По историската тужба, Мета се согласи на спогодба вредна до 18 милијарди долари и воведува строги ограничувања за младите корисници на Инстаграм и Фејсбук.
Компанијата Мета се согласи на спогодба вредна до 18 милијарди долари за да ја реши масовната тужба поднесена од повеќе американски сојузни држави. Тие ја обвинија компанијата дека намерно ги дизајнирала Фејсбук и Инстаграм така што создаваат зависност кај тинејџерите и дека неовластено ги собирала нивните податоци.
Спогодбата сè уште треба да добие официјално одобрение од судот. Мета и понатаму ја негира вината, но се обврзува на значителни промени во функционирањето на своите платформи.
За корисниците помлади од 18 години се воведува стандардно дневно ограничување од два часа користење, кое единствено родителите ќе можат да го продолжат.
Апликациите автоматски ќе бидат блокирани од полноќ до 6 часот наутро, а младите корисници ќе добиваат известување на секои 15 минути непрекинато гледање во екранот.
Дополнително, Мета ќе го скрие бројот на лајкови и реакции за малолетниците, целосно ќе ги укине „екстремните филтри за разубавување“ и ќе воведе ноќно блокирање на известувањата, за време на училишните часови и во периодот предвиден за спиење.
Најинтересниот дел од спогодбата е условот што Мета им го поставила на конкурентите.
Компанијата на Марк Закерберг е подготвена дополнително да го намали дневното ограничување на само еден час, а ноќната блокада да ја продолжи од 22 часот до 7 часот наутро.
Сепак, тоа ќе се случи само доколку ТикТок и Јутјуб се согласат на истите мерки.
Мета, исто така, ќе исплати 30 отсто од вкупната сума, односно околу 5,3 милијарди долари, само доколку најголемите конкуренти ги прифатат овие стандарди и уплатат ист износ во фонд за безбедност на младите на интернет.
Тинејџерите ќе добијат можност да користат неалгоритамски фид, односно да гледаат исклучиво објави од профилите што навистина ги следат.
Ќе имаат и можност да го исклучат автоматското пуштање на видеата, а родителите ќе можат да ја постават оваа опција како задолжителна.
Мета се обврзала и на побрзо отстранување на штетната содржина, со цел да реагира на 90 отсто од пријавите во рок од шест часа.
Предвидени се и задолжителни независни ревизии, како и напредни механизми за проверка на возраста и отстранување на деца помлади од 13 години од платформите.
Тужбата, која во 2023 година ја покренале повеќе десетици државни обвинители предводени од Калифорнија, ја обвини Мета дека со години ја доведувала јавноста во заблуда, тврдејќи дека нејзините апликации се безбедни.
Според обвинението, компанијата истовремено ги користела податоците на најмладите корисници за обука на модели на вештачка интелигенција.
Организациите за заштита на децата ги поздравија мерките, оценувајќи ги како значаен чекор во борбата против зависноста од социјалните мрежи.
Сепак, критичарите предупредуваат дека спогодбата премногу се потпира на алатки за родителска контрола, наместо целосно да ги забрани алгоритмите за препораки, кои и понатаму би можеле да ги изложуваат децата на опасна содржина.