Ексминистерот за правда Кренар Лога, кој доаѓа од редовите на Алијансата на Албанците, смета дека повлекувањето на Џихан Ахмед од кандидатурата за Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е морален чин кој заслужува почит, но вистинската одговорност, според него, не лежи кај кандидатката.
„Џихан Ахмед имаше лош ден на своето претставување во Собранието. Со голема веројатност и било кажано дека се е само формалност и дека гласовите за нејзин избор се обезбедени. Токму ова е стапицата во која би паднале над 90% од сите оние кои претходно биле избрани на позиции од ова ниво, без да поминат низ интервју од ваков тип. Сепак, вистинските виновници се претставниците на ВРЕДИ, односно оние кои ги менаџираат кадровските прашања, затоа што не ги подготвуваат своите кандидати за „тешко“ (телевизиско) интервју и за настап во собраниската сала. Не сите се навикнати на камери, ниту пак на највисоката институција во државата. Со моралното повлекување од кандидатурата, Џихан заслужува само почит - ништо повеќе, ништо помалку. Ниту еден навредлив или тенденциозен коментар не смее да биде демотивирачки фактор за пробивање на професионалниот пат и кариерата на една млада жена, а во овој случај професорка. Јас лично не ја познавам Џихан, но јавно и порачувам дека, исто како и таа, сите ние сме имале моменти на слабост, колебање или моментално незнаење. Тоа не треба да биде пречка или причина за повлекување; напротив, треба да биде поттик за посилен повраток, таму каде што му припаѓа секој поединец кој има амбиција да го направи најдоброто за своите деца и за целото општество. Само напред!“, напиша Лога.
На ваквиот став реагираше Мерсиха Смаиловиќ, која потсети на сопственото искуство од 2020 година, кога, како што тврди, член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација бил избран од тогашното парламентарно мнозинство без воопшто да се појави пред собраниската комисија. Таа наведува дека станувало збор за кандидат со рачно напишано CV, кој никогаш не бил јавно претставен или испрашан, но сепак бил избран.
„Јас кога аплицирав за Комисијата, членот кој во 2020та беше избран од Парламентарното мнозинстов (СДСМ и ДУИ), доктор по медицина, со рачно напишано CV не се појави пред Парламентарната Комисија. Си го избраа без никој од нас да го види и чуе. Џихан самоуверена во своите одговори и знаење, не ни требала да се појави. Секако ќе поминеше... таква е праксата и не е единствената ни првата во оваа Комисија која не била соодветна. Секако не ги заслужува бројните негативни коментари и исмејување. Во нашава држава Господ знае колку Министри, Пратеници, Директори се на истово ниво!“