Министерство за дигитална трансформација на Република Северна Македонија информира дека министерот Стефан Андоновски престојува во работна посета на Барселона, Кралство Шпанија, каде учествува на Mobile World Congress 2026 – најголемиот светски настан што ги обединува креаторите на политики за дигитализација, телекомуникациските оператори и водечките производители на мобилни уреди и дигитални решенија.
Во рамки на посетата, министерот лобира за принципот „роаминг како дома“, со цел намалување на трошоците за користење мобилни услуги во странство и усогласување со европските стандарди. Според него, проектот подразбира граѓаните да плаќаат цени како во матичната држава за разговори, СМС-пораки и интернет во рамки на Европската Унија.
Андоновски учествуваше и на GSMA Ministerial Programme, каде се разговараше за политики поврзани со поврзливоста, дигиталната инфраструктура, безбедноста и идните мрежни технологии. Тој истакна дека постои значајна поддршка од владите и меѓународните партнери за реализација на проектот, како и разбирање од големите телекомуникациски оператори.
Во текот на денот, министерот остварил средби со мобилни оператори присутни во земјава, како и со глобални производители на опрема и даватели на облачни услуги, при што се дискутирало за изградба на дата-центри, примена на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност и целосна дигитална трансформација на општеството.