Изборната кампања за повторените локални избори за градоначалник официјално започна на полноќ на 22 декември во четири општини – Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа. Гласањето ќе се одржи на 11 јануари 2026 година, веднаш по новогодишните и божикните празници.
Според Роковникот за изборни дејствија, кампањата за првиот круг ќе трае до 9 јануари, кога стапува на сила изборниот молк.
Во Гостивар, гласачите ќе имаат можност да избираат меѓу двајца кандидати: Невзат Бејта, кандидат на коалицијата Вреди, и независниот кандидат Ваљбон Лимани од НАИ.
Во општина Врапчиште, во трката за градоначалничката функција влегуваат Исен Шабани, кандидат на НАИ, и Зуљхајрат Демири, поддржан од група избирачи.
Центар Жупа ќе има избори со еден кандидат. Таму за градоначалник се кандидира Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците.
Во Маврово и Ростуше, пак, гласачите ќе одлучуваат меѓу Онер Јакупоски, поддржан од Коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и Анес Ахмети, кандидат на СДСМ.
Повторувањето на изборите во овие четири општини следи откако на локалните избори во 2025 година не беше обезбедена законски предвидената излезност. Според податоците на Државната изборна комисија, во првиот круг одржан на 19 октомври, ниту една од општините не го исполни условот за најмалку една третина, односно 33,33 проценти излезност од запишаните гласачи.
Во Гостивар одѕивот изнесуваше 33,31 процент, во Врапчиште 25,18 проценти, во Маврово и Ростуше 30,31 процент, а најнизок беше во Центар Жупа со 21,49 проценти.
Поради тоа, изборниот процес за избор на градоначалници во овие општини мораше да се повтори, а исходот ќе биде познат по гласањето закажано за 11 јануари.