Турското Министерство за трговија казни слаткарница во ексклузивното летувалиште Јаликавак кај Бодрум, откако на социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа дека една топка сладолед се продава за 400 турски лири, односно околу 7,5 евра.
Цените во Бодрум со години се тема на дебата меѓу локалното население и туристите, а видеото повторно отвори дискусија за високите трошоци за живот и прекумерното поскапување во туристичките центри.
Кратката снимка, направена во марината во Јаликавак, омилена дестинација на милионери од целиот свет, стана вирална на социјалните мрежи. На неа вработените наведуваат дека една топка сладолед чини 400 лири.
По бројните реакции, граѓаните побараа властите да преземат мерки против, како што наведуваат, нереално високата цена.
По извршената инспекција, турското Министерство за трговија соопшти дека против угостителскиот објект е преземена административна мерка, а случајот е доставен до Одборот за процена на неоправдано високи цени.
„По инспекцискиот надзор беше утврдено дека објектот ги прекршил прописите“, изјави портпаролот на Министерството за трговија, Бекир Каплан.
Од Министерството најавија дека инспекциските контроли ќе продолжат низ цела Турција, особено во текот на летната туристичка сезона, и порачаа дека нема да толерираат прекршувања поврзани со јасното истакнување на цените и почитувањето на важечките прописи.