успешно се справија со шоковите во изминатите години, намалувајќи ја инфлацијата, без притоа економиите да западнат во рецесија или да се наруши финансиската стабилност, како што беше во останатите инфлациски кризи низ историјата. Причината за овој успех е независноста и кредибилноста на централните банки, но и силната регулативна рамка поставена во изминатите години, поради која беше задржана финансиската стабилност. Во поглед на економскиот развој, беше истакната важноста од надминувањето на родовиот јаз во финансиската вклученост за забрзување на растот. Ова беа главните заклучоци од Десеттата меѓународна конференција, во организација на Народната банка и Комитетот за преобразување на Бретон Вудс (КПБВ).Со првата панел-дискусија на Конференцијата, на тема „Зачувување на кредибилноста и независноста на централните банки“, претседаваше директорот на Здружениот виенски институт, Ерве Жоли, а учествуваа гувернерот на Хрватската народна банка, Борис Вујчиќ, извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс, заменикот на генералниот директор за меѓународни и европски односи на ЕЦБ, Жил Нобле, како и професорот за европско право, Пол Дермин. На оваа дискусија беше истакната важноста на независноста на централните банки за одржување на ценовната и финансиската стабилност, како и потребата од постојано зголемување на транспарентноста и отчетноста на централните банки во услови на затегнување на монетарната политика како одговор на инфлацијата.На втората панел-дискусија на Конференцијата се зборуваше за перспективите на мандатите на централните банки. Панел-дискусијата ја водеше Пирошка Наѓи Мохаши од Лодонската школа за економија и политички науки, а учествуваа претседавачот на Европскиот банкарски регулатор, Хосе Мануел Кампа, глобалниот директор за финансии, конкурентност и иновации на Светската банка, Жан Песме, гувернерот на Банката на Словенија, Боштјан Васле, гувернерот на Банката на Албанија, Гент Сејко и директорот и главен за финансиските институции во ЕБОР, Франсис Малиж. На дискусијата беше истакнато дека овластувањата на централните банки се прошируваат со климатските ризици и ризиците од геофрагментација, дигитализацијата, финансиската едукација и вклученост, но дека овие нови задолженија на централните банки се во прилог на исполнувањето на нивните основни цели – ценовната и финансиската стабилност.Третата панел-дискусија беше посветена на „Финансиите поврзани со родовата вклученост во регионот на ЈИЕ“, со која претседаваше главниот извршен директор на Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), Алфред Ханиг, а учествуваа гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерката на Централната банка на Црна Гора, Ирена Радовиќ, гувернерката на Централната банка на БиХ, Јасмина Селимовиќ, гувернерката на Народната банка на Молдавија, Анка Драгу, додека свое обраќање имаше и гувернерката на Народната банка од Србија, Јоргованка Табаковиќ. На дискусијата беше истакнато дека покрај напредокот во изминатите години, родовиот јаз во финансиската вклученост сѐ уште постои, вклучително и во регионот. Финансиската вклученост е особено значајна за претприемаштвото коешто зафаќа 50% од фирмите и две третини од работните места во светот. Оттука, за надминување на финансискиот родов јаз би биле потребни дополнителни 5 до 6 трилиони долари на глобалниот БДП.Четвртата панел-дискусија на Конференцијата беше посветена на лекциите научени од последните кризи. Со неа претседаваше регионалниот резидентен претставник на ММФ за Западен Балкан, Себастијан Соса, а учесници беа гувернерот на Централната банка на Косово, Ахмет Исмаили, членот на Советот на Банката на Литванија и на Одборот за супервизија на ЕЦБ, Симонас Крепшта, директорката на економскиот сектор на ЕИБ, Дебора Револтела, Жан Марија Милеси-Ферети од Институцијата „Брукингс“, Џеф Боекс од Народната банка на Белгија и Дубравко Мухаљек, член на Надзорниот одбор на Хрватската народна банка. На оваа дискусија беа разменети искуствата од затегнувањето на монетарната политика во изминатата кризна епизода.Изнесувајќи ги заклучоците од Конференцијата, вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, го посочи истражувањето на Европската централна банка, коешто опфаќа период од 50 години, каде што се заклучува дека епизодите на висока инфлација поврзани со шокови од страната на понудата водат кон силно затегнување на монетарната политика и завршуваат со рецесија и нарушување на финансиската стабилност. „Сепак, изгледа дека овојпат историјата не се повторува, иако инфлацијата доаѓа од страната на понудата, а реакцијата на централните банки беше брза и силна. Негативните ефекти изостанаа. Силните и независни централни банки беа способни да се справат со кризата. Истовремено, со јакнењето на регулативната рамка во изминатите години и со постојаната претпазливост на супервизорите и регулаторите, се зголеми отпорноста на финансискиот систем на шоковите. Последната инфлациска епизода ни покажа дека вложувањето, независноста, отчетноста и транспарентноста се суштински за ефикасно надминување на предизвиците и остварување на целите во исклучителна неизвесност“, посочи вицегувернерката.

Македонија | пред 1 година

Нема фотографија

Средба на Ангеловска-Бежоска со Ханиг: Заложбите на Народната банка се видливи преку подобрувањето на финансиската вклученост на населението

Со своите напори за унапредување на финансиската вклученост и финансиската едукација, Народната банка успешно придонесува за зголемување на вклученоста на населението во финансиските текови, што е од особено значење за економскиот развој и благосостојбата на граѓаните. Ова беше истакнато на состанокот помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и генералниот директор на Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), Алфред Ханиг и нивните тимови, којшто се одржа на маргините на Десеттата меѓународна конференција од високо ниво, во организација на Народната банка.На средбата беше посочено дека Народната банка низ годините има преземено повеќе крупни чекори кон зголемување на финансиската вклученост и едукација, меѓу кои би можеле да се издвојат првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, поставувањето на финансиската писменост и вклученост помеѓу стратегиските цели на Народната банка, како и основањето посебна Дирекција за заштита на потрошувачите и финансиска едукација во рамките на Народната банка. Од годинава Народната банка се придружи кон АФИ, којашто е мрежа на централни банки и финансиски регулатори чија цел е да се унапреди финансиската вклученост. Во изминатиот период се постигнати видливи подобрувања во финансиската вклученост кај нас, со раст од 11 процентни поени на населението постаро од 15 години со пристап до финансиска сметка до 85% во периодот од 2014 до 2021 година, според последните податоци на базата на податоци на Светската банка, „Финдекс“. Сепак, постои простор за понатамошно подобрување имајќи предвид дека во еврозоната учеството на возрасните кои користат платежна сметка е речиси 100%.На средбата стана збор и за политиките за намалување на родовите јазови, заради намалување на структурните нееднаквости и со тоа забрзување на економскиот раст, како и на улогата на централните банки за зголемување на општествената и економската свест за родовата еднаквост.„Родовата вклученост е прашање за сите. Ако се бориме за поголема застапеност на жените во бизнисот, финансиските услуги и во носењето политики, тоа е затоа што општеството како целина има корист од посилни жени. Пред пет години, оваа дискусија би била посветена на регулаторните препреки, но денес ја препознаваме важноста на решавањето на правните и општествените препреки, за да постигнеме вистинска родова вклученост“, истакна Ханиг.За време на Десеттата меѓународна конференција, директорот Ханиг претседаваше со третата панел-дискусија, на која се зборуваше за финансиите поврзани со родовата вклученост во регионот на Југоисточна Европа.

