Министерството за здравство ги повика граѓаните да ја користат новата дигитална услуга „Мое здравје“, преку која на едноставен и безбеден начин можат да пристапат до своето електронско здравствено досие.
Како што информираат од Министерството, апликацијата и веб-порталот „Мое здравје“ овозможуваат увид во податоците евидентирани преку националниот систем „Мој термин“, без потреба од креирање нов профил. За најава е потребен само електронски идентитет (eID).
Преку „Мое здравје“, граѓаните можат да ги проверат прегледите кај матичен лекар, лабораториските наоди, рецептите и нивниот статус, специјалистичките, дијагностичките и болничките упати, како и евиденцијата за примени вакцини. На располагање се и активните записи, како и архивата на претходно користените здравствени услуги.
Од Министерството посочуваат дека податоците се синхронизираат преку системот „Мој термин“, кој повеќе од една деценија претставува значаен сегмент од дигитализацијата на здравствениот систем, овозможувајќи подобра организација и побрза размена на информации.
„Мое здравје“ е достапно како мобилна апликација и веб-портал, а пристапот може да се оствари преку електронска идентификација.
Министерството за здравство најавува дека ќе продолжи со унапредување на дигиталните здравствени услуги, со цел поголема достапност, транспарентност и поквалитетна грижа за сите граѓани.