Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, најави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата поднела Предлог-закон за измена на Законот за пратеници, со кој во иднина кандидатите за пратеници ќе мора да имаат исклучиво македонско државјанство.
Таа посочи дека предлогот веќе е поднесен во Собранието и ќе се разгледува по скратена постапка, нагласувајќи дека со оваа измена ќе се стави крај на, како што рече, „обвинувањата и шпекулациите за двојни државјанства кај функционери“.
„Во Собранието веќе е поднесен Предлог на закон за измена на Законот за пратеници. И тука повторно ќе се руши уште еден меур од сапуница, оние списоци кои ги објавуваа, па сега многу актуелни ги направија повторно со парламентарниве избори во Бугарија, дека добар дел од наши пратеници, функционери, се со двојни државјанства“, изјави Стојаноска во гостување на телевизија Алфа.
Таа потенцираше дека меѓу потписниците на законските измени се и актуелни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, чии имиња, како што рече, биле споменувани во објавените списоци.
„Потписници на оваа измена се токму пратеници кои СДС ги обвинува дека имаат бугарско државјанство. Ако тоа беше точно, тогаш би било апсурд тие да го потпишат овој предлог“, рече Стојаноска.
Според предложените измени, условот за кандидирање за пратеник ќе биде поседување само македонско државјанство, што значи дека лицата со двојно државјанство нема да можат да се кандидираат на идните избори.
Стојаноска повика на јавно изјаснување од сите пратеници.
„Да видиме како ќе се изјаснат колегите од СДС. Денес ќе се види кој е навистина за ова решение, а кој блефира“, изјави таа, додавајќи дека предлогот ќе биде ставен на дневен ред на седница.