Промени тема
За нас
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...

СИЉАНОВСКА

IMG_5131-1

Претседателката Сиљановска Давкова им посака успешен настап на македонските олимпијци кои ќе настапат на Олимпијадата во Париз

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими македонските олимпијци кои ќе настапат на Летните олимписки игри што ќе се одржат од 26 јули до 11 август во Париз.На средбата, претседателката Сиљановска Давкова беше информирана за финалните подготовки на македонскиот олимписки тим, како и за очекувањата од претстојните натпревари.Претседателката Сиљановска Давкова на македонските олимпијци им го врачи државното знаме, што ќе биде развиорено на отворањето на олимписките игри и им посака успешен настап на најграндиозниот и најпрестижниот спортски настан.„Вие, како македонски спортски амбасадори, со гордост и достоинство бранете ги боите на нашата земја. Ви посакувам успешен настап и достојно претставување во Париз. Јас и сите македонски граѓани сме со вас и навиваме од срце“, им порача претседателката Сиљановска Давкова.Осврнувајќи се на континуираната заложба и посветеност на македонските спортисти, претседателката ја нагласи потребата како заедница, како држава, да направиме сè за да ги поддржуваме спортистите, да работиме на стручноста на тренерските тимови, подобрувајќи ги севкупните спортски услови во македонското општество.На Летните олимписки игри во Париз ќе отпатуваат шест македонски спортисти: Владимир Егоров - борење, Никола Ѓуретановиќ - пливање, Анастасија Мојсовска - стрелаштво, Еди Шерифовски - џудо, Милијана Релиќ - таеквондо и Дарио Ивановски - атлетика. Македонското знаме на свеченото отворање ќе го носат Ивановски и Релиќ.На средбата присуствуваа и членови од раководството на Македонскиот Олимписки Kомитет, тренери и спортски судии.

Македонија | пред 1 година

Foto-9

Претседателката Сиљановска Давкова прими претставници на македонски здруженија во Албанија

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Вила Билјана во Охрид, прими претставници на македонски здруженија во Република Албанија.На средбата на којашто присуствуваа Едмонд Темелко, Спиро Малевски и Елеонора Мазенковски од организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија – „Преспа“, Бесник Хасани, од македонското друштво „Мост“, Мехмед Хоџа од друштвото „Гора“, Панди Јани од Партијата на слободата за Мала Преспа и македонскиот активист Панде Симоновски од Тирана, претседателката беше запозната со тековните активности на Македонците во Албанија фокусирани на заштитата и афирмацијата на македонскиот јазик, култура и традиции. Претседателката Сиљановска Давкова изрази задоволство од нивниот значаен придонес во средините во коишто живеат и работат, континуирано унапредувајќи ги македонско-албанските односи.Во разговорот беа разменети мислења за резултатите од последниот попис во Албанија, при што претставниците на македонското национално малцинство, осврнувајќи се на правата и слободите на Македонците во Албанија, изразија незадоволство од спроведениот попис. Истакнувајќи го почитувањето на етничката, религиска, јазична и идентитетска припадност на малцинствата, како темелна европска вредност, претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи важноста пописот, секогаш, без исклучок да ја отсликува реалноста во секое општество.На средбата со претставниците на македонските здруженија присуствуваа и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, пратеничката во македонското собрание, Рашела Мизрахи и поранешниот амбасадор во Република Албанија, Веле Трпески.

Македонија | пред 1 година

Foto-3

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со претставници на Обединетата Македонска Дијаспора

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска, во Вила Билјана во Охрид, ги прими Мето Колоски и Гордан Јорданов од Обединетата Македонска Дијаспора.На средбата, претседателката беше информирана за тековните проекти и планирани активности на ОМД и беа разменети мислења за Националната стратегија за соработка со дијаспората, за актуелните политички состојби во САД и Европа, како и за промените во демографијата на дијаспората.Потенцирајќи дека ОМД претставува глобален глас на македонските иселеници во САД, Канада, Европа и Австралија, претседателката изрази поддршка на нејзините иницијативи и севкупниот придонес за меѓународна афирмација на земјата и промовирање на македонските вредности, идентитет и култура.Во таа насока, таа се заблагодари за конструктивноста на ОМД, поддршката во застапување на македонските интереси и исполнување на стратешките цели на државата, како и за нивната улога во унапредување на билатералните односи со земјите во кои дејствуваат.На средбата, претседателката ги истакна нејзините заложби за унапредување на соработката со ОМД, продлабочување на врските со иселениците, искористување на потенцијалите и јакнење на нивната улога во развојот и просперитетот на земјата.Посочувајќи дека македонската дијаспора е столб на татковината, дипломатски ресурс и нашата економска состојба е директно поврзана со активностите на дијаспората, претседателката Сиљановска Давкова, истакна дека е неопходна активна и продуктивна соработка со македонските иселеници и изнаоѓање на модел и посебни услови со кои ќе се овозможат нивни инвестиции, како и пренос на знаење и вештини во земјава.

