Промени тема
За нас
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...

ОБВИНИТЕЛСТВО

Pance-toskovski

Полицијата влезе во скопски општини по налог на обвинителство: Се собираат докази за дивоградби

Полицијата вчера извршила претреси во неколку скопски општини – Чаир, Сарај, Аеродром и Кисела Вода – со цел обезбедување на докази поврзани со бесправна градба. Акцијата е спроведена по наредби од Јавното обвинителство, а во неа учествувале повеќе оддели на МВР, меѓу кои и организиран криминал, криминалистичка полиција и СВР Скопје.Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на денешната прес-конференција истакна дека не станува збор за реакција на актуелниот интерес на јавноста, туку за редовни активности што Министерството ги спроведува секојдневно.– Ова не е нешто што се прави поради моментален интерес, туку е дел од тековната работа на МВР. Во моментов не можам да споделам детали околу обезбедената документација – изјави Тошковски.Тој додаде дека полицијата постапува строго по закон, а секој случај на утврдена дивоградба што претставува безбедносен ризик ќе биде предмет на постапка за уривање.Одговарајќи на новинарско прашање дали полицијата постапува по пријавите од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, министерот рече дека МВР работи по сите случаи каде што добива наредба од обвинителството.– За разлика од претходно, денес предметите не завршуваат во фиока. Континуирано се работи и се преземаат активности. Градоначалничката сите докази ги доставува до обвинителството за организиран криминал, кое пак, издава конкретни наредби до МВР. Секој треба да си ја врши работата во рамки на своите надлежности – нагласи Тошковски.фото: ФБ

Македонија | пред 8 месеци

danela-arsovska2

Се бара притвор за едно од лицата кои физички ја нападнале Арсовска - познати сите детали од Обвинителството

Основното јавно обвинителство Скопје отвори постапка против две лица осомничени за кривично дело „Насилство“ по член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по вчерашниот инцидент на улицата „Севастополска“, при кој беше физички нападната градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.Според обвинителството, првоосомничениот маж, кој се претставил како сопственик на нелегален објект во градба, ја навредувал и ѝ се заканувал на градоначалничката, а потоа и физички ја нападнал додека таа, заедно со вработени од градските служби, вршела вонреден надзор на терен по добиена пријава.Инцидентот се случил во присуство на полициски службеници и членови на градската администрација. Откако бил спречен од присутните, со вербални закани се вклучил и второосомничениот, кој дополнително ја ескалирал ситуацијата.„Со своето однесување, двајцата осомничени предизвикале чувство на несигурност, загрозеност и страв кај присутните лица“, соопштија од обвинителството.Јавниот обвинител веќе доставил предлог до судот за определување мерка притвор за првоосомничениот, поради опасност од повторување на делото и можност за бегство. За второосомничениот се предложени мерки на претпазливост: забрана за приближување и контакт со оштетените, забрана за напуштање на живеалиште, одземање на патна исправа и редовно јавување во судот.

Македонија | пред 8 месеци

ojo-gokk

Обвинение за директорот на Геријатрија за поткуп од 20.000 евра – фатени на лице место со примачот на парите

Обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение против две лица за кривични дела поврзани со корупција, информираат од Обвинителството.Првообвинет во случајот е директорот на ЈЗУ „13-ти Ноември“ – Скопје, кој се товари за кривично дело примање поткуп, додека второобвинетото лице се товари за примање награда за противзаконито влијание.Според обвинението, директорот побарал поголема сума пари од сведок – давател на доживотна издршка, за да овозможи болнички прием на лице во тешка здравствена состојба. Иако се работело за службено дејствие што морал да го изврши, тој го условил со лична корист. Второобвинетиот ја примил договорената сума во негово име, со цел да изврши влијание и да го поттикне директорот да ја исполни својата обврска.При примање на дел од договорените 20.000 евра, второобвинетиот бил фатен на лице место од страна на полицијата.Обвинителството заедно со обвинителниот акт поднесе и посебен предлог за продолжување на притворот за двајцата обвинети, со образложение дека не постојат услови за поблага мерка.

Македонија | пред 8 месеци

Makso

Снемало докази, па се повлекле - Обвинителството се правда зошто се откажале од гонење на Максим Димитриевски

Основното јавно обвинителство Куманово го повлече обвинението против градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, со образложение дека не постојат докази за постоење на кривично дело.Во соопштението на обвинителството се наведува дека првичното обвинение се темелело врз вештачење кое укажувало на значителна имотна штета од над 3,3 милиони денари, поради непостапување по член 59 став 11 од Законот за градење. Штетата, според тогашниот обвинителен предлог, ѝ била нанесена на две правни лица.Сепак, по спроведената постапка и сослушување на вештаците, било утврдено дека откако било издадено одобрение за градење, штетата наведена во обвинението реално не постои. „Неспорно е дека повеќе не се исполнети законските обележја на кривичното дело“, наведува обвинителството.Понатаму, обвинителот испитувал и можност за постоење на друго кривично дело, но по двојна анализа на доказите – и на ниво на Основното обвинителство и на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија – било утврдено дека нема доволно докази за покренување било каква кривична постапка по службена должност.Со тоа, случајот против Димитриевски е затворен.

