Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини упати остра порака до бизнисменот Трифун Костовски, реагирајќи на неговата неодамнешна изјава до обвинителката Катерина Коларевиќ: „Ми крадете од животот што не сте ми го дале“.
Во објава на социјалните мрежи, Хајредини напиша:
„Кој рече ‘МИ КРАДЕТЕ ОД ЖИВОТОТ ШТО НЕ СТЕ МИ ГО ДАЛЕ‘: Како што ти им крадеше од животот на штедачите на твојата банка.“
Хајредини со оваа изјава алудира на случајот со „Еуростандард банка“, која во 2020 година остана без дозвола за работа, по што илјадници штедачи и правни лица останаа без дел од своите средства.
Трифун Костовски досега повеќепати изјавуваше дека не се чувствува виновен за пропаста на банката и тврдеше дека таа била затворена поради, како што вели, незаконски и политички мотивирани одлуки. Од друга страна, Хајредини со својата објава директно го поврза Костовски со штетата што ја претрпеа штедачите.
Костовски во „Претрес“ пак рече дека нема проблем доколку добие обвинение, а и во детали беше прашуван за „Еуростандард банка“.