Македонија | пред 1 година

IMG_5098

Претседателката Сиљановска Давкова во посета на зоната на пожари во неготинско – донесена одлука за ангажирање на дополнителни 200 армиски припадници

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска ги посети припадниците на Армијата вклучени во гаснењето на големиот шумски пожар на планината Серта, кај неготинското село Калањево.Претседателката Сиљановска Давкова од страна на директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, беше информирана за актуелната состојба со пожарите и активностите што се преземаат за нивно локализирање.Врз основа на укажаната потреба и побарувања за поголем обем на ангажман во гасењето на пожарите, претседателката Сиљановска Давкова изутринава донесе одлука за ангажирање на дополнителни 200 припадници на Армијата во напорите за гасење на пожарите, со што вкупниот број на ангажирани армиски припадници е 300.Припадниците на Армијата од составот на Командата за операции и Командата за обука и доктрини ќе извршуваат активности по насока на Центарот за управување со кризи, кој е надлежен за координација на сите вклучени институции.

Македонија | пред 1 година

IMG_5080

Претседателката Сиљановска Давкова прими членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска прими членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).На средбата членовите на Комисијата ја запознаа претседателката Сиљановска Давкова со тековните активности, обемот на поднесените претставки, донесените одлуки и бројот на досега утврдените случаи на дискриминација. Во таа насока ја потенцираа нивната заложба за транспарентност, достапност и проактивност во елиминирање на сите видови дискриминација и промоција на човековите права.Нагласувајќи ја исклучително важната улога на КСЗД, како самостоен и независен орган, претседателката Сиљановска Давкова ја изрази нејзината безусловна поддршка на активностите за спречување и заштита од дискриминација на граѓаните, како основен предуслов за градење демократско општество.На средбата присуствуваа претседателот на Комисијата Игор Јадровски, заменик претседателот Лимко Бејзароски и членовите Флора Кадриу, Драгана Дрндаревска и Душан Томшиќ.

Македонија | пред 1 година

IMG_5045

Претседателката Сиљановска Давкова ја прими директорката на Светска банка за Западен Балкан, Шиаочин Ју

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими директорката на Светска банка за Западен Балкан, Шиаочин Ју.На средбата беше изразено задоволство од тековната соработка и партнерството фокусирано на економскиот раст и севкупниот развој на македонското општество.Нагласувајќи ја непроценливата улога на Светска банка во изминативе три децении, претседателката Сиљановска Давкова изрази благодарност за континуираните проекти и иницијативи насочени кон клучните области, деловната клима, вработеноста, социјалната заштита и промовирањето одржлив зелен раст.Двете соговорнички разменија мислења за Рамката за партнерство за периодот 2024-2028 година, која претставува одлична можност за натамошно продлабочување на меѓусебната соработка, директно придонесувајќи кон надминување на актуелните предизвици и подобрувајќи го квалитетот на животот на македонските граѓани.Во таа насока, претседателката ја изрази нејзината подготвеност за актуелизирање на овие цели, натамошно промовирање на нашите економски интереси и искористување на идните потенцијали.

Македонија | пред 1 година

IMG_4995

Претседателката Сиљановска Давкова го прими литванскиот диригент и виолинист Џулијан Рахлин кој ќе настапи на отворањето на „Охридско лето“