Македонија | пред 8 месеци

IMG_3373

Обвинителството се повлече: Против Максим Димитриевски повеќе не се води постапка за злоупотреба

Основното јавно обвинителство Куманово, на само пет дена пред закажаните завршни зборови, се повлече од обвинението против градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој беше обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувањата, по пријава од двајца бизнисмени од Куманово за ненавремено издавање дозвола за градба.Основниот суд Куманово денеска објави дека донел пресуда со која обвинението против Димитриевски се одбива.„Основниот суд Куманово, имајќи предвид зголемениот интерес на јавноста за предметот К-115/24 против обвинетиот М.Д. од Куманово, за кривичното дело според член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик, ја информира јавноста дека на 1 јули 2025 година донесена е пресуда со која се одбива обвинението, согласно член 402 став 1 точка 3 од Законот за кривична постапка, бидејќи јавниот обвинител на 30 јуни 2025 година го повлекол обвинението“, се наведува во соопштението на судот.Судскиот процес започна на 2 април 2024 година, а последното рочиште се одржа на 27 јуни. За 4 јули беше предвидено изнесување завршни зборови, што го најави и судијката Маја Денковска.Во обвинителниот акт се тврдеше дека Димитриевски, во својство на градоначалник на Куманово, од април 2023 година не постапувал по службена должност, односно не потпишал решение за одобрување градба и не ја изготвил пресметката за надомест за уредување градежно земјиште за фирмите „УПМ-ГРУП“ и „Хромак“ од Куманово. Според тужителите, на тој начин е направена штета во износ од 3,3 милиони денари.На денешната седница на Советот на Општина Куманово, градоначалникот Максим Димитриевски изјави дека Обвинителството утврдило оти не постојат елементи на кривично дело, поради што обвинението било повлечено.„Како човек кој верува во системот, учествував во сите рочишта и верував дека постојат чесни луѓе и професионалци кои ќе донесат промени во судството. Но, секогаш сум ги критикувал оние кои се водат од политички мотиви и меѓусебни поврзаности, какви што има многу во Кумановскиот суд, но и во други судови во земјава. Времето ќе покаже кој е дел од тој механизам“, рече Димитриевски.Тој ќе се кандидира за трет мандат на локалните избори како претставник на коалицијата ЗНАМ, која е дел од владината коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија | пред 8 месеци

woman-using-smartphone-technology

Обвинителството ја отфрли пријавата против новинар за телефонско снимање – јавниот интерес е поважен од приватноста, велат од ОЈО Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје донесе решение за отфрлање на кривичната пријава поднесена против еден новинар и телевизиска куќа, кои беа пријавени за неовластено прислушкување и тонско снимање, поради објавена телефонска снимка со службеничка на Град Скопје во централниот дневник.Според обвинителството, нема елементи на кривично дело, бидејќи новинарот ја контактирал и снимил пријавителката во својство на раководител на Одделението за односи со јавност во Градот Скопје, со цел да добие став за сообраќајниот метеж во главниот град, предизвикан од нефункционална сигнализација.„Постои висок јавен интерес – граѓаните имаат право да знаат зошто улиците им се закочени“, стои во образложението. Новинарот, се нагласува, имал обврска да постави прашања и да ги повика на одговорност јавните функционери, а телефонското снимање, иако без согласност, било оправдано од јавниот интерес и не содржело невистинити или штетни информации.Обвинителството се повикува и на праксата на Европскиот суд за човекови права, особено на случајот Radio Twist против Словачка, каде што било потврдено дека тајното снимање во новинарството е дозволено доколку е пропорционално и насочено кон заштита на јавниот интерес.Одлуката на ОЈО Скопје е правосилна и веќе потврдена од Вишото јавно обвинителство. Како добар правен пример, решението ќе биде доставено до новинарски здруженија и организации за слобода на изразување, со цел поддршка на домашната пракса и поголема правна сигурност за медиумските работници.

Македонија | пред 9 месеци

97A0C6C3-4D24-424B-AD62-EDE4A95437D5_1_105_c

„Ќе објасниме сѐ“ – Обвинителството прифаќа средба со родителите на загинатите во „Пулс“

Јавното обвинителство соопшти дека стои на располагање за директна средба со семејствата на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Оттаму додаваат дека, доколку има такво барање, во следните денови ќе организираат средба на која ќе ги информираат блиските на жртвите за сите аспекти од поднесеното обвинение, без да ја нарушат натамошната постапка.„Воедно, блиските на жртвите кои беа на претходната средба во Обвинителството добија и директен контакт, и им беше посочено дека сите семејства можат во секој момент да се информираат директно во обвинителството во Кочани за текот на постапката“, велат од институцијата.Ова следи по јавниот апел на родителите на 62-те загинати, кои побараа од Обвинителството директно да им објасни кои лица се обвинети, а против кои е запрена постапката, бидејќи, како што велат, правната терминологија во соопштението не им е јасна и не може да ја заменува личната комуникација.

