Либерално-демократската партија (ЛДП) изрази сериозна загриженост поради најновите предлог-измени на Кривичниот законик што оваа недела се најдоа пред пратениците во Собранието, оценувајќи дека станува збор за уште едно парцијално „крпење“ на правниот систем, наместо суштинска и долгонајавувана реформа.
Од ЛДП посочуваат дека иако на прв поглед измените изгледаат како обид за заострување на казнената политика и исправка на штетите од минатото, во суштина тие не го решаваат клучниот проблем – можноста за застарување на тешки кривични дела.
Партијата особено укажува на делата „Злосторничко здружување“ и „Злоупотреба на службената положба“, за кои и покрај предложеното зголемување на казните, застарувањето и понатаму останува реална опасност.
„Борбата против корупцијата не смее да зависи од административни рокови кои им овозможуваат на сторителите да ја избегнат правдата“, наведуваат од ЛДП, инсистирајќи на дополнително зголемување на роковите за застарување за кривичните дела од 30-тата глава на Кривичниот законик, кога се нанесува штета на државниот буџет.
ЛДП оценува дека повторното воведување на кривичното дело за злоупотреби при јавните набавки е задоцнет чекор и претставува обид за санирање на веќе направена штета, наместо системско решение.
Позитивно се оценува воведувањето санкции за злоупотреба на порнографски и сексуални содржини, но од партијата бараат итно проширување на овие одредби. Според нив, Кривичниот законик мора експлицитно да ја опфати и злоупотребата на дигитални содржини создадени со вештачка интелигенција, т.н. deepfake, со цел заштита на достоинството и приватноста на граѓаните.
„Доколку ресорното министерство не е способно до крајот на годината да донесе целосно нов, современ и европски Кривичен законик, треба јавно да ја признае својата неспособност“, порачуваат од ЛДП.
Партијата нагласува дека Македонија нема време за нови правни експерименти кои отвораат простор за селективна правда и неказнивост.
„Ни треба закон што ќе штити, а не закон што ќе амнестира преку застарување“, порачуваат од ЛДП, додавајќи дека ќе продолжат да се залагаат за бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата.