Иранските власти заплениле имот на 240 дисиденти, новинари и јавни личности и замрзнале 182 банкарски сметки, објави новинската агенција „Мизан“, блиска до правосудството. Шефот на полицијата Ахмадреза Радан потврдил и дека поради протестите во јануари биле уапсени повеќе од 6.000 луѓе, објави „Еуроњуз“.
Од вкупниот број заплени, 143 биле извршени во Техеран. Агенцијата „Мизан“ наведува дека лицата кои биле цел на мерките се обвинети за „пропагандни активности или дејствување против државата во корист на непријателски влади“.
Се додава дека дел од имотот им припаѓа на новинари на опозициски медиуми на персиски јазик, како што се „Иран Интернешнл“ и „Маното“, како и на активисти и јавни личности со престој во странство.
Како еден од позначајните случаи се наведува случајот на бизнисменот Садег Саеди-Нија, на кого му бил одземен имотот и му била изречена затворска казна. Иранското правосудство, покрај тоа, испратило повеќе од 2.000 барања до Централната банка за сметките на обвинетите и најавило нови заплени и судски постапки.
Шефот на полицијата Радан изјавил дека неговите сили уапсиле тројца членови на организацијата Муџахедин-е Халк (МЕК), опозициска група во егзил која се залага за соборување на режимот.
Според него, членовите на МЕК имале улога во настаните што иранските власти ги нарекуваат државен удар, термин со кој тие се осврнуваат на протестите во декември и јануари.
„Нема да ги заборавиме немирџиите и пучистите. Сè уште ги следиме и преземаме мерки против нив“, порача Радан.
Тој навел и дека безбедносните сили спречиле фестивалот на огнот Чахаршанбе Сури, персиски обичај со кој се одбележува последната среда во годината, да биде искористен за поттикнување нови немири.
„Еден од опсежните планови на непријателот беше последната среда во годината да ја искористи за создавање сценарио слично на она од јануари, но тоа не се случи“, изјавил Радан.
Организацијата „Iran Human Rights“, со седиште во Норвешка, објавила дека Иран од јануари погубил најмалку 532 лица. Меѓу нив се најмалку 29 луѓе поврзани со јануарските протести.
Бројот на егзекуции нагло се зголемил од почетокот на војната со САД кон крајот на февруари.
И покојниот ајатолах Али Хаменеи, кој беше убиен во американски напад врз неговата резиденција на почетокот на војната, протестите јавно ги опишувал како обид за државен удар.