Во пресрет на распишувањето на локалните избори, Собранието се соочува со две клучни задачи – избор на нов Народен правобранител и претседател на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК). Како што соопшти денеска претседателот на Собранието, Африм Гаши, процедурите за обете позиции се во различни фази, но потребата од институционално пополнување е итна.
Процедурата за избор на нов Народен правобранител веќе е започната. По пензионирањето на Насер Зибери на 14 јули, земјата остана без омбудсман, иако Законот предвидува распишување на оглас три месеци пред истекот на мандатот. На објавениот оглас се пријавиле 17 кандидати. Комисијата за избори и именувања денеска требаше да заседава и, доколку постои усогласеност, можно е веднаш да се свика пленарна седница за гласање. За избор на Народен правобранител е потребно и Бадинтерово мнозинство.
Меѓу кандидатите е и актуелниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Дритон Небиу, кој денеска потврди дека се пријавил на конкурсот. Тој наведе дека има 18-годишно искуство како правник, 15 години работа во Собранието, меѓународно искуство и магистратура по човекови права, што, според него, го квалификуваат за оваа позиција.
Паралелно со ова, Собранието ќе распише оглас за избор на нов претседател на ДКСК, откако досегашната претседателка Татјана Димитровска поднесе оставка поради сомнежи дека давала доверливи информации на обвинето лице во случајот „Адитив“ и дека друг вработен полагал испит во нејзино име за добивање безбедносен сертификат.
„Законот предвидува рок од десет дена за распишување оглас по оставка или испразнување на функцијата. Тоа ќе го направиме денеска преку Комисијата за избори и именувања. Правната нејаснотија е дали може да се избере претседател на ДКСК или Народен правобранител за време на изборен процес, па ќе направиме правна анализа“, изјави Гаши.
Во таа насока, тој најави дека локалните избори ќе бидат распишани најдоцна до средината на август – токму за да се овозможи простор институциите да ги пополнат вакантните места.
Во однос на изгласаната интерпелација за јавниот обвинител Љубомир Коцевски, Гаши потсети дека Собранието веќе се изјаснило, и оти Владата, државниот обвинител, а потенцијално и Советот на јавни обвинители треба да постапат согласно „гласот на народните избраници“.
Претседателот на Собранието информираше и дека поради здравствени причини нема да се обрати на Пелинце за Илинден. Тоа ќе го стори еден од потпретседателите. Иако пратениците се на летен одмор од 4 до 22 август, Гаши нагласи дека Собранието е во постојано заседание и може да се свика седница доколку има потреба.