Лубеницата и дињата се меѓу најомилените летни овошја, но многумина ги избегнуваат поради природните шеќери што ги содржат. Сепак, нутриционистите посочуваат дека и двете можат да бидат дел од здрава и урамнотежена исхрана, дури и кај луѓе кои внимаваат на нивото на шеќер во крвта.
Иако на прв поглед изгледа дека лубеницата, поради повисокиот гликемиски индекс, повеќе го зголемува шеќерот во крвта, нејзиното гликемиско оптоварување е ниско бидејќи содржи многу вода и релативно малку јаглехидрати во една порција. Покрај тоа, таа е богата со ликопен – антиоксиданс за кој истражувањата укажуваат дека може позитивно да влијае врз регулацијата на шеќерот во крвта и чувствителноста на инсулин.
Дињата, пак, содржи нешто повеќе растителни влакна, кои ја забавуваат апсорпцијата на шеќерот во организмот и придонесуваат за постабилно ниво на гликоза. Таа е и одличен извор на витамин Ц, кој е поврзан со подобри вредности на шеќерот во крвта, иако самиот по себе не претставува лек.
Според стручњаците, дињата има мала предност во однос на лубеницата поради поголемата содржина на влакна, но разликата не е доволно голема за едното овошје да се смета за значително подобар избор од другото.
Многу поважно од изборот меѓу лубеница и диња е големината на порцијата и начинот на кој се консумираат. За постабилно ниво на шеќер во крвта се препорачува овошјето да се комбинира со намирници богати со протеини, здрави масти или растителни влакна, како грчки јогурт, свежо сирење, јајца, бадеми или ф’стаци.
Експертите советуваат да не се избегнува целосно овошјето поради природните шеќери, бидејќи истражувањата покажуваат дека умерената консумација на цело овошје е поврзана со подобра контрола на шеќерот во крвта и помал ризик од развој на дијабетес тип 2.
Препорачаната порција е околу една шолја исечкана лубеница или диња, а клучот е во умереноста и правилното комбинирање со останатите намирници во исхраната.