Македонија | пред 9 месеци

IMG_2107

Обвинител ја чека Арсоска да ја сослуша за заканите, па да провери - за дивоградбите во Чаир очекуваат таа да соработува со нив

Обвинителството испрати јасна порака до градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска: ако знае за криминал на градоначалникот на Чаир, Ганиу – нека го пријави! Основното јавно обвинителство Скопје веќе постапува по известување од СВР Скопје и издало повеќе наредби. Надлежните органи бараат јасни податоци за сомнителни парцели и згради, додека Министерството за внатрешни работи се вклучува поради наводните закани кон Арсовска.„Основното јавно обвинителство Скопје постапува по доставено известување од СВР Скопје и издаде повеќе наредби по кои веќе се преземаат дејствија. Доколку градоначалничката како службено лице има сознанија за кривично дело, таа има обврска тоа да го пријави, да соработува со јавното обвинителство и да посочи кај кои конкретни парцели или згради се откриени сомненија за незаконитости. Тоа е неопходно за да може да постапува обвинителството и да спречи евентуално компромитирање на доказниот материјал“, велат од Обвинителството.Се постапува и по заканите за кои Арсовска сведочеше во телевизиско интервју, дека ги добивала.„Во однос на заканите, Министерството за внатрешни работи е орган директно надлежен за заштита на животот на граѓаните, како и за откривање и спречување на тие што го загрозуваат. Основното јавно обвинителство Скопје е на располагање преку дежурен јавен обвинител, веднаш без одлагање, доколку сака градоначалничката, да ја сослуша за сите сомненија, сознанија и закани и да ги провери сите околности“, вели Обвинителството.

Македонија | пред 9 месеци

Screenshot-2024-10-27-at-11.48.11

Бојан Христовски не направил лажна исправа со намера таквата исправа да ја употреби како вистинска, вели Обвинителството

„По целосно спроведена постапка и извршени проверки, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Решение за отфрлање на анонимните пријави против директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, за кривични дела – Фалсификување исправа и Употреба на исправа со невистинита содржина“, велат од Обвинителството и додаваат:Пријавите се повикуваа на јавно објавени податоци според кои пријавениот при аплицирање за позиции директор во ЈП „Градски паркинг“ – Скопје, асистент на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) користел уверение за познавање англиски јазик од Language School Julia CO.LTD, Пловдив, Бугарија, кое според сознанијата на подносителот не спроведувало тестирање за TOEFL iBT, ниту пак издавалo меѓународно признати сертификати какви што се барале на огласите.Постапувајќи по пријавата, за да ги испита ваквите наводи, надлежниот јавен обвинител веднаш по оформувањето на предметот во ноември 2024 година упати барање за меѓународна правна помош до Република Бугарија за да прибави потребни податоци и докази за правниот субјект Language School Julia CO.LTD, односно дали ова правно лице е регистрирано во правниот промет, кој е управител, каква дејност врши, дали е сертифицирано како центар за полагање и издавање меѓународно признати сертификати за странски јазици, кои и за кој период, како и тоа дали е издаден сертификат за познавање странски јазик за пријавениот од овој правен субјект. Во исто време, од Владата на РСМ беше побарано целокупното досие кое било формирано за лицето во врска со објавениот оглас за избор на Директор на АНБ во 2024 година и пропратната документација.Согласно одговорот од бугарските надлежни органи доставен во март 2025 година, по барањето за меѓународна правна помош во Бугарија постапувало Окружното јавно обвинителство Пловдив, кое по извршените проверки констатирало дека правниот субјект Language School Julia CO.LTD бил регистриран во Трговскиот регистар како „Джулија КО“ ООД и тоа за вршење повеќе дејности меѓу кои и преведувачка дејност, услуги за преводи и легализирање документи и организација на приватни јазични школи. Прибавени биле целосни податоци за управителот на правното лице и била упатена покана до неа да се јави во својство на сведок и да се изјасни за сите прашања од замолницата. Но, проверките на бугарското Министерство за внатрешни работи покажале дека сопственичката подолг период се наоѓа надвор од границите на Бугарија. Од тие причини барањето за меѓународна правна помош од страна на бугарските надлежни органи не е во целост извршено и е вратено назад до македонското обвинителство, со прилог прибавена документација.По ова, надлежниот јавен обвинител продолжи со проверките и ја прибави документацијата од комплетното досие за пријавениот од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и од ЈП „Градски паркинг“ – Скопје.По извршениот увид во целосната документација од сите институции каде аплицирал пријавениот се констатира дека меѓу останатите документи тој приложувал Сертификат од Училиште за странски јазици Julia Co. LTD со број Е-ENG од 23.03.2022 година – курс за подготовка за испитот TOEFL, но и Сертификат за положен TOEFL IBT од 26.03.2022 година со освоени 75 поени од кој се констатира дека полагањето било извршено во домашни услови преку Испитниот центар за Република Бугарија. Овој сертификат издаден од ETS визуелно, по форма и содржина се разликува од сертификатите кои што се доставени во прилог кон кривичната пријава, а во кои стои дека се издадени од правниот субјект Language School Julia CO.LTD.Јавниот обвинител изврши проверки и на јавно достапните податоци во ETS – Сервисот за едукација и тестирање, како единствената организација која е меѓународен тестатор за TOEFL сертификати, при што согласно прирачникот за спроведување на TOEFL ibt тестирање за 2022-2023 година евидентно е дека во тој период постоела можноста тестирањето за TOEFL ibt сертификат да се спроведе и во домашни услови. Во тој случај испитот се мониторирал онлајн од страна на човек – супервизор, а по содржина и форма тестот е ист со оној што се полага во лиценциран испитен центар. Разликата е во тоа што TOELF ibt домашно идание можел да се полага во секое време, четири дена во неделата, по претходна регистрација. Резултатите и сертификатот од тестот се достапни во електронска форма 6-10 дена по тестирањето преку корисничкиот профил на лицето кое што го полагало тестот, а доколку поминале повеќе од две години од полагањето, како што е во случајов, ETS не може да даде известување или да ги верификува резултатите и тестот.По целосно спроведените проверки јавниот обвинител констатираше дека во наведениот случај пријавениот не направил лажна исправа со намера таквата исправа да ја употреби како вистинска и не употребил преправена исправа како вистинска, ниту пак како доказ во правниот сообраќај употребил исправа, книга или спис за кои знае дека се невистинити. Приложениот сертификат согласно распожливите докази бил издаден по полагањe на TOEFL ibt тест во домашни услови во текот на 2022 година и истиот се разликува од сертификатот издаден од Language School Julia CO.LTD.Согласно член 122 од Кривичниот законик, исправа е секој предмет што е подобен или одреден да служи како доказ на некој факт што има вредност во правните односи. Оттука, дури и да постои дилема за веродостојноста на документот за завршен курс за подготовка за испитот TOEFL издаден од Language School Julia CO.LTD, тој согласно обезбедената документација не предизвикал правна последица, ниту бил од какво било значење за правните односи и за именувањето за директор, бидејќи во досието е презентиран друг валиден документ за познавањето на странски јазик. Од тие причини во дејствијата на пријавениот не се содржани елементите на пријавените кривични дела.Јавниот обвинител ги провери наводите во пријавите и во однос на уверенијата за високо образование на истото лице, при што ја прибави целокупната документација од Економскиот факултет на Универзитетот Скопје, предметот од Државната комисија за спречување на корупцијата и извештајот од вонредниот Државен просветен инспекторат кој веќе извршил целосен увид во досието и не утврдил никакви неправилности. Имајќи ги предвид сите овие докази, јавниот обвинител констатираше дека и во ваквите наводи не се исполнети обележја на кривично дело.

Македонија | пред 10 месеци

Screenshot-2024-02-03-at-09.58.20

Ја задавил вонбрачната партнерка – Обвинителство поднесе обвинение за брутално убиство во Кавадарци!

По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик.„Обвинетиот 43-годишник, во прецизно неутврден момент, при вршење семејно насилство ја лишил од живот својата вонбрачна партнерка. Делото го извршил во станот во кој престојувала оштетената на улицата „Ѓуро Салај“ во Кавадарци. Обдукцијата покажа дека тој свесен за своето дело, насилно и ги затворил носот и устата, предизвикувајќи задушување“, велат од ОбвинителстотоЈавниот обвинител до Судот достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.

Македонија | пред 10 месеци

kocevski-1

Обвинителството под притисок: минатата година биле пријавени над 37.000 лица за сторени кривични дела

Во текот на 2024 година, основните јавни обвинителства во земјата се соочиле со значително зголемување на обемот на работа. Податоците покажуваат дека биле евидентирани вкупно 37.256 сторители на кривични дела, од кои 25.909 се новопримени случаи. Овој тренд претставува пораст од околу 10 отсто во однос на претходната година.„Во текот на 2024 година, основните јавни обвинителства постапуваа по 37.256 сторители на кривични дела. Од кои новопримени беа пријави против вкупно 25.909 сторители на кривични дела. Споредбата на податоците покажува дека се регистрира бројот на новопријавени сторители во однос на претходната година за околу 10 отсто. Зголемениот обем на работа по предмети по кои постапување во 2024 година се согледува и преку општ раст на бројот на постапки за кривични дела од речиси сите глави на кривичниот законик. Ја опфаќа и бројката на ОЈО-ГОКК особено за кривични дела при дејствување на вакви криминални групи. Би истакнал дека важноста на посебните истражни мерки но и на новите механизми за меѓународна соработка и канали за размена на информации“, рече републичкиот обвинител Љупчо Коцевски.

