Основниот суд во Улцињ донесе пресуда со која Сашка Стојановска (43) од Скопје е прогласена за виновна за кривичното дело „убивање и мачење животни и разорување на нивното живеалиште“ и е осудена на 45 дена затвор.
Во пресудата се наведува дека Стојановска на 24 јули околу 15 часот, на булеварот „Теута“ во населбата Улцињско Поле, во близина на хотелот „Хоти“, управувајќи автомобил „мерцедес“, најмалку двапати поминала со возилото преку куче од расата шарпланинец, сопственост на оштетениот. Кучето притоа се здобило со повреди од кои угинало.
При одмерувањето на казната, судот ги разгледал сите околности релевантни за нејзината висина. Како олеснителни околности биле земени предвид семејните прилики на обвинетата, фактот дека е мајка на две деца, од кои едното е малолетно, нејзината претходна неосудуваност, како и битно намалената пресметливост во моментот на извршувањето на кривичното дело.
Намалената пресметливост била утврдена врз основа на наод и мислење на вештак од медицинската област – психијатар. Судот не утврдил отежнителни околности.
Од судот оцениле дека изречената казна е соодветна на тежината на стореното дело, личноста на обвинетата и околностите под кои било извршено, како и дека со неа ќе се постигне целта на казнувањето предвидена со Кривичниот законик на Црна Гора.
Воедно, судот оценил дека казната треба да придонесе кон спречување на идно противправно однесување, но и да претставува јасна општествена осуда на секој облик на мачење и убивање животни.
Во изречената казна на Стојановска ќе ѝ биде засметано времето поминато во притвор, почнувајќи од 24 јули 2026 година во 20:30 часот.