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска во Вила Билјана во Охрид, го прими раководството на македонската меѓународна музичко-сценска манифестација „Охридско Лето“ и литванскиот диригент и виолинист Џулијан Рахлин кој ќе настапи на вечерашното свечено отворање на 64. издание.Посакувајќи му добредојде и успешен настап на реномираниот уметник од Литванија, претседателката Сиљановска Давкова беше запознаена со импозантната и долгогодишна меѓународна музичка кариера на Рахлин и изрази задоволство што врвен и баран уметник на сите светски меридијани ќе настапи заедно со оркестарот на македонската филхармонија на свеченото отворање на оваа наша значајна музичка манифестација.Претседателката изрази очекување дека со својот перформанс уметниците ќе остават посебен белег и силен впечаток на годинашното издание на „Охридско лето“. Таа изрази уверување дека богатиот уметнички репертоар на претстојните фестивалските вечери ќе ги задоволи музичките апетити на домашната и на меѓународната публика.На средбата, на која што присуствуваа директорката Наташа Поповиќ и селекторките Бисера Чадловска и Сања Арсовска, претседателката Сиљановска Давкова истакна дека „Охридско лето“ како еден од најпрепознатливите и најквалитетни културни настани во поширокиот регион, има сериозен влог во македонската култура и меѓународната афирмација на земјава.

Македонија | пред 1 година

IMG_4989

Претседателката Сиљановска Давкова во посета на Центарот за обука на вода во Охрид

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во придружба на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денеска ги посети припадниците на Армијата од Баталјонот на специјални сили, кои изведуваат обука во Центарот за обука на вода во Охрид.Во рамки на посетата, претседателката Сиљановска Давкова беше брифирана за капацитетите на Баталјонот на специјални сили, како и за обученоста и способностите на припадниците на единицата презентирани преку показни вежби за изведување на операции на вода и приказ на боречки вештини.Припадниците од Баталјонот на специјални сили, преку методско-показна вежба прикажаа постапки кои се дел од специјални операции во ситуација на заложничка криза на пловен објект, а во вежбата беше вклучен и хеликоптер МИ-8/17 од воздухопловниот ВИНГ на Армијата. Припадниците на единицата „Волци“ изведоа кратка показна вежба, на која презентираа дел од боречките вештини.Претседателката упати честитки за успешно реализираните вежби, посочувајќи дека високиот степен на обученост за извршување на сложени задачи, што денеска гo демонстрираа припадниците на Баталјонот на специјални сили, како и оспособеноста во боречките вештини, ја потврдува професионалноста, посветеноста и исполнителноста на нашата армија, којашто достојно и дисциплинирано ги исполнува задачите согласно НАТО стандардите. Таа посочи дека ова е уште еден доказ зошто Армијата има заслужено високи оценки и ужива најголема доверба кај граѓаните.Во таа насока, претседателката Сиљановска Давкова порача дека во Армијата, како столб на националната и колективната безбедност, е неопходно да продолжиме да вложуваме во натамошна модернизација и во едукација на армиските припадници.

Македонија | пред 1 година

IMG_4937

Претседателката Сиљановска Давкова прими претставници на Фондацијата Конрад Аденауер

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими Даниел Браун, официјалниот претставник на Фондацијата Конрад Аденауер во Скопје и проектниот менаџер Давор Пашовски.На средбата беше разговарано за активностите и проектите на Фондацијата Конрад Аденауер фокусирани на унапредувањето на демократијата, владеењето на правото, економскиот развој и зајакнувањето на граѓанското општество. Претседателката Сиљановска Давкова изрази задоволство од севкупната поддршка на фондацијата и плодната соработка во овие области, како едни од клучните предуслови за македонската евроинтеграција.Осврнувајќи се на континуираниот придонес на фондацијата во организирањето на обуки, конференции и дебати посветени на младите, претседателката ја нагласи подготвеноста за натамошно продлабочување на соработката во реформските процеси на земјата и усогласувањето со европските стандарди.

Македонија | пред 1 година

IMG_4936

Претседателката Сиљановска Давкова прими претставници на Националниот сојуз на слепи

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска прими делегација од Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија, сочинета од Жарко Селковски, претседател и Ирена Бојмалиева и Лупчо Ваневски, членови на сојузот.На средбата, претставниците на Националниот сојуз на слепи ја информираа претседателката Сиљановска Давкова за нивните тековни активности, како и за нивните идни ангажмани во насока на заштита на правата на лицата со оштетен вид и нивна инклузија во сите сегменти на македонското општество. Претставниците на сојузот посочија дека обединуваат над 2600 лица со целосно или делумно оштетен вид на територијата на целата држава и истакнаа дека Националниот сојуз на слепи е член на неколку меѓународни организации, меѓу кои се Балканскиот консултативен комитет, Европскиот и Светскиот сојуз на слепи.Претседателката Сиљановска Давкова порача дека само преку тесна соработка меѓу сојузот и релевантните државни институции ќе се подигне свеста за унапредување на правата на лицата со оштетен вид.Соговорниците се согласија дека е неопходно да се подобри животниот стандард на овие лица, како и да им се олесни пристапноста до соодветно образование, здравство, култура и спорт.

