На промоцијата на новите регистарски таблички, заменик-премиерот за добро владеење Арбен Фетаи одговори на новинарско прашање на албански јазик, иако прашањето беше поставено на македонски. На укажувањето од новинарите, кусо возврати: „Знам, али јас на албански ако може.“
Премиерот Христјан Мицкоски реагираше на случајот, потенцирајќи ја биографијата и високото образование на Фетаи. Тој објасни дека комуницира со него на англиски, затоа што Фетаи заминал од Македонија на шестгодишна возраст.
Мицкоски нагласи дека Фетаи зборува четири јазици и последниве месеци вложува голема енергија за да го совлада македонскиот.
„Знам дека не му е намерата како што некои политички центри се обидуваат да ја дефокусираат јавноста. Единствената грешка беше тоа што ако одлучи да одговори на албански, требаше да обезбеди преведувач. Им се извинувам на новинарите и сум сигурен дека тоа нема да се повтори,“ изјави премиерот.