Собранието ја усвои првата фаза од постапката за измени на Законот за Влада, со кои се предвидува укинување на досегашниот модел на техничка или преодна влада што се применуваше во изборни периоди.
Со 67 гласови „за“, 13 „против“ и без воздржани, пратениците донесоа одлука за утврдување на потребата од носење на законот по скратена постапка, со што предлогот ја помина првата фаза од законодавната процедура.
Со предложените измени се предвидува промена во начинот на организација на изборните процеси и функционирањето на извршната власт, при што се укинува досегашната пракса на формирање технички влади.
Од Владата образложуваат дека целта на законското решение е зајакнување на институционалната стабилност, поголема правна сигурност и заштита на јавниот интерес, како и обезбедување поефикасно функционирање на државните институции без, како што се наведува, привремени политички договори што во минатото го отежнувале системот.
Во документот се наведува и дека новата правна рамка треба да овозможи порационално користење на јавните средства и постабилен модел на владеење, со цел гарантирање на фер и транспарентен изборен процес.