Министерството за транспорт соопшти дека заврши електронската аукција во рамки на јавната набавка за 150 електрични автобуси и 75 станици за полнење, при што најповолна понуда доставила компанијата IKARUS Electric Zrt, во заедничка понуда со ЕВН.
На јавниот повик понуди доставиле четири компании: Xiamen Golden Dragon Bus Co., Ltd., YES-EU Denmark A/S – Yutong, BMC Otomotiv Sanayi ve Ticaret Anonim Sirketi и IKARUS Electric Zrt во заедничка понуда со ЕВН.
По евалуацијата на понудите, Комисијата за јавни набавки утврдила дека две компании ги исполнуваат условите за учество на електронската аукција, согласно Законот за јавни набавки. Станува збор за BMC Otomotiv Sanayi ve Ticaret Anonim Sirketi и IKARUS Electric Zrt во заедничка понуда со ЕВН.
Според резултатите од електронската аукција, најниската понуда ја доставиле IKARUS Electric Zrt и ЕВН, во вкупен износ од 3.120.956.004 денари без ДДВ. Цената по електричен автобус изнесува 19.796.924 денари без ДДВ, додека цената за една станица за полнење е 2.018.899 денари без ДДВ.
Комисијата предложила избор на овој економски оператор за најповолен понудувач, по што следува законски рок од десет дена за евентуални жалби.
По потпишувањето на договорот, испораката ќе се реализира во три фази. Во рок од шест месеци треба да бидат испорачани 30 електрични автобуси и 15 станици за полнење, во рок од 12 месеци уште 60 автобуси и 30 станици, а преостанатите 60 автобуси и 30 станици треба да бидат испорачани најдоцна во рок од 18 месеци.