Македонија | пред 1 година

IMG_4197

Сиљановска-Давкова: Мислам дека многу одговорно се однесувавме кон Преспанскиот договор, реализиравме обврски дури и пред да истечат роковите

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во „Само Интервју“ на Канал 5 ТВ зборуваше за обврските од Преспанскиот договор и дека Македонија ги реализира навремено, но дека Грција не го прави тоа.„Барам разбирање, го имаме Преспанскиот договор, се смени уставот, сменивме документи, дури и шахтите ги сменивме, време е другата страна да покаже кооперативност. Јажето има два краја и обично двајца го влечат. Ние мислам дека многу одговорно се однесувавме кон Преспанскиот договор, реализиравме обврски дури и пред да истечат роковите, но не сум сигурна дека Грција тоа го стори, таму ќе видите „Скопиа“, „фиром“, но не и Северна Македонија.”, вели Сиљаноска Давкова.Во однос на заклетвата, кога таа не кажа Северна Македонија, Сиљаноска Давкова вели дека не терала инает, ниту сакала некого да нервира, туку се однесувала сократовски. Рече дека не забележала оти грчката амбасадорка ја напуштила инаугурацијата, бидејќи, како што нагласи била преокупирана со чинот.,,Не разбирам како некои не сфаќаат дека со некои нешта не може да се биде рационален, има некоја нераскинлива врска меѓу срцето и умот и јас тоа го изговарам. Не сакам некого да нервирам, тоа е дел од мојот хабитус. Ако 60 години секогаш било Република Македонија, тоа е тоа, не дека терам инает, се однесував сократовски. Во Изборниот законик името не е сменето, си пишува Република Македонија. Заклетвата е таму точно наведена, името е Република Македонија. Сакав да покажам дека придавка е придавка, а дека она што е суштинско е Македонија. Сакав да се држам до Преспанскиот договор чиј член 7, став 3 објаснува кога може да се употеби името Македонија, а тогаш е логична и придавката. Можеби за тоа придонесе фактот што претседателот на Собранието во неполни неколку минути 25 пати го употреби изразот Северна. Не ми е јасна таа логика.”, рече Сиљаноска Давкова.Претседателката уште еднаш кажа дека не го крши Преспанскиот договор.,,Деновиве слушам дека мора да се почитуваат двата договора, Преспанскиот договор јас не го кршам, во него пишува дека ние докуметите треба да ги смениме ама и по отворањето на првото и другите поглавја. Кој отвора поглавје, кој одлучува за тоа? ЕУ. Дали тоа некој го кажа? Требаше да го каже Грција. Не само што не отворивме поглевје, туку сега треба да го смениме Уставот за да почнеме преговори. Во ниту еден член во Договорот со Бугарија не пишува дека ние треба да го менуваме Уставот. На Макрон му реков дека му е извонредна филозофската теза за ЕУ, но филзоофијата не може да биде без принципи и вредости. ЕУ во самите договори предвидела санкции ако некоја членка ги крши темелните вредности и принципи. Без темелни вредности нема ЕУ како филозофија на демократија.”, подвлече Сиљаноска Давкова.Таа е децидна дека со премиерот Христијан Мицкоски не го толкуваат различно Преспанскиот договор.Во Швајцарија на средбата со Мицотакис, рекла дека очекува двете земји да се однесуваат добрососедски, а изјавата на Нимиц дека треба да бидеме горди на новото име, и создала конфузија.,,Нимиц ми создаде конфузија со изјавата. Да речете некому да го прави горд името што не го избрал сам, зашто референдумот не беше успешен, мислам дека е неетички.”, истакна Сиљаноска Давкова.На прашањето дали во следните пет години нема да го каже името Северна Македонија, Сиљаноска Давкова нагласи: Сите знаете дека сум претседателка на оваа држава која во Уставот се вика така, зошто тоа да го повторувам? Зарем нашите грчки колеги постојано велат Хеленска репунблика? Не. Ги почитувам договорите. Не е точно дека ние ги кршиме, туку некој друг ги крши, заклучи Сиљаноска Давкова.

Македонија | пред 1 година

IMG_4069

Честитка од претседателката Сиљановска Давкова до американскиот претседател Бајден по повод Денот на независноста

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, по повод Денот на независноста на Соединетите Американски Држави, упати честитка до претседателот на САД, Џо Бајден.,,Ми претставува особена чест и големо задоволство, во име на македонските граѓани и во свое лично име, да Ви го честитам Денот на независноста, упатувајќи најискрени желби за просперитет и за сестран развој на Вашата држава и за благосостојба на пријателскиот американски народ.Овој 4 Јули, американските граѓани ја прославуваат 248-годишнината од усвојувањето на Декларацијата за независност и ги слават принципите на слобода и на еднаквост, коишто се вградени во овој документ, што претставува инспирација за многу народи во светот. Стремежот на татковците на американската нација да формираат влада, којашто го застапува и ја црпи својата моќ од народот, е подеднакво валиден до денешен ден и за многу други народи и концепти на управување, вклучувајќи го и македонскиот. Споделувајќи и негувајќи ги овие вредности, ние сме горди на традиционалното пријателство со американскиот народ и сме посветени на неговото натамошно зацврстување, како и на унапредување на соработката во сите сфери од заемен интерес.Како стабилен партнер и докажан сојузник на Соединетите Американски Држави во НАТО Алијансата, остануваме фокусирани на заедничките определби за безбедност, слобода и демократски просперитет со учество во заедничките активности во борбата против заканите врз стабилноста и мирот во Европа и во светот.Ја користам оваа пригода да се заблагодарам за поддршката од страна на Соединетите Американски Држави во спроведувањето на нашите реформски процеси, нагласувајќи дека ќе продолжиме посветено да работиме на нивната реализација. Нашата крајна цел е унапредување на благосостојбата на македонските граѓани, полноправно членство во ЕУ, а со тоа и подигнување на нашиот статус и зголемување на нашата сила како сојузник во НАТО.Повторувајќи ги моите срдечни честитки и надежта дека цврстите врски помеѓу нашите две земји и пријателски народи ќе продолжат да јакнат и во иднина, Ве молам, господине Претседателе, да ги примите изразите на моето највисоко почитување.”, посака претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Македонија | пред 1 година

IMG_4868

Претседателката Сиљановска Давкова го прими австралискиот амбасадор Даниел Емери

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Австралија, Даниел Емери.На средбата беше разговарано за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, кои се пријателски и следната година ќе се одбележат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Претседателката Сиљановска Давкова ја изрази посветеноста од македонска страна за натамошно проширување на соработката на различни полиња и изрази очекување дека Австралија ќе продолжи да биде наш партнер и сојузник во остварувањето на стратешките цели и аспирации.Во таа насока, претседателката Сиљановска Давкова го реафирмираше интересот од македонска страна за отворање на резидентна амбасада на Австралија во Скопје.Како важна врска меѓу двете држави беше посочена бројната македонска заедница во Австралија, која дава важен придонес во општествениот живот на Австралија и придонесува за австралискиот економски развој.Претседателката Сиљановска Давкова на средбата истакна дека нивото на економска соработка не ги рефлектира одличните политички односи меѓу двете пријателски земји и дека постои огромен неискористен потенцијал во насока на развој на економската соработка и зголемување на трговската размена.

Македонија | пред 1 година

IMG_4856

Претседателката Сиљановска Давкова ја прими израелската амбасадорка, Симона Франкел

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Државата Израел, Симона Франкел.На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што беше оценето дека се карактеризираат со пријателство и меѓусебно разбирање.Претседателката Сиљановска Давкова го истакна македонскиот интерес за искористување на значајниот потенцијал за понатамошно унапредување на севкупната соработка и важноста од продлабочување на билатералните односи преку конкретна секторска соработка, имајќи ги предвид економските, технолошки и научни капацитети на Израел.На средбата претседателката Сиљановска Давкова беше информирана за актуелната состојба во Израел по нападите на Хамас од октомври минатата година. Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека за сите безбедносни прашања, вклучувајќи го и Блискиот Исток, нашата држава го усогласува својот став со позициите на ЕУ и ги координира своите политики во рамките на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и во координација со земјите-членки на НАТО, а се води исклучиво од македонскиот интерес и интересот на македонските граѓани.

Македонија | пред 1 година

IMG_4850

Претседателката Сиљановска Давкова го прими претставникот на Европската банка за обнова и развој, Фатих Туркменоглу

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими претставникот на Европската банка за обнова и развој, Фатих Туркменоглу.На средбата се разговараше за досегашната соработка со Европската банка за обнова и развој, при што претседателката Сиљановска Давкова изрази благодарност до ЕБОР за поддршката и партнерството во изминатите три децении, како еден од клучните и најголеми инвеститори во земјава и регионот.Претседателката истакна дека ЕБОР со своите активности за поддршка во исклучително важни области преку значајни проекти како што се транспортната инфраструктура, општинската инфраструктура за животна средина, енергетиката и гасификацијата, ќе придонесе за зајакнување на регионалната интеграција, за придвижување на македонскиот евроинтегративен процес, како и за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.Изразувајќи задоволство од соработката со Европската банка за обнова и развој особено во областа на инфраструктурата како значаен сегмент за севкупниот економски и социјален развој, но и можностите што ги нуди за инвестирање во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, претседателката Сиљановска Давкова посочи дека во рамки на своите ингеренции во економските политики ќе биде посветена на промовирање на македонските интереси преку економска дипломатија и партнерства со меѓународни институции како што е досегашното со ЕБОР.

Македонија | пред 1 година

IMG_4838

Претседателката Сиљановска Давкова го прими чешкиот амбасадор Јарослав Лудва

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Чешката Република, Јарослав Лудва.На средбата беа разменети мислења за севкупните билатарални односи меѓу двете држави, кои годинава одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, при што беше истакната посветеноста за натамошен развој и јакнење на партнерските односи, што e изразено преку интензивен политички дијалог и во економската соработка.Претседателката Сиљановска Давкова ја истакна важноста на силната поддршка што Чешка ја дава за европските аспирации на нашата држава и на регионот, како на билатерално ниво, така и во рамки на институциите на ЕУ и преку делувањето во рамки на Вишеградската група. На средбата се разговараше и за текот на реформскиот процес, при што претседателката Сиљановска Давкова го посочи формирањето на Министерството за европски прашања како важен чекор што ја демонстрира посветеноста на државата кон европската агенда.На средбата беа разменети мислења за актуелните состојби во поширокиот регион.

Македонија | пред 1 година

IMG_4833

Претседателката Сиљановска Давкова го прими шпанскиот амбасадор Хосе Луис Лосано Гарсија

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Кралството Шпанија, Хосе Луис Лосано Гарсија.На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, кои годинава одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, при што беше беше истакната посветеноста за натамошно јакнење на пријателските и партнерски односи меѓу двете држави.Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека Шпанија е наш важен партнер во рамки на НАТО, ОН и ОБСЕ и поддржувач на аспирациите за членство во Европската Унија, што јасно го демонстрираше за време на своето претседателство со Советот на ЕУ во втората половина на минатата година. Во тој контекст, беше разговарано за натамошниот тек на реформската агенда по формирањето на новата влада.На средбата беа разменети мислења за актуелните состојби во поширокиот регион.Претседателката Сиљановска Давкова посочи на интересот од македонска страна за натамошно интензивирање на економската соработка и трговската размена меѓу двете држави.

Македонија | пред 1 година

IMG_4796

Претседателката Сиљановска Давкова ja прими Kристина Николовска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими Kристина Николовска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје.На средбата, претседателката Сиљановска Давкова беше информирана за подготвителните активности на 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, што ќе се одржи под нејзино покровителство.Претседателката Сиљановска Давкова, посочувајќи го значењето на оваа престижна манифестација, како и реномето на Летната школа, истакна дека со актуелностa, имињата на предавачите, како и слушателите коишто присуствуваат дава голем придонес за македонската наука и култура.Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура е основан на 22 декември 1967 година. Досега се одржани 56 летни школи и три зимски школи, на кои учествувале повеќе од 4.000 учесници од над 60 земји, меѓу кои истакнати македонисти, професори по македонски јазик и литература на странските универзитети, слависти, балканисти, преведувачи, научни работници и студенти што го изучуваат македонскиот јазик во нашите лекторати и универзитетите во светот.

Македонија | пред 1 година

IMG_4783

Претседателката Сиљановска Давкова прими делегација на Сојузот на Здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија - МАКЕДОН

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска прими делегација од Сојузот на Здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија - МАКЕДОН, сочинета од Александар Јаневски, претседател на сојузот, Лилјана Затуровска и Трајче Димков, потпретседатели на сојузот и Трајче Карапетров од тетовското Здружение на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.На средбата, која се одржува во пресрет на традиционалното одбележување на 75-годишнината од крајот на Граѓанската војна во Грција и 76-годишнината од насилното прогонство на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, делегацијата од МАКЕДОН информираше за подготовките на настанот, како и за одржувањето на годишното Собрание на кое се очекува да се донесат одлуки за прием на здруженија во Сојузот, за избор на членови на Претседателството на Сојузот и годишна програма за работа.Претседателката Сиљановска Давкова, изразувајќи ја својата поддршка за работата и активностите на Сојузот на Здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија – МАКЕДОН, нагласи дека судбината и трагедијата на 30.000 деца бегалци и нивната голгота не смее да се сокрива и релативизира. Претседателката упати порака дека почитувањето и знаењето на минатото дава голем простор за пријателска иднина кон која се стремиме за доброто на сите на Балканот и во Европа.Соговорниците на средбата изразија очекување дека одбележувањето на двата трагични настани, кое ќе се одржи на 30 јуни 2024 година, недела, пред Споменикот на децата бегалци во Парк Жена-Борец во Скопје, ќе помине достојно бидејќи со почитување на судбината и трагедијата на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија, ја почитуваме и трагедијата на недолжните деца ширум светот - жртви на војните.

Македонија | пред 1 година

IMG_4772

Претседателката Сиљановска Давкова го прими амбасадорот на Виетнам, До Хоанг Лонг

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Социјалистичка Република Виетнам, До Хоанг Лонг.На средбата се разговараше за билатералните односи меѓу двете земји кои ги поврзува долгогодишно пријателство и беше изразен поттик за натамошно унапредување и продлабочување на меѓусебната соработка во повеќе области.Соговорниците како една од приоритетните сфери на билатералната соработка ја посочија економијата и изразија интерес за нејзино унапредување преку преземање на конкретни економски активности и проекти, како што се формирање на Мешовита економска комисија, организирање економски семинар во Скопје од страна на амбасадата на Виетнам во насока на промоција на трговијата и инвестициите меѓу двете држави.На средбата се разговараше и за проширување на билатералната соработка и во областите на културата, туризмот, во образованието и науката, преку размена на студенти и визитинг професори, како и за проширување на договорната рамка во сферата на образованието и науката, како и во соработката меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји.Двајцата соговорници констатираа дека постои добра соработка на мултилатерален план и изразија очекување таа соработка и меѓусебна поддршка во меѓународните организации да продолжи, особено во рамките на ОН и во Меѓународната организација на Франкофонијата.

Македонија | пред 1 година

IMG_4758

Претседателката Сиљановска Давкова го прими Габриел Гуалано де Годој, претставник на Канцеларијата на УНХЦР

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими претставникот на Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите Нации – УНХЦР, Габриел Гуалано де Годој.На средбата беа разменети мислења и информации за досегашната соработка на македонските институции со УНХЦР, при што беше нагласена значајноста на нивната експертиза, како и институционалната и материјалната поддршка како клучни за зајакнување на капацитетите за изнаоѓање одржливи решенија за луѓето во ранливи ситуации.Претседателката Сиљановска Давкова, потсетувајќи на нејзиниот ангажман како пратеник кога активно била вклучена во усвојувањето на законите подготвени со помош на УНХЦР, ја истакна нејзината длабока посветеност кон прашањата за бегалците, осигурувајќи се дека нашата правна рамка е усогласена со меѓународните стандарди. Таа го истакна ставот дека нашата земја ќе продолжи тесно да соработува со УНХЦР за да спасува животи и да гради подобра иднина за луѓето кои се принудени да ги напуштат своите домови поради конфликти, прогонство, климатски вонредни состојби.Претседателката Сиљановска Давкова изрази задоволство и за интензивната соработка со УНХЦР во однос на прашањето за лицата без државјанство. Во таа насока, претседателката истакна дека измените на Законот за матичните книги и Законот за странци, како и нивната практична примена ја разрешија состојбата на над 700 лица без државјанство и дека очекува во скоро време да станеме првата земја во Европа која ќе го искорени овој проблем.

Македонија | пред 1 година

IMG_4757

Претседателката Сиљановска Давкова го прими кинескиот амбасадор, Џанг Ѕуо

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо.На средбата беше констатирано дека билатералните односи меѓу двете држави се основани врз пријателство и соработка во сите области од взаемен интерес, при што претседателката Сиљановска Давкова изрази подготвеност за натамошно проширување на билатералната соработка и продлабочување на македонско-кинеското пријателство во текот на нејзиниот мандат. Таа го реафирмираше македонскиот став за почитување на политиката „Една Кина“.Соговорниците изразија очекување дека и понатаму ќе продолжат да се развиваат и унапредуваат меѓусебните односи во сите сфери од взаемен интерес, особено во делот на трговската размена и капиталните инфраструктурни проекти и ги нагласија можностите за проширување на економската соработка и туризмот. Во тој контекст, претседателката посочи дека е неопходно македонските стопанственици да бидат подобро запознаени со регулативата, прописите и функционирањето на кинескиот пазар, како би можело да се зголеми извозот во Кина.Претседателката Сиљановска Давкова и кинескиот амбасадор Ѕуо разговараа и за улогата и влијанието на Народна Република Кина во светот, како и во нашиот регион, особено во контекст на економијата, а разменија мислења и информации и за ставовите на кинеската надворешна политика.

Македонија | пред 1 година

IMG_4746

Претседателката Сиљановска Давкова го прими Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килиан Вал.На средбата беше потврдена важноста на долгорочната соработка со ОБСЕ за поддршка на македонските реформи во различни области предвидени во мандатот на организацијата, при што претседателката Сиљановска Давкова изрази поддршка за активностите насочени кон зајакнување на соработката и воспоставување мир во регионот на ОБСЕ.Претседателката изрази благодарност и за важната улога на ОБСЕ/ОДИХР во процесите поврзани со изборните реформи, особено во напорите за организирање слободни и фер избори, додавајќи вредност на легитимитетот, кредибилитетот и довербата на процесот.Соговорниците изразија задоволство од досегашната соработка на ОБСЕ со македонските релевантни институции и со граѓанското општество која е динамична и продуктивна и изразија подготвеност за продолжување на соработката и во понатамошниот период во однос на прашања и предизвици поврзани со напредокот на нашата земја.

Македонија | пред 1 година

IMG_4743

Претседателката Сиљановска Давкова го прими косовскиот амбасадор, Флоријан Ќехаја

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Република Косово, Флоријан Ќехаја.На средбата беа разменети мислења за можностите за продлабочување на билатералната и регионалната соработка и беше поздравен отворениот и конструктивен дијалог за прашањата од заеднички и поширок интерес.Претседателката Сиљановска Давкова изрази подготвеност за продолжување на одличниот политички дијалог на највисоко ниво и изрази очекување дека позитивниот тренд во развојот на економските односи со Косово, како наш значаен трговски партнер, ќе продолжи и во иднина.Во контекст на европските перспективи и споделувањето на заедничките вредности, претседателката Сиљановска Давкова изрази поддршка на косовските евроатлантски аспирации и учеството во различни формати на регионална соработка и ја истакна подготвеноста за споделување на искуства во сите области каде што располагаме со соодветна експертиза.На средбата беа разменети мислења за актуелните случувања во регионот, за соработката во рамки на регионалните иницијативи, како и за можностите за продлабочување на прекуграничната соработка преку искористување на фондовите на Европската Унија.

Македонија | пред 1 година

IMG_4713

Претседателката Сиљановска Давкова го прими словачкиот амбасадор, Хенрик Маркуш

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Република Словачка, Хенрик Маркуш.На средбата се разговараше за севкупните билатерални односи и можностите за унапредување на соработката во различни области од заемен интерес.Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека билатералните односи се карактеризираат со пријателство и разбирање оценувајќи дека меѓу двете земји постојат силни културни врски поради наследството на светите браќа Кирил и Методиј.Нагласувајќи дека годинава се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи со Словачка, претседателката Сиљановска Давкова се заблагодари за принципиелната поддршка од Словачка и од Вишеградската група како традиционален поддржувач на македонските евроинтеграции и посветен партнер во НАТО.Во насока на продлабочување на соработката во области од заемен интерес, Претседателката истакна дека е видлив растот на трговската размена за којашто постои можност во наредниот период да постигне поголеми резултати со заеднички ангажман од двете страни. Таа нагласи дека од особен интерес е и интензивирањето на билатералниот политички дијалог.

Македонија | пред 1 година

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања