Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, денеска предложи конкретна иницијатива за надминување на блокадата на македонските евроинтеграции, упатувајќи отворена понуда до Бугарија за поднесување заедничка резолуција во Европскиот парламент, со која ќе се потврди македонскиот јазик и идентитет.
„Ако Бугарија тврди дека проблемот за почетокот на преговорите со ЕУ се само Бугарите во Уставот, предлагаме да поднесеме заедничка резолуција во ЕП со која што ќе се потврди самобитноста на македонскиот идентитет и јазик“, изјави Милошоски на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека оваа понуда доаѓа директно од премиерот Христијан Мицкоски, упатена до бугарскиот претседател Румен Радев и официјалната влада во Софија.
„Доколку навистина станува збор само за Уставот, тогаш не треба да има никаков проблем да поднесеме заедничка резолуција која ќе ја гарантира македонската идентитетска и јазична посебност и ќе ја зацврсти довербата меѓу двете земји“, рече Милошоски.
Според него, резолуцијата би можела веднаш да се предложи, со цел да се постигне конкретен чекор напред и да се придвижат евроинтеграциите. Сепак, тој изрази скептицизам дека Бугарија ќе ја прифати оваа иницијатива.
„Сомнежот доаѓа од тоа што одредени бугарски владини претставници имаат задни намери. Отворањето на Уставот изгледа како само прв чекор кон нови барања и идни блокади“, предупреди Милошоски.
Тој оцени дека официјална Софија спроведува обид за историски инжинеринг, со цел негирање на македонскиот идентитет, споредувајќи го овој пристап со однесувањето на Русија кон Украина:
„Бугарија, за жал, сака да спроведе еден историски инжинеринг, каков што не е спроведен никаде во современиот демократски свет. Тоа што Русија го прави со украинскиот јазик и народ, Бугарија го прави со македонскиот“, рече тој.
Милошоски остро ја критикуваше и СДСМ, обвинувајќи го раководството на партијата за попустливост и сервилност во однос на бугарските барања.
„Претседателот на СДСМ е спремен сервилно да изгласа сè што ќе биде ставено на маса од страна на Бугарија. Тоа го потврди и Венко Филипче на неколку јавни настапи“, рече тој.
Заклучи дека за разлика од таквиот пристап, ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ги брани националните интереси и достоинството на државата, нудејќи дијалог со соседите, но без „виткање на рбетот на самата држава“.