Македонија | пред 10 месеци

Screenshot-2023-10-30-at-18.09.51

Обвинителството бара Нино Васев да оди во „Шутка“, наместо да седи во куќен притвор

Основното јавно обвинителство Скопје вложи жалба на решението со кое Основниот кривичен суд Скопје определи мерка куќен притвор за двајца обвинети во предметот “Онкологија”.„Јавниот обвинител е незадоволен од одлуката и бара од Апелацискиот суд да ја преиначи во ефективен притвор, бидејќи цени дека со поблага мерка не може да се гарантира непречено водење на кривичната постапка.Имајќи предвид дека со двете поднесени обвиненија на обвинетите им се ставаат на товар повеќе тешки кривични дела за кои се запретени високи затворски казни, како и другите околности кои укажуваат на опасност од бегство, мерката куќен притвор не претставува доволно ефикасна заштита“, вели Обвинителството.

Македонија | пред 10 месеци

policija-nokje-4141

Скопјанец силувал жена на паркинг во Сопиште: Ја удирал со боксови и нога по лице, на сила ја соблекол и принудил на однос

Основното јавно обвинителство Скопје спроведе истражна постапка и поднесе Обвинителен акт против 37-годишен скопјанец за кривично дело – Полов напад и силување согласно член 186 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.„На 21 февруари вечерта, со умисла и на сила, спротивно на јасно изразената волја на жртвата, ја присилил на полов однос. Делото го извршил во автомобил, на паркинг во Сопиште, така што најпрво без согласност започнал да ја допира жената, а потоа станал и насилен кон неа затоа што го одбивала.Ја удирал со боксови и тупаници, па дури и со нога во лицето, предизвикувајќи и телесни повреди – подливи, нагмечување и скршеница на носните коски. Иако му кажала дека не сака да има ништо со него, на сила ја соблекол и ја принудил на полов однос. За цело време оштетената безуспешно се бранела и се обидувала да се оттргне“, велат од Обвинителството.Јавниот обвинител, заедно со поднесеното обвинение, до Судот достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.

Скопје | пред 10 месеци

asmir-jahoski

Газдата на „Пуцко Петрол“ останува во притвор - 2 милиони евра не беа доволни за да излезе од Шутка

Кривичниот совет на одделението за гонење организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Асмир Јахоски, осомничен за перење пари и други приноси од казниво дело, поднесен преку неговиот бранител, за замена на мерката притвор со гаранција, по одржана седница и извршен увид во целокупните списи на предметот, донесе решение со кое предлогот на осомничениот се одбива како неоснован.„Имено, судот, ценејќи ги сите околности поврзани со истрагата, и покрај даденото позитивно мислење на Јавниот обвинител, смета дека во овој момент сеуште постојат околностите за постоење на определената мерка притвор од точка 2 од чл. 165 ст.1 од ЗКП односно околности кои укажуваат дека може да ја попречи истрагата со влијание на сведоците како и дека може да сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело, од причина што истражната постапка сеуште е во тек и сеуште се преземаат други истражни дејствија за прибирање докази. Ова дотолку повеќе што Кривичниот совет го продолжил притворот на осомничениот по доставен предлог на ОЈО ГОКК од 08.04.2025 година токму поради постоење на причините предвидени во чл. 165 ст.1 т. 1 и 2 од ЗКП.Против ова решение странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје во рок од 3 дена од приемот на истото“, велат од Кривичен суд.

Македонија | пред 11 месец

488609874_1712748265990899_7640598651666519088_n-1536x729-1

Обвинителството ја запре постапката за Карадаков, управител на „Пулс“ кој почина лекувајќи се во странство

Со минута молк во знак на почит кон настраданите во трагедијата во кочанската дискотека “Пулс”, во која бројот на жртвите денеска се зголеми на 60, започна денешниот состанок на стручниот колегиум на Јавното обвинителство во проширен состав.„Обвинителскиот тим кој постапува во предметот на Основното јавно обвинителство Кочани за утврдување кривична одговорност за трагедијата го запозна колегиумот со преземените дејствија до сега, со начинот и концептот на истражување и со стручните аспекти на предметот кои ги има предвид при истражувањето.Стручниот колегиум на Јавното обвинителство изрази целосна поддршка за досегашната работа на обвинителите, кои во моментов паралелно водат истражна и предистражна постапка од широк опсег со цел целосно испитување на одговорноста за овој настан. Сите капацитети на Јавното обвинителство се ставени на располагање на тимот за ефикасно завршување на истрагата.Со оглед на тоа што денешната 60-та жртва од катастрофалниот пожар во Кочани е лице кое претходно беше опфатено со наредбата за спроведување истражна постапка, во својство на управител на правно лице, Основното јавно обвинителство Кочани по прибавување на официјалната документација за настапената смртна околност ќе донесе наредба за запирање на истражната постапка за него“, велат од Обвинителството.