Македонија | пред 1 година

bezoska-1

Бежоска реагира за обвинувањата од Трифун Костовски: Ваквото неодговорно однесување поттикнато од лични интереси и приватни побуди, може да внесе немир и да предизвика штета

Во однос на приватно нарачаниот извештај од поранешниот акционер, а воедно и долгогодишен претседател на Надзорниот одбор на Еуростандард банка, над којашто поради несолвентност во август 2020 година беше отворена стечајна постапка, изразуваме сериозна загриженост за леснотијата со која од различни поединци се изнесуваат неточни информации поврзани со банкарскиот систем и Народната банка. Ваквото неодговорно однесување поттикнато од лични интереси и приватни побуди, може да внесе немир и непотребно и неосновано да предизвика штета на финансиските институции во земјата, а со тоа и на економските субјекти и граѓаните. За Народната банка, оценките и мислењата, особено во делот на состојбите во банкарскиот и финансискиот систем на нашата земја и начинот на работата на Народната Банка, искажани од страна на нарачателот на овој извештај, како и лицата кои се најмени од негова страна за да го изработат и промовираат во јавноста, се нерелевантни и неточни.Народната банка е професионална и независна институција, којашто при одлучувањето ги применува највисоките меѓународни стандарди и практики, што е потврдено и со оценките на меѓународните финансиски организации и кредитни агенции. Последна во низата вакви оценки е одлуката на Европската комисија на крајот од минатата година дека банкарската регулатива и супервизијата којашто ја спроведува Народната банка е според стандардите на Европската Унија, со што Европската Комисија ја вклучи нашата земја на листата на само 26 земји во светот кои ги спроведуваат овие стандарди.Согласно со овие стандарди, Народната банка на редовна основа врши супервизија на работењето на банките и штедилниците и ја оценува нивната сигурност, стабилност, како и усогласеноста на работењето со Законот за банките и со други прописи кои го регулираат банкарското работење. Во рамки на своите надлежности презема соодветни мерки во насока на задржување на стабилноста на банкарскиот систем.Доколку со супервизорска контрола се констатира сомнеж или индиции за други дела во банка, Народната банка којашто е супервизорски, а не истражен орган, ги известува и соработува со надлежните истражни органи.И во случајот поврзан со Кубус, кој се однесува за период од 2004 до 2011 година, на којшто всушност се темелат и најголем дел од наводите, Народната банка оствари соработка со надлежните институции, при што ги достави сите расположиви информации.Во однос на работењето на Еуростандард банка, Народната банка вршејќи ја својата надлежност како супервизорски орган, утврди значајни слабости и пропусти во работењето. Започнувајќи од 2013 година па се до 2020 година, Народната банка во врска со констатираното, на Еуростандард Банка АД Скопје и изрече вкупно 30 правни акти, во кои беа содржани околу 120 различни мерки за подобрување на состојбата на банката. Народната банка нема да дозволи ниту една банка да продолжи да работи без исполнување на минималните законски услови, со што ја штити стабилноста на целиот банкарски и финансиски систем. Оттука, во услови на непостапување по дадените мерки, а имајќи ја предвид стапката на адекватност на капиталот и состојбата во Банката, Народната банка согласно Законот за банките ја одзеде дозволата за работа на банката.Воедно, по констатираните состојби, Народната банка до Јавното обвинителство на натамошно надлежно постапување, поднесе кривична пријава против поранешни одговорни лица во „Еуростандард банка“ АД Скопје поради сомнение дека сториле кривично дело Предизвикување стечај на банка. Истовремено, до Јавното обвинителство, Народната банка предложи и преземање мерки коишто беа во насока на натамошна заштита на интересите на доверителите.Професионалноста и независноста на Народната банка придонесува за континуирана стабилност и здравост на банкарскиот систем, вклучително и во пандемискиот период. Потврда за добрата поставеност и функционирањето на банкарскиот сектор се повеќето извештаи на најрелевантни институции, како на пример последниот извештај на кредитната агенција S&P, каде се наведува дека банкарскиот систем е добро капитализиран и стабилен, како и дека е потпора на стопанството за надминување на предизвиците кои ги донесе пандемијата.Народната банка останува посветена на примената на највисоките меѓународни барања и стандарди во вршењето на банкарската супервизија и будно ги следиме движењата во банкарскиот систем, при што во рамки на вршењето на својата функција соработуваме со надлежните државни институции.

Македонија | пред 3 години

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања