Македонската државјанка Сашка Стојановска (46) е уапсена на граничниот премин Сукобин – Муриќани, откако, според црногорските власти, се обидела да ја напушти Црна Гора по сомнение дека во Улцињ со автомобил намерно прегазила и усмртила сопственичко куче, пренесува „Вијести“.
Според информациите од Полициската управа на Црна Гора, случајот бил пријавен околу 15:15 часот од сопственикот на кучето, кој изјавил дека неговото милениче било намерно прегазено од бел „мерцедес“ со скопски регистарски таблички. Полицијата веднаш започнала потрага, го идентификувала возилото и возачот, а околу 16:40 часот ја пронашла Стојановска на граничниот премин Сукобин – Муриќани, каде што била запрена пред да ја напушти државата.
По извршената криминалистичка обработка, по налог на Основното државно обвинителство во Улцињ, таа е лишена од слобода под сомнение за кривичното дело „убивање и мачење животни и уништување на нивното живеалиште“. На местото на настанот бил извршен увид, а Обвинителството ѝ одреди задржување до 72 часа. Во законскиот рок таа ќе биде изведена пред надлежниот обвинител.
Случајот предизвика бројни реакции и поделени мислења во јавноста. Паралелно со официјалните информации, на социјалните мрежи се појавија и непотврдени тврдења за околностите под кои се случил инцидентот.
Во дел од објавите се наведува дека Стојановска тврдела оти постапила за да ги заштити своето куче и своите деца, бидејќи, наводно, кучето што било прегазено претходно влегло во сместувањето каде што престојувала, го усмртило нејзиното куче и претставувало опасност. Во истите објави се тврди и дека по инцидентот се собрале повеќе лица кои ѝ упатувале закани.
Овие информации засега не се потврдени од црногорските надлежни институции и остануваат на ниво на тврдења што се шират на социјалните мрежи. Истрагата е во тек, а надлежните органи треба да ги утврдат сите околности и факти пред да биде донесен конечен заклучок за случајот.