Пратеникот на СДСМ, Јован Митрески, на денешната собраниска седница постави пратеничко прашање до заменик-министерот за земјоделство, Албрим Хоџа, барајќи конкретен одговор кога ќе бидат исплатени субвенциите за сточарите.
Митрески потсети дека сточарите од Пелагонија веќе најавија протести доколку до 30 јуни не им бидат исплатени субвенциите за говеда и за произведено млеко.
„Пред неколку дена сточарите во Пелагонија најавија дека ако до 30 јуни 2026 година не бидат исплатени субвенциите за говеда и за млеко, ќе излезат на протест. Откупната цена на млекото е од 21 до 24 денари. Литар вода чини исто колку и литар млеко, такви се нивните споредби“, рече Митрески.
Тој побара од Министерството за земјоделство да одговори дали субвенциите ќе бидат исплатени до крајот на месецот, со оглед на тешката состојба во која, според него, се наоѓаат сточарите.
Покрај ова, пратеникот отвори и прашање за субвенциите за 2026 година, посочувајќи дека сè уште не е отворен системот за аплицирање, иако вообичаено процесот започнува во мај.
„Дополнително, бидејќи сè уште не е отворена апликацијата за субвенции за 2026 година, а најчесто тоа се случуваше во текот на мај, прашувам кога земјоделците ќе можат да аплицираат за субвенции за 2026 година“, истакна Митрески.
Тој додаде дека очекува конкретни одговори од ресорното министерство и изрази надеж дека како причина за доцнењето нема повторно да бидат наведени технички проблеми или софтверски пречки.
Митрески нагласи дека земјоделците очекуваат навремена исплата на средствата, особено во услови кога производните трошоци се зголемени, а откупните цени, според нив, остануваат ниски.