Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека ослободителната пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски во предметот „Талир 2“ е директна последица на измените на Кривичниот законик од 2023 година, а не на поинаква оценка на доказите.
Од Судот појаснуваат дека предметот, по изменетото обвинение, се водел за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, додека постапката против Кирил Божиновски претходно била запрена поради апсолутна застареност.
Во образложението се наведува дека со измените на Кривичниот законик било декриминализирано „искористувањето на службената положба“ како начин на извршување на делото, а во обвинението тоа било заменето со „пречекорување на овластувањата“ и „неизвршување на службената должност“, при што бил воведен и нов субјективен елемент – намерата.
Судот оценил дека, иако обвинението било усогласено со законските измени, обвинителството не понудило нови докази што би ги поткрепиле изменетите елементи на кривичното дело. Според судечкиот совет, доказите останале исти како и при првото судење, кога била донесена осудителна пресуда, но тие не биле доволни за да се докаже обвинението според новото законско решение.
Во соопштението се истакнува дека не било докажано, надвор од разумно сомнение, дека обвинетиот го сторил делото со пречекорување на службените овластувања и неизвршување на службената должност, како што бара изменетиот Кривичен законик.
Судот нагласува дека останал конзистентен во оценката на доказите и утврдените факти, оценувајќи дека тие не се промениле во однос на претходната постапка, туку единствено се промениле законските одредби врз кои се темели обвинението.
Воедно, Кривичниот суд порача дека ослободителната пресуда е директна последица на измените на Кривичниот законик од 2023 година, кои, како што наведува, довеле и до укинување на претходната првостепена пресуда од страна на Апелациониот суд. Против пресудата странките имаат право на жалба пред повисокиот суд.