Лепчето или питата со паричка е еден од најпрепознатливите обичаи во македонската народна и православна традиција, но со текот на времето сè почесто се поставува прашањето дали таа се крши на Бадник или на Василица. Иако денес постојат различни практики, етнолошките и црковните толкувања укажуваат на јасна разлика меѓу овие два празника и нивното значење.
Во најголемиот дел од Македонија, според старата народна традиција, лепчето со паричка се крши на Василица, на 14 јануари, односно на денот посветен на Свети Василиј Велики, кога воедно започнува и новата година според јулијанскиот календар. Токму затоа, паричката е симбол на среќа, бериќет и благослов за годината што следи, а оној што ќе ја пронајде во лепчето се смета дека ќе биде најсреќен и најуспешен во домот.
Бадник, кој се одбележува на 6 јануари, има поинаков карактер. Тоа е последниот ден од божикниот пост и ден на тивка духовна подготовка, смирение и скромност пред Христовото раѓање. Во традиционалната практика, на Бадник се подготвува посно лепче, кое најчесто се дели без паричка. Во поново време, особено во урбаните средини, дел од семејствата ја вовеле паричката и на Бадник, но етнолозите посочуваат дека тоа е отстапување од изворниот народен обичај.
Василица, меѓу народот позната и како Стара Нова година, е празник со исклучително богат обреден и симболичен слој. Таа се смета за граница меѓу старото и новото, момент кога се испраќа изминатата година и се повикуваат среќата и благосостојбата за идната. Голем број македонски семејства ја празнуваат Василица како домашна слава, а оние што го носат името на Свети Василиј Велики го одбележуваат и својот именден.
На овој ден, покрај кршењето на лепчето со паричка, се практикуваат и други обичаи, како палење василичарски огнови, кои според народните верувања ја симболизираат божествената светлина што ги прогонува злите сили. Во многу градови низ Македонија се организираат и василичарски карневали и маскенбали, како дел од испраќањето на старата и дочекот на новата година, за која се верува дека треба да биде подобра и посреќна.
Според теолошките толкувања, коренот на обичајот со лепчето и паричката се наоѓа токму во житието на Свети Василиј Велики. Во него се раскажува дека, кога бил архиепископ во Кесарија, тој собрал накит и златници од жителите на градот за да ги заштити од ограбување. Откако опасноста поминала, а тој не знаел што кому припаѓа, по божествено вдахновение наредил да се направат мали лепчиња во кои биле ставени златници и накит. На денот на Новата година, секој верник добил по едно лепче, а во него го пронашол токму она што претходно го дал. Во спомен на овој настан, се верува дека на денот на Свети Василиј Велики се меси лепче со паричка.
Иако денес постојат различни практики околу тоа кога се крши лепчето со паричка, суштината на обичајот останува иста – преку него се повикуваат среќата, здравјето и благословот во домот. Василица, како почеток на православната година по јулијанскиот календар, покрај верниците на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, ја празнуваат и Српската и Руската православна црква, Ерусалимската патријаршија и дел од Света Гора, што дополнително ја потврдува длабоката вкоренетост на овој обичај во православниот свет.