Унгарскиот премиер Петер Маѓар предложи измена на Уставот која би овозможила смена на претседателот на државата, што воедно би можело да го отвори патот и за воведување директни претседателски избори.
Овие радикални политички планови премиерот ги претстави пред претседателската палата Шандор, веднаш по состанокот со актуелниот претседател Тамаш Шујок.
„Како што Виктор Орбан го изневери унгарскиот народ, така и Тамаш Шујок, кого Орбан го постави на функцијата, ја изневери Република Унгарија“, беше остар Маѓар во своето обраќање до јавноста.
Маѓар упати и отворен ултиматум до претседателот на државата:
Доколку претседателот Шујок не поднесе оставка доброволно, премиерот за тоа ќе ги извести пратениците од својата партија Тиса.
Веднаш потоа ќе бидат покренати сите потребни уставни и правни процедури за негова смена.
Премиерот Маѓар засега не сакаше да открива детали за уставните амандмани кои ги подготвува неговата влада. Сепак, тој нагласи дека не станува збор за решение насочено против една личност, туку за воведување системски механизам кој во иднина би можел да се применува и за други високи државни функционери.
Како клучна промена, Маѓар ја истакна желбата граѓаните да добијат значително поголема улога во изборот на претседател на државата. Тоа би можело да значи воведување непосредни претседателски избори, наместо досегашното гласање во парламентот.