Во христијанската народна традиција постојат бројни верувања и обичаи поврзани со најсветлиот празник – Божиќ, празникот над празниците, кој го симболизира раѓањето на Исус Христос. Во пресрет на оваа најрадосна вест, ден пред Божиќ се слави Бадник – ден на бдеење, тишина и исчекување на Христовото раѓање.
„Кај и да си за Бадник и Божиќ дома да си!“, гласи познатата народна изрека, која ги отсликува вредностите што ги носат овие празници: семејството, заедништвото, љубовта и светлината во човечката душа. Затоа, токму во овие денови, членовите на семејството се собираат во домот и заедно ја делат празничната трпеза.
Бадник – ден на бдеење и симболика
Бадник е последниот ден од божиќниот пост. Името го добил по дабовото гранче – бадник, кое традиционално се сече, се внесува во домот и се пали. Во народот се вели дека Бадник значи „будник“, па затоа таа ноќ се останува буден, во бдеење, за да се дочека раѓањето на Спасителот.
Иако обичаите се разликуваат од регион до регион, во Североисточниот дел на Македонија се среќаваат заеднички елементи: бадниковите гранчиња, коледарските песни, богатата посна трпеза, лепчето со паричка и бадниковите огнови. Сите тие се поврзани со верувања за плодност, здравје, среќа и бериќет во домот.
Некогаш, бадникот се сечел во рана зора во блиската шума и со него се украсувале влезовите на куќите, а навечер се палел во огништето, полеван со црвено вино. Денес, почесто бадниковите гранчиња се земаат осветени од црквите или се делат на градските плоштади, каде граѓаните заеднички го одбележуваат празникот.
Рано наутро на Бадник, децата одат по куќите и пеат коледарски песни, а домаќините ги даруваат со ореви, јаболка, бонбони и ситни пари – симбол на радост и изобилство.
Бадниковата вечера – срцето на празникот
Најсвечениот момент е бадниковата вечера. Таа секогаш е посна, но богата и внимателно подготвена. На трпезата задолжително има лепче со паричка, посна сарма, грав, риба, зелник и овошје.
Пред вечерата, домаќинот го внесува бадниковото гранче со поздравот „Добро вечер и среќна ви Бадна вечер!“, а домаќинката одговара „Добровечер Бадњаче!“. Гранчето се полева со црвено вино и се пали, а во некои домови се пали и темјан за здравје, среќа и долговечност.
Посебно место има делењето на лепчето. Прво се дели за Господ, за куќата и добитокот, а потоа за сите членови на семејството. Се верува дека оној кому ќе му се падне паричката ќе има среќа и благосостојба во новата година.
По обичај, бадниковата вечера не се раскрева и останува до утредента, со верување дека Господ ноќе ќе дојде и ќе се нахрани.
Пораките на старите обичаи
Постарите генерации се сеќаваат дека Бадник порано се славел поскромно, но со многу повеќе тишина, почит и посветеност. Трпезата често се поставувала на земја, во слама, со свеќа и крстена вода, а јадењето се служело во едноставни садови. Сè имало своја симболика – од формите на лепчињата до храната што се делела со добитокот.
Бадник се смета за граница меѓу старото и новото, момент кога се затвора еден животен круг и се отвора друг. Затоа, нашите предци верувале дека секој збор, постапка или предмет внесен во домот тој ден има значење за годината што доаѓа.
Што, според традицијата, се избегнува на Бадник
Народните верувања советуваат на овој ден да се избегнуваат неплатени сметки и размислувања за долгови, да се вратат позајмените предмети, да нема расправии и груби зборови, домот да биде чист и уреден, а во срцето да нема тага и безнадежност. Се верува дека мирот, тишината и благодарноста носат благослов.
Доколку нешто не испадне како што треба, традицијата не е строга – малите симболични гестови, како палење свеќа или темјан со тивка молитва, се сметале за доволни за „ресетирање“ и нов почеток.
Бадник како повик за внатрешен мир
Без разлика на тоа колку некој се потпира на традицијата, Бадник останува можност да се застане, да се земе здив и свесно да се избере мир. Мирот во домот, велат старите, започнува со мирот во умот. Ако во домот има тишина, топлина и благодарност таа вечер, тогаш, според народното верување, домот е подготвен за сè што доаѓа.