Иран во изминатите години беше сцена на повеќе народни бунтови, но масовниот протестен бран што ја зафати земјата кон крајот на 2025 година сè почесто се оценува како најсериозната закана досега за опстанокот на автократскиот режим. Актуелните демонстрации се најголеми и најнасилни во последните неколку години, со запалени државни објекти, судири со безбедносните сили и пароли со директни повици за уривање на власта, меѓу кои и извици против врховниот водач Али Хамнеи.
Во видеообраќање на 9 јануари, Хамнеи порача дека протестите ќе бидат задушени, по што властите воведоа речиси целосна блокада на интернетот. Состојбата внимателно ја следат и меѓународните актери, пред сè Соединетите Американски Држави и Русија, додека независна проверка на информациите е речиси невозможна поради ограничениот пристап до комуникациските мрежи.
Протестите започнаа на 28 декември како реакција на високата инфлација и драматичниот пад на вредноста на иранскиот ријал, но за кратко време прераснаа во отворено политичко движење со барање за соборување на режимот. Немирите се проширија во повеќе од 100 градови и населени места, што претставува географски опфат без преседан. На улиците излегоа десетици, а според тврдењата на опозицијата и стотици илјади луѓе, кои влегоа во директни конфликти со полицијата и паравоените формации.
Клучен момент беше 8 јануари, кога на протестите им даде дополнителен импулс повикот на Реза Пахлави, син на последниот ирански шах соборен во Исламската револуција во 1979 година. Пахлави, кој се залага за демократија и почитување на човековите права, за дел од јавноста претставува обединувачка фигура, а меѓу демонстрантите се појавија и повици за обновување на монархијата. Опозицијата тврди дека протестите се најмасовни од 1979 година наваму, со милиони луѓе на улиците, но овие бројки не можат да се потврдат поради информативната блокада.
Според податоците на организацијата „Iran Human Rights“, најмалку 62 демонстранти се убиени, стотици се повредени, а повеќе од 2.000 лица се уапсени. Дел од аналитичарите сметаат дека протестите се без преседан бидејќи, за разлика од претходните бранови, не се ограничени само на големите градови, туку се проширија и во руралните средини, создавајќи атмосфера слична на Арапската пролет.
Експертите се поделени околу прашањето дали режимот навистина е пред колапс. Некои оценуваат дека сегашните немири се поопасни за власта од претходните, бидејќи целат кон целосно уривање на системот, а не кон ограничени реформи, и затоа што во нив се вклучени пошироки општествени слоеви подготвени на радикални чекори. Други, пак, предупредуваат дека иранскиот режим, иако ослабен, сè уште располага со силен репресивен апарат и лојални безбедносни структури кои можат да ја задржат контролата.
Во меѓувреме, се отвори и прашањето за можна странска интервенција. Американскиот претседател Доналд Трамп јавно се закани дека Иран ќе биде „жестоко погоден“ доколку режимот отвори оган врз демонстрантите, оставајќи простор за различни сценарија. Дел од аналитичарите сметаат дека ограничен удар врз клучни безбедносни структури би можел да предизвика распад на лојалноста во рамки на режимот, додека други предупредуваат дека странска интервенција може да има спротивен ефект и да го обедини населението околу власта под изговор на надворешна закана.
Посебно значајна е и позицијата на Русија, еден од главните сојузници на Техеран. Москва засега молчи за случувањата во Иран, а аналитичарите оценуваат дека падот на режимот би значел сериозен геополитички удар за Кремљ, вклучително и губење на важен партнер. Сепак, се смета дека Русија веројатно нема активно да интервенира, туку евентуално би можела да понуди засолниште за иранските лидери, како што тоа го направи во други слични случаи.
Иран, според многумина, влегува во најнеизвесната фаза од својата понова историја. Дали протестите ќе доведат до вистински политички пресврт или режимот повторно ќе успее да се одржи со сила, останува отворено прашање, чии одговори ќе зависат од одлуките на безбедносните структури, однесувањето на меѓународната заедница и истрајноста на граѓаните на улиците.