Пратеникот на Левица, Реџеп Исмаил, во собраниската расправа за ребалансот на Буџетот за 2026 година оцени дека предложениот документ не нуди развојни политики, туку претставува обид на Владата да ги прикрие пропустите во првичното буџетско планирање преку нови задолжувања и прераспределба на средства.
Тој потсети дека Левица уште при донесувањето на Буџетот предупредувала дека проекциите не се реални и дека ќе доведат до дополнителни трошоци и нови долгови.
„Буџетот, особено ребалансот, ниту е развоен, ниту има план за економско зајакнување, а најмалку од сè е домаќински“, изјави Исмаил.
Осврнувајќи се на буџетските приоритети, тој рече дека Владата издвојува значителни средства за НАТО, додека истовремено го продлабочува буџетскиот дефицит.
„Вие одвојувате четири проценти од БДП за НАТО, а во исто време имате дефицит од 4,1 проценти. Приоритетите навистина треба да се ревидираат“, нагласи тој.
Според Исмаил, ребалансот е доказ дека Владата не управува стратешки со јавните финансии, туку реагира на тековните проблеми.
„Владата не управува никако стратешки. Напротив, само делува реактивно, не планира развој, туку купува време, не создава вредност, туку распределува трошок“, рече пратеникот.
Тој оцени дека токму Буџетот е најдобар показател за вистинските политики на секоја власт.
„Буџетот е најискрениот политички документ на секоја власт. Секоја власт декларативно се залага за култура, екологија и безбедност, но буџетот покажува дали навистина тоа се нејзини приоритети. Буџетот на оваа власт покажува дека сите нејзини декларации се само фарса“, истакна Исмаил.
Во делот за културата, тој оцени дека институциите се запоставени, а културната политика се сведува на организирање манифестации.
Говорејќи за јавните инвестиции, Исмаил рече дека најголемото зголемување на средствата е насочено кон локални инфраструктурни проекти, за кои, според него, најлесно се злоупотребуваат јавни средства.
Во завршницата, пратеникот на Левица порача дека ребалансот не ја менува економската политика на државата, туку ја продолжува практиката на задолжување.
„Не создавате нови производствени, енергетски или институционални капацитети. Само ја продолжувате старата практика – да земате долгови, да ги зголемувате расходите, да префрлате пари од едно на друго место и тоа да го претставувате како развој“, рече Исмаил.
Тој заклучи дека предложениот ребаланс не е стратегија за економски развој, туку „политичко преживување со јавни пари“.