Во безбедносните кругови во Копенхаген веќе постои детално разработено сценарио за тоа како Доналд Трамп би можел да се обиде да го преземе Гренланд – територија што формално е дел од Кралството Данска. Според проценките, сè би можело да започне со објава на Truth Social, во која американскиот претседател би прогласил дека островот станува „протекторат“ на САД. Со ваков потег би се довела во апсурдна ситуација алијансата НАТО – затоа што една нејзина водечка членка би тврдела дека има суверено право врз територија на друга.
Европските земји, како и Данска, немаат воена сила за реално да го спречат Вашингтон да воспостави контрола врз Гренланд. А доколку Трамп ја наметне тезата дека „поседувањето е девет десетини од законот“, практично би го прогласил островот за американски. Овој можен развој на настаните, за кој подолго време предупредуваат данските функционери и аналитичари, звучеше како далечна хипотеза сè до последните денови – особено по соборувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и изјавата на Трамп дека САД „управуваат“ со Венецуела.
Растечка загриженост во Данска
Данските власти со месеци алармираат дека администрацијата на Трамп може да се обиде да го анектира Гренланд – било со притисок, било со економски ветувања, особено околу идните рударски проекти. Стравовите се засилија кога поранешната советничка во Белата куќа, Кејти Милер, на X објави карта на Гренланд прекриена со американско знаме и натпис „НАСКОРО“.
Веднаш потоа, Трамп за The Atlantic изјави:
„Апсолутно ни треба Гренланд.“
Европските лидери, кои досега честопати ги игнорираа неговите експанзионистички пораки, сега отворено предупредуваат. Данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека ваквите закани веќе не можат да се потценуваат.
НАТО во ќор-сокак
Според дипломатски извори, доколку американските сили навлезат на територијата на Гренланд, НАТО практично ќе се распадне – затоа што Членот 5 предвидува дека напад врз една членка е напад врз сите.
Фредериксен јасно порача:
„Ако САД нападнат друга членка на НАТО – сè запира.“
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул потсети дека Гренланд е под заштита на колективната одбрана. Но, некои европски функционери приватно признаваат дека реална можност за воена одбрана – нема.
Поддржувачи и отпор на островот
Иако не постои широка поддршка меѓу населението за преминување под американско знаме, постојат и локални гласови во полза на Трамп. Јерген Боасен – познат како жесток приврзаник на поранешниот американски претседател – смета дека тоа би било „нова шанса“ за островот, иако анкетите покажуваат спротивно.
Остра реакција од европските лидери
Британскиот премиер Кир Стармер истакна дека за иднината на Гренланд можат да решаваат само Гренланд и Данска.
Францускиот министер Жан-Ноел Баро порача:
„Гренланд не е на продажба – ниту за грабнување.“
Поранешниот американски амбасадор во Данска, Руфус Гифорд, смета дека Трамп можеби ја користи американската воена поддршка за Украина како механизам за притисок врз европските сојузници.
Позадина на кризата
Паниката започнала уште пред една година, кога Доналд Трамп помладиот го посетил главниот град Нук – настан што кај многумина оставил впечаток на колонијално однесување. Подоцна, Трамп назначи специјален пратеник за Гренланд и формираше Комисија за истражување на Арктикот – чекори што Копенхаген ги толкува како сигнал за подлабока стратегија.