Најмалку 15 слонови угинале во текот на изминатиот месец во јужниот дел на Кенија, а првичните анализи покажуваат дека најверојатно се отруле со рајчици загадени со цијанид, соопштија кениските служби за заштита на дивиот свет.
Надлежните засега не откриваат кој би можел да стои зад контаминацијата на рајчиците од фармите што се наоѓаат во близина на Националниот парк „Амбосели“. Во минатото постоеле сомневања дека дел од земјоделците намерно ги труеле слоновите за да ги спречат да ги уништуваат посевите.
Националниот парк се граничи со подрачје каде што земјоделството и сточарството се главни стопански дејности.
Генералниот директор на Кениската служба за заштита на дивиот свет, Ерустус Канга, изјави дека прелиминарните лабораториски анализи потврдиле присуство на цијанид.
„Цијанидот е исклучително токсична хемикалија, особено за слоновите“, изјави Канга.
Од службата предупредија дека контаминацијата може да има многу пошироки последици, бидејќи на истото подрачје пасат и домашни животни.
„Освен слоновите и другите диви животни што се хранат на тие полиња, таму има и кози и говеда. Доколку се потврди присуството на цијанид во животната средина, последиците би можеле да бидат многу посериозни“, предупреди Канга.
Надлежните институции наведуваат дека токсичните материи пронајдени кај угинатите слонови во моментов не претставуваат непосредна опасност за здравјето на луѓето.