Унгарскиот премиер Петер Маѓар по завршувањето на самитот на НАТО во Турција останал на краток приватен одмор во Анталија со своите два сина, по што се соочи со критики во јавноста. Тој возврати дека целото патување го финансирал со сопствени средства.
Маѓар во Турција престојуваше поради самитот на НАТО, што беше негово прво учество на ваков собир откако во мај ја презеде премиерската функција по заминувањето на Виктор Орбан.
Пред почетокот на самитот ги посети Истанбул и Коџаели, каде што ја обиколи спомен-куќата на Имре Текели, еден од значајните историски унгарски водачи. По завршувањето на официјалните обврски, наместо веднаш да се врати во Унгарија, отпатувал во Анталија со своите синови.
На социјалните мрежи објави видео на кое се гледа како вози џет-ски, се спушта по водни тобогани со децата и се шета покрај морето.
Откако дел од јавноста го критикуваше што службеното патување го споил со приватен одмор, Маѓар порача дека патувањето било исклучиво на негов трошок.
„Мало специјално издание за пропагандистите. Продолжениот викенд го поминав во Турција со моите деца, а сите трошоци ги платив од свој џеб“, напиша тој.
Тој не откри колку чинел одморот, но нагласи дека не користел средства од државниот буџет, ниту патувал со воен авион, туку со редовни комерцијални летови.
Според унгарските медиуми, премиерот изјавил дека и за време на престојот во Турција останал во постојана комуникација со членовите на Владата и редовно бил информиран за сите важни државни прашања.