Српскиот претседател Александар Вучиќ соопшти дека разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, при што Србија добила продолжување на договорот за снабдување со гас за уште три месеци под, како што рече, многу поволни услови.
Вучиќ изјави дека цената ќе остане формулирана според нафтениот модел и дека Србија ќе има една од најниските цени на гас во Европа.
Тој предупреди дека без државна интервенција, цените на горивата во Србија би пораснале значително, посочувајќи дека дизелот би можел да достигне и до 300 динари по литар.
„Колку што државата може да издржи – ќе издржи, но ако продолжи оваа состојба, ќе мора да се запрат многу работи за да се преживее“, изјави Вучиќ.
Тој нагласи дека евентуален копнен напад врз Иран би предизвикал најголема енергетска и економска криза во историјата, што би довело и до нови политички и воени конфликти.
Во разговорот со Путин биле отворени и други теми, вклучително и Косово и Република Српска, како и состојбите во Украина и на Блискиот Исток.
„Го информирав и за сојузот меѓу Загреб, Приштина и Тирана“, изјави Вучиќ, без да даде дополнителни детали.
Тој апелираше до меѓународната заедница внимателно да ги процени следните чекори, оценувајќи дека Европа и светот не се подготвени за долготрајна енергетска криза од ваков обем.