Се бараат најстроги казни за тепачите на полицајци пред дискотека во Карпош: Нападите мора да запрат
Македонски полициски синдикат најостро ги осуди нападите врз полициски службеници и алармира дека трендот на насилство кон припадниците на полицијата мора итно да запре.Од синдикатот информираат дека во континуитет работат на документирање и профилирање на сите напади врз полицајци при извршување на службените задачи, со цел да се идентификуваат евентуални системски слабости и да се подобри нивната заштита.Повод за реакцијата е настанот од 28 март, кога околу 03:30 часот, полициски службеници од Полициската станица Карпош лишиле од слобода две лица – 31-годишник од Ресен и 34-годишен турски државјанин, кои пред угостителски објект во Скопје најпрво ги попречиле, а потоа и физички нападнале полицајците, нанесувајќи им тешки телесни повреди.Синдикатот изразува целосна поддршка за Министерство за внатрешни работи во понатамошната постапка и бара целосно расчистување на случајот.Оттаму потенцираат дека секој напад врз полициски службеник претставува индиректен напад врз државата и институциите, нагласувајќи дека лицата кои се грижат за безбедноста, редот и мирот не смеат да бидат изложени на вакви ризици.Синдикатот бара правосудните органи да постапуваат по итна и брза постапка во вакви случаи, како и да се заостри казнената политика, со цел превенција и елиминирање на нападите врз полицајците.Воедно, најавуваат дека ќе иницираат измени на Кривичниот законик преку Собранието, а во наредниот период ќе продолжат и со организирање панел-дебати посветени на кривично-правната и прекршочната заштита на вработените во безбедносните институции.„Никогаш нема да дозволиме сторителите на физички и вербален напад врз полициските службеници да поминат без одговорност и соодветна казна“, порачаа од Македонскиот полициски синдикат.
Скопје | пред 14 часа