Кина воведе нов пакет економски контрамерки против Соединетите Американски Држави, вклучувајќи построга контрола на извозот на дронови и забрана за деловно работење со шест американски компании. Со овој потег Пекинг одговара на неодамнешните трговски ограничувања што ги воведе Вашингтон.
Кинеското Министерство за трговија соопшти дека мерките се реакција на американската забрана за увоз на кинески дронови, како и на одлуката на американските власти да стават 43 кинески компании на списокот на санкционирани субјекти поради наводна поврзаност со принудна работа.
„Овие мерки сериозно го нарушуваат важниот консензус што го постигнаа двајцата претседатели и им нанесуваат голема штета на легитимните права и интереси на Кина“, соопшти кинеското Министерство за трговија, додавајќи дека Пекинг „нема друг избор освен да преземе неопходни контрамерки“.
Според новите правила, за извоз на беспилотни летала, нивните клучни компоненти и поврзаните технологии ќе биде потребна поединечна проверка за секоја пратка.
Покрај тоа, Кина воведе забрана за деловно работење со шест американски субјекти, меѓу кои се компанијата Applied DNA Sciences и невладината организација Human Rights in China. Кинеските власти покренаа и истрага за можното влијание на увезен софтвер за печатење и канцелариска опрема врз националната безбедност.
Во меѓувреме, кинеската Државна управа за регулација на пазарот објави дека американските компании повеќе нема да можат да издаваат задолжителни безбедносни CCC-сертификати за електронски производи наменети за кинескиот пазар.
Новите мерки доаѓаат во период на зголемени тензии меѓу двете најголеми светски економии, во пресрет на најавената септемвриска посета на кинескиот претседател Си Џинпинг на Соединетите Американски Држави.