Македонија | пред 11 месец

viber_image_2025-03-18_13-58-16-518

Обвинителите денеска ќе треба да соопштат дали ќе го продолжат притворот за сите 17 осомничени за дискотеката

Вечерва истекува краткотрајниот притвор за 14 од лицата кои беа приведени како осомничени, по пожарот во дискотеката „Пулс“ каде загинаа 59 лица, а речеси 200 се повредени. Меѓу нив се сопственикот на дискотеката, членови на обезбедувањето на дискотеката, одговорни лица од неа, а кои се осомничени за случувањата со пожарот.Статус на осомничени имаат и ексминистерот за економија Крешник Бектеши, ексдиректорот на Пазарен инспекторат Горан Трајковски, ексдржавната советничка во Министерството за економија, вработени во МВР, вработени во Пазарен инспекторат, лицето кое го изработило проектот без да се исполнат условите и овозможило да има дискотеката во тој објект, а кои се сомничат за постапување или непостапување со што дозволиле објектот да работи - без да ги исполни основните критериуми за работа.Од Обвинителството, по истекување на 48 часовниот притвор, можат да побараат„Во однос на продолжување ќе ве известам кога ќе имам прецизна информација“, велат од Обвинителството, кои посочуваат дека 17 лица се осомничени.Досега со 71 лице е извршен разговор, меѓу нив се и преживеаните.Мерката притвр е со цел обезбедување на присуство на осомничените, да се елиминира опасноста од бегство, да не се влијае на други сведоци и да не се уништуваат докази.Вчера, беа завршија форензичките испитувања во дискотеката. Сите траги ќе бидат анализирани и проверувани од вештаци.

Македонија | пред 1 година

asmir-jahoski

Обвинителство и судот се обвинуваат кој го спаси Јахоски од притвор во Шутка

Бил татко на четири деца, имал неколку фирми но и татко пратеник од ДУИ и долгогодишен градоначалник на Пласница. Што беше одлучувачко сопственикот на Пуцко Петрол Асмир Јахоски наместо во активен притвор да оди во куќен притвор.Судот и Обвинителството со различна содржина во соопштенијата меѓусебно се обвинуваат кај кого е вината и различниот аршин при одредување на мерка за обезбедување на Асмир Јахоски и другите осомничени за тендерите за мазут за ТЕЦ Неготино.Обвинителството вчера соопшти дека побарало притвор за Асмир Јахоски, но судот му определи домашен притвор. Судот пак синоќа информира дека Јавниот обвинител се согласил за промена на предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што било прифатено од судијата на претходна постапка. Обвинителството денеска повторно се огласи со став дека тие си барале притвор, но судот не прифатил.„Судијата на претходна постапка при донесување на одлуката ги имал предвид околностите истакнати во предлогот на обвинителството, но во исто време ги имал предвид и субјективните околности што се на страна на осомничениот, односно дека истиот со одлука на Основен граѓански суд Скопје е старател на неговите четири деца, од кои три се малолетни, дека има оформени цврсти врски со државата и сопствена фирма со повеќе вработени, како и дека неговата здравствена состојба е нарушена за што доставил документација.Судијата на претходна постапка не прифаќајќи го предлогот на обвинителството одлучил на осомничениот да му изрече мерка куќен притвор, а воедно оценил дека се исполнети условите да му биде изречена и мерка на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа“, соопшти денеска Обвинителството.Судот во соопштение вчера објавија дека јавниот обвинител се согласил осомничен за милионски суми да оди во куќен притвор.„Во однос на осомничениот А.Ј., по произнесување на осомничениот пред судија на претходна постапка Јавниот обвинител се согласи за промена на предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што беше прифатено од судијката на претходна постапка”, објави вчера кривичниот суд.Премиерот Христијан Мицкоски, без да го спомене по име се огласи денес со алузија дека улога одиграл токму шефот на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази, човек кој одамна важи за близок до ДУИ и имаше фотографии со челници на ДУИ.„За мене се алармантни информациите коишто ги добивам, коишто се поврзани со однесувањето на прв човек на едно обвинителство кога слушнал за акцијата којашто ја спроведуваше МВР и БЈБ пред два дена. Навистина сум шокиран како се однесувал тој човек и како продолжува да се однесува. На нив не им е местото таму. Ако сакаат да бидат дворско-партиски забавувачи, тогаш нивното место не е во Обвинителството, туку во оние големи хациенди коишто се изградени во Западна Македонија, но доколку сакаат навистина да имплементираат правдина, тогаш треба да го сменат своето однесување. Но, тоа што го слушнав како тој човек се однесувал, мислам дека многу скоро од денеска ќе се кае, но тогаш се плашам ќе му биде доцна“, изјави Мицкоски.Обвинителството вчера по извршените акции отвори истрага против 13 лица и една фирма за сторени кривични дела:злоупотреби и перење пари при набавка на мазут со сомнителен квалитет за државните електрани. Провоосомничен е Ратко Капушевски кој од вчера е во истражниот затвор Шутка заедно со партнерот Ерџан Сулкоски и екс директорот на ЕСМ Адријан Муча. Останатите 8 лица се во куќен притвор. Екс директорот на ЕСМ Васко Ковачевски се уште е во бегство.

Македонија | пред 1 година

vasko-kovacevski-1

Васко Ковачевски е дел од групата која тргувала со отровен мазут

Поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, е меѓу осомничените во истрагата што ја водат Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, поврзана со нелегална набавка на деривати и оштетување на државниот буџет. Ковачевски е во бегство.Приведен за случајот е бизнисменот Ратко Капушевски кој е генерален директор на фирмата РКМ за трговија со енергенси и нафтени деривати. Капушевски е ексдиректор на спортскиот центар „Борис Трајковски“ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2014 година ја напушти државната служба и започна работа како проект-менаџер во канцеларијата на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.Нема официјални информации за евентуално приведување на Асмир Јахоски, газдата на Пуцко Петрол. Се вршеа претреси на повеќе локации во Скопје, Кичево и Пласница.Повеќе детали се најавуваат за утре.

Македонија | пред 1 година

Screenshot-2025-03-10-at-18.32.20

Уапсен Капушевски, чија фирма добавуваше мазут: со полиција изваден од домот во Орман

Ратко Капушевски е уапсен од неговиот дом во селото Орман, односно комплексот „Верина“. Информацијата останува непотврдена, а тој се осомничен во истрага на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Капушевски е ексдиректор на спортскиот центар „Борис Трајковски“ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2014 година ја напушти државната служба и започна работа како проект-менаџер во канцеларијата на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Потоа, се посвети на енергетскиот сектор и неговата компанија, РКМ, која добавуваше мазут за ТЕЦ „Неготино“. Токму мазутот и набавките се предмет на истрага во Обвинителството.„Раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, БЈБ и МВР  извршуваат претреси на повеќе локации низ државава. Претресите се со Наредба на судија на претходна постапка  од Основниот кривичен суд Скопје, а во врска со сторени кривични дела поврзани со набавка на деривати. Подетални информации ќе бидат споделени во текот на утрешниот ден“, велат од Обвинителстовто.Фирмата на Капушевски во повеќе наврати добиваше  тендери за набавка на нафта и нафтени деривати за државни институции, а набавките беа вреди стотици милиони евра.

Македонија | пред 1 година

kocevski-1

Судиите и обвинителите можат да правораздаваат до 67 години, шефот Коцевски и при разрешување ќе може да си остане на работа

Обвинителите и судиите можат да бидат дел од правосудниот систем до 67 години. Ова значи дека по исполнување на старосната граница за пензионирање, тие можат да одлучат да останат дел од правосудниот систем. Вакви измени вчера изгласаа пратениците во Собранието. Сега, со писмена изјава, судија или обвинител, може да продолжи да ја обавува функцијата.„По исклучок од член 104 од овој закон, лице кое остварува права од работен однос врз основа на одлука за избор или именување од надлежен орган, во согласност со законот што ги утврдува неговите права и обврски кои произлегуваат од вршењето на функцијата, има право да побара да продолжи со вршење на функцијата и по исполнување на условите за старосна пензија, а најмногу до 67 години возраст, со писмена изјава до органот кој го избрал или именувал. (2) Писмената изјава од ставот (1) на овој член, лицето ја дава еднаш годишно, а најдоцна до 31 август во тековната година за продолжување на вршењето на функцијата за наредната година“, стои во измените на Законот за работен однос.Ова значи дека и обвинителот републичкиот обвинител Љупчо Коцевски, кој во август полни 64 години и треба да се пензионира, сега е „спасен“. За него во тек е постапка за разрешување од шефовското место, која дури и да заврши со успех, тој ќе остане обвинител. Коцевски ќе треба само да поднесе изјава дека сака да продолжи да ја врши функцијата, а со тоа ќе остане во Републичкото јавно обвинителство.Во образложението од 15-те пратеници, стои дека измените на Законот ги поднесуваат поради нискиот број на судии и обвинители.  Имајќи во предвид дека состојбата во правосудството од аспект на кадровската екипираност е алармантна, а последиците се на штета на граѓаните и ова претставува еден од факторите кои влијаат врз ефикасноста, квалитетот и пристапот до правда, потребно е изнаоѓање на побрзо решение за да се надмине овој горлив проблем. Начин на кој овие проблеми би можеле да се надминат во што е можно пократок рок е да се даде можност за продолжување на судската и јавно-обвинителската функција и по исполнување на утврдената старосна пензија, односно до 67 години возраст, за што постои и законски основ во посебните закони кои ја регулираат оваа област“, стои во образложението на изгласаниот закон.

Македонија | пред 1 година

hajrulahi-1

Крстевска Цалева времено на местото на Хајрулахи

Наташа Крстевска Цалева ќе ракободи со скопското Вишо јавно обвинителство.Таа доаѓа времено на ова место поради суспензијата на досегашниот шеф Мустафа Хајрулахи.Тој беше суспендиран и одалечен од вршењето на функцијата заради кривична пријава за малтретирање на свои колеги обвинители со што се отвори војна на релацијата Коцевски- Хајрулахи.Крстевска Цалева дојде какл предлог на државниот обвинител Љупчо Коцевски, со едногласна поддршка од членовите на Советот на јавни обвинители.По завршувањето на дисциплинската постапка против Хајрулахи ќе се знае епилогот, дали ќе се оди на избор на нов шеф на скопското Вишо обвинителство или Хајрулахи ќе се врати.Во предлогот за Крстевска Цалева стои дека е обвинител со интегритет, без забелешки на нејзината работа, а била и неодамна избрана да работи во Вишото обвинителство.Дисциплинската против Хајрулахи трае.Комисијата за утврдување негова одговорност утврдила неправилности во заведување на предметите во обвинителството. Хајрулахи пак се пожали на притисоци од државниот обвинител Коцевски поради предметот со бонусите на СЈО.

Македонија | пред 1 година

DSC_0288

Велешанец се обидел да изврши силување во Аеродром, тврди Обвинителството и бара притвор

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради обид да изврши кривично дело – Полов напад и силување од член 186 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.„Осомничениот велешанец, на возраст од 53 години, во населбата Аеродром во Скопје, спротивно на јасно изразената волја на една оштетена, со употреба на сила се обидел врз неа да изврши полов однос. Откако жртвата пружила активен отпор со удирање со рацете и нозете и гласно викање за помош, осомничениот излегол од возилото каде го извршил нападот и побегнал.Бидејќи постојат околности што укажуваат дека доколку осомничениот се остави да се брани од слобода ќе се даде во бегство или пак ќе се крие, со што ќе биде недостапен на органите на прогонот, но и со оглед на тоа дека постојат особени околности кои укажуваат дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведокот-оштетена или дека ќе го ќе го повтори или доврши обиденото кривично дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, велат од Обвинителството.

Македонија | пред 1 година

kokain

Во автомобилот си направил бункер, па му најдоа 4,5 килограми кокаин - кога им влегоа дома им најдоа уште кило

„Како резултат на материјалните и видео докази, обезбедени при претресите во акцијата што под раководство на јавен обвинител беше спроведена на 18 и 19 јануари годинава, во текот на денешниот ден од слобода се лишени две лица. На лицата им се става на товар дека сториле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на психотропни супстанци и прекурсори“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и додаваат:Имено, од екстрахираните податоци, истражителите од Лабораторијата за дигитална форензика при Истражниот центар на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, дојдоа до докази дека првоосомничениот кој беше лишен од слобода во Гевгелија, во бункер во ПМВ сокрива поголемо количество на психотропна супстанца. По обезбедена наредба за вештачење на возилото коешто беше одземено, пронајдени се 3,5 кг кокаин.Воедно, како резултат на доказите побарани се и извршени претреси на дом кај приведените лица и притоа е пронајден уште 1 кг кокаин. За двете лица јавниот обвинител донесе Наредба за истрага, а од судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје побара притвор и куќен притвор.

Македонија | пред 1 година

Screenshot-2024-12-02-at-09.03.48

Владата се реши за разрешување на републичкиот обвинител Љупчо Коцевски

Владата го задолжи Министерството за правда да преземе активности за поведување на постапка за разрешување на државниот јавен обвинител.„Разочарувањето на Владата за постапувањето надвор од законските надлежности, разочараноста на граѓаните од системот кој не функционира, резултира со нарушена доверба и нефункционирањето на правната држава“, рече портпаролката на Владата, Марија Митева.Таа образложи и аргументи за разрешувањето.„Се отвори расправата за последниот индекс на транспарентност, од каде можеше да се види дека четири точки се однесуваат на состојбите во Обвинителството и судството. Дополнително, последното именување за в.д. шеф на Вишо јавно обвинителство е одлука која е незаконска“, рече Митева.

Македонија | пред 1 година

puska

Осомничен за држење автоматска пушка под истрага на ОЈО Струга

Струшкото обвинителство донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривични дела – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3, како и Фалсификување на огнено оружје согласно член 396-а став 1 од Кривичниот законик.Осомничениот 28-годишник, во својот дом во селото Ложани неовластено држел оружје и муниција кои на граѓаните им се забранети и за кои не може да се добие дозвола за поседување. Така, полицијата кај него пронашла автоматска пушка со дрвен кундак и рамка со 14 куршуми за автоматското оружје.Освен тоа, на пушката ги фалсификувал ознаките со бришење и уништување на фабричкиот број на оружјето.Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струга достави предлог за определување мерка притвор, оценувајќи дека постои реална опасност од бегство и можност осомничениот да ја попречува постапката со влијание врз сведоците доколку се брани од слобода.

Македонија | пред 1 година

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања