Потпретседателот на Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, преку објава на социјалните мрежи остро го критикуваше Предлог-законот за реализација на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, кој денеска беше доставен во Собранието по скратена постапка.
Во објава на социјалните мрежи, Исмаил оцени дека со законското решение се создава паралелен културен систем, наместо постојните градски културни установи да бидат носители на проектот.
Според него, институциите што со години се соочуваат со недоволни средства, застарена опрема и руинирани објекти се ставаат во втор план, додека новата фондација ќе располага со средствата и ќе одлучува за програмата и учесниците.
Исмаил реагира и на концептот на корпоративно културно партнерство, оценувајќи дека тој отвора можност спонзорите да имаат големо влијание врз културните содржини и јавните простори.
Тој како особено спорно го посочува и предвиденото изземање на Фондацијата од примената на Законот за јавните набавки, при што, според него, набавките би се спроведувале според интерни правила што самата фондација ќе ги донесе.
Дополнително, Исмаил предупредува дека предлог-законот овозможува интервенции во културните простори со поедноставени процедури, а го критикува и решението според кое, доколку Управата за заштита на културното наследство не се произнесе во рок од 15 дена, ќе се смета дека дала позитивно мислење.
Според него, законот не содржи јасна финансиска проценка за реализацијата на проектот, а предвидува и формирање нова јавна установа по завршувањето на „Скопје 2028“, без притоа да бидат образложени нејзините идни надлежности